ХРАБРОСТ

ВМРО-ДПМНЕ не може или не сака да разбере дека ако се протестира против конкретна политика на Владатане значи дека си априори против ВМРО-ДПМНЕ, односно си за СДСМ

Личноста може да стане слободна преку непослушноста, учејќи се да и’ се спротивставува на моќта. Но, не е само способноста за непослушност услов за слобода; и слободата е услов за непослушност. Ако се плашам од слободата, јас не се осмелувам да речам „не“ и не можам да имам храброст за непослушност. Слободата и способноста за непослушност се неразделни; оттаму, секој општествен, политички и религиозен систем што прокламира слобода, а ја сузбива непослушноста, не може да ја говори вистината.

(Ерих Фром)

Токму студентските протести во средата, кои се совпаднаа со светскиот ден на човековите права, е причината зошто колумнава ја започнувам со цитат на Фром, кој беше еден од идеолошките гуруа на хипи-движењето. За нас (хипи генерацијата) беше непоимливо да не го читаме Фром, особено неговите, според мене, најзначајни дела „Бегство од слободата“ (Escape from Freedom) и „Здраво општество“ (The sane of society). Студентските протести за мене претставуваат први вистински протести кои имаат чист политички карактер, а не партиски предзнак. Кога велам први, мислам на периодот од осамостојувањето па до денес.


Разочарувачки е фактот што владејачкото мнозинство студентските протести веднаш во духот на класичниот болшевизам ги „диференцираше“ како политичко – партиски протести секако на опозицијата. Опозицијата (читај СДСМ) си остана на ниво на својот „зомби стил“. За жал, ниту од овие настани нема да повлечат поука. Нивни познати „фаци“ со јавните повикувања „да се придружиме на протестите“ само и’ дадоа „аргументи“ на власта и патриотските медиуми на овие протести да им залепат партиски предзнак. Не разбираат дека токму нивното бојкотирање на парламентот ги оневозможува ваквите чисти политички настани да се канализираат преку институционалните канали и алатки на парламентарната демократија, без разлика колку овие алатки и канали кај нас се редуцирани, а со тоа на тој начин да добијат политички поени кај јавноста.

ВМРО-ДПМНЕ, за жал, не може или не сака да разбере дека ако се протестира против конкретна политика на Владата (некаков државен испит) не значи дека си априори против ВМРО-ДПМНЕ, односно си за СДСМ. Дали ВМРО-ДПМНЕ, односно неговите спин-доктори помислиле колку од студентите кои протестираа во Скопје и Битола на последните избори тие или нивните родители гласале за ВМРО-ДПМНЕ. Понатаму, ако мене лично ми се допадна обновата на Стариот театар, тоа не значи дека јас го одобрувам проектот „Скопје 2014“. Ако сум против антиквизацијата, односно како што веќе напишав дека јас сакам да си останам Македонец со словенски корени, не значи дека сум за СДСМ.

Еве и неколку историски паралели токму на студентски демонстрации и немири. Да почнеме од оние најпознатите од 1968 во Париз. Шарл де Гол извади и тенкови на улица, ама ниту еднаш не рече дека зад студентските немири стои опозицијата, односно комунистите на Жорж Марше. Маршалот Тито студентските немири во Белград, Загреб и Љубљана, ги оцени со онаа позната реченица: „Студентите се во право“, бидејки не се демонстрираше ниту против државното уредување. Ајде од поблиското време. Во декември 2010 година во Лондон се одржаа масовни студентски демонстрации против усвојувањето на законот со кој се зголеми партиципацијата за студирање. Лично ги следев демонстрациите токму од прозорецот на една канцеларија на британскиот парламент. И тогаш владата и парламентарното мнозинство не ја обвинија опозицијата дека стои зад тие демонстрации, иако британската опозиција многу транспарентно, а во парламентот многу жестоко се бореше против тој закон. Интересен е фактот дека и тогаш на студентите во Лондон им се придружија средношколците, ама на ниту еден директор не му падна на памет да става катанци на училиштата и на тој начин да ги препречува учениците да учествуваат во протестите. Што се случуваше во средните училишта кај нас видовме.

И уште нешто, по мај 1968 година, изгледаше дека Де Гол ќе ја загуби власта, но со поддршка на армијата ги доби наредните избори со големо мнозинство во парламентот. Без разлика на тоа, тој поднесе неотповиклива оставка кога во 1969 година загуби на референдумот, со кој предлагаше поголема децентрализација. Сето тоа беа последици од студентскиот бунт. По студентските немири во 1968, во некогашна СФРЈ режимот остана, но во политички и идеолшки смисла започна рушењето на еднопартискиот систем, кое делумно потоа беше и официјализирано преку Уставот од 1974 година и тоа од една страна јакнењето на државотворноста на републиките, а наместо политички плурализам Кардељ ни воведе плурализам на „самоуправни интереси“, но сепак се чувствуваше крајот. Ама ова „нашиве“ политички елити не ја научиле ниту сопствената историја, а камоли да ја знаат југословенската, европската или светската. И затоа кај нас остана на пример типичното болшевичко етикетирање и диференцијација. Па така 1991 година сите кои гласаа за ВМРО-ДПМНЕ беа жигосани за бугарофили, додека од „другара страна“ беа комуњари и југоносталгичари! Оваа поделба сега речиси и да ја нема, ама затоа имаме пострашни поделби, на патриоти и предавници, односно на „демократски елити“ (опозиција) и „авторитарни елити“ (власт).

Во суштина и едните и другите ја покажуваат својата исцрпеност. Лидерите на формалната опозиција (читај СДСМ), која од 2006 па до денес ги губи сите можни избори сега својот „спас“ го гледаат во бојкот на парламентот. Ама кога имаш 30 проценти од парламентарните фотелји, па без разлика колку да е ова власт „авторитарна“, сепак може многу повеќе да се направи преку парламентот отколку како „зомби“ да шеташ и во така одамна зачмаениот политички простор. Токму тоа странците не го разбираат кај нашата опозиција и затоа нема подршка за бојкотот.

Да се вратам на студентските демонстрации од средата, а и со тоа на мојата хипи-младост и на Ерих Фром, кој, меѓу другото, пишува: „Се’ додека е послушен кон моќта на државата, црквата или јавното мислење, тој се чувствува сигурен и заштитен. Всушност не е ни важно на која моќ и’ се покорува. Таа е секогаш некоја институција или луѓе кои применуваат сила на овој или на оној начин и коишто прокламираат сезнаење и семоќ кои всушност се лажни. Послушноста го прави дел од моќта што ја обожава и затоа се чувствува силен. Не може да згреши, бидејќи таа одлучува за него; не може да биде осамен, бидејќи таа бдее над него; не може да направи грев, бидејќи таа не му дозволува, а и да стори грев, казната е само начин за враќање кон семоќната моќ“.

Зарем во ова не се препознава нашата општествена реалност? Сакам да верувам дека токму студентските протести го направија првиот значаен чекор кон рушење на ваква моќ.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com