ХЕРОИТЕ ОД БИТОЛСКОТО МУЗИЧКО УЧИЛИШТЕ

Со објавувањето на сторијата за хоророт во Музичкото училиште, Си-Ен-Ен ни покажа дека професионалното новинарство и маркетингот се две тотално различни работи

Во целокупната општествена и политичка бизарност, во која веќе со години живееме, сепак, се случуваат и убави, или подобро речено, позитивни работи. Барем за мене, неделава вистински херои (ова го мислам без трошка патетика) се учениците од Средното музичко училиште во Битола, кои навистина храбро излегоа да протестираат, барајќи елементарни услови за одвивање на наставата и ништо повеќе. Нивната сторија дојде дури и на Си-Ен-Ен, каде што условите во ова средно училиште беа споредени со условите на ментална установа (читај лудница) од времето на Втората светска војна.
Така, Битола, градот на конзулите, градот во кој учел и според некои и „ашикувал“ Кемал Ататурк, градот на Филмскиот фестивал „Браќата Манаки“, ама и на ТАТ, сега светската јавност ќе го запознае и преку ужасни средни училишта. Да потсетам дека Си-Ен-Ен е еден од најважните странски медиуми на кои се рекламираме и како туристичка дестинација и како најдобра дестинација за инвестиции и, секако, „дуинг бизнис“ или, по наше, правење алашвериш. Во исто време Си-Ен-Ен ни покажа дека професионалното новинарство и маркетингот се две тотално различни работи. Односно, иако како држава плаќаме дебело за рекламирање (колку, ќе дознаеме еден убав ден), професионалното новинарство е над се’. Ние остануваме и понатаму клиент на Си-Ен-Ен, секако, во духот на рекламата Macedonia for ever (Македонија вечна).

За жал, кај нас овој настан помина речиси незабележително. Надлежниот министер, ама и локалната самоуправа на чело со градоначалникот се однесуваат според онаа „извините, ја нисам одавде!“ Медиумите, пред се’, оние „патриотски“ не објавија ниту вест. Оние, демек, „демократски“ и „професионални“ медиуми и новинари сега повеќе се занимаваат со самите себе, односно, сега редовно со патриотите се препукуваат кој имал бизнис, фирма, или невладина. А на најголемиот „демократ“ и „професионалец“, „другарот“ Геро, му пречиме и ние, според него „лигуши“, кои се дрзнале да кажеме дека новинар е новинар, а не и бизнисмен, па без разлика дали добива пари од владини тендери, снима реклами и готвачки рецепти. Или како другарот Геро е ангажиран активист и борец за слободата на медиумите и слободата на говорот.

Ама другарот Геро и бесплатно обучува млади новинари, барем така пишуваше на неговиот портал! Верувам дека младите новинари ќе научат од Геро што е вест и како се прави вест… ама ме интересира дали научиле дека таа „бесплатна“ обука е платена со пари на УСАИД. Значи, ако не мислиш како Геро, тогаш, ете, овој голем борец ќе те прогласи за „лигуш“, за квазианалитичар (патем никогаш за себе тоа не сум го рекол), односно со класичните методи на авторитарните режими (фашизам, болшевизам) ќе се обиде да те дискредитира. „Другарот“ Геро пишува, демек, кога сум сакал да се „ухлебам“ во „Дневник“, тогаш не ми пречеле вакви новинари-бизнисмени. Е па, Геро, изгледа во својот демократски занес забораваш дека „Дневник“ кога јас се „ухлебив“ (со договор за дело, а не редовен работен однос), беше во сопственост на германската компанија ВАЦ. „Другарот“ Геро ме предупредува дека актуелната власт кога ќе ги „истроши“ внатрешните непријатели (демокративе), ќе се сврти и кон нас „независните лигуши“ и ние ќе завршиме на „кланица“. Геро намерно заборава дека кога се „ухлебив“ во „Дневник“, ја имав преживеано кланицата на СДСМ – тогашната генерална директорка на МРТВ, Стошиќ, ме избрка од работа. Така, другар Геро, јас имам искуство од политичко колење и тоа уште во времето на процесот на распаѓање на некогашната заедничка држава и, како што гледаш, се’ уште ги изразувам своите лични ставови.

Инаку, државата и сите ние од саботата веќе влеговме во предизборната еуфорија карактеристична за држави со ниска политичка култура. Иако знаеме кога ќе се одржат претседателски избори, се’ уште немаме кандидати, барем од големите политички партии. ВМРО-ДПМНЕ со своето разбирање на демократија и, воопшто, функционирање на државата, на конкурс ќе избира кандидат за претседател. Дали можете да си претставите актуелниот претседател, кој пред пет години беше избран како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, да поднесе молба на конкурсот за избор на кандидат за претстојните претседателски избори?! Богами, тоа го има само во Macedonia for ever. Професорката Билјана Ванковска, која ја најави својата кандидатура како независен кандидат, верувам дека е свесна оти би било чудо (сакате божјо, сакате општествено-политичко) да победи на претстојните избори. Многумина ќе се прашаат кој е мотивот. Ние кои можеби подобро ја познаваме сме убедени дека Ванковска со својата интелектуална независност, која на моменти личи и на тврдоглавост, сака едноставно да ја урне онаа психолошка бариера, па ако сакате и страв, дека индивидуата кај нас не може ништо да направи, односно да смени. Јас лично ќе потпишам изјава со која ја поддржувам нејзината кандидатура, иако нема да гласам на претседателските избори.

Иако кампањата се’ уште не е ниту почната, опозицијата почна да кука дека иако е изменет Изборниот законик, власта со фрлање лопати, сечење ленти и поставување камен-темелници веќе го крши. Не е така. Во законот пишува дека ленти, лопати и камен-темелници не смее да има за време на предизборната кампања, која започнува дваесет дена пред изборите. Тоа што, на пример, власта не смее да го прави е да вработува нови луѓе во администрацијата или во јавните претпријатија од денот на распишувањето на изборите. На овие обвинувања, кои, барем засега, не држат, ВМРО-ДПМНЕ со право одговара дека СДСМ уште сега бара алиби за претстојниот изборен пораз. Ако има парламентарни, што е сигурно, тогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе си укнижи уште една победа на своето партиско конто, пред се’, благодарение на „канцерогеноста“ на СДСМ, а не на проектот „Остваруваме“. За жал, СДСМ немаше политичка волја да направи вистински и суштествени измени на Изборниот законик, како што е изборен праг, потоа, отворени партиски листи и тоа што е најважно – забрана на предизборни коалиции, односно чешкиот модел, каде што за коалиции (како што се на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ) изборниот праг да биде до 20 проценти. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се плашат од вакво нешто, бидејќи и двете партии би изгубиле барем по 7-8 пратеници.

Се оди дотаму што за новите политички субјекти, како што е Алијансата за позитивна Македонија и ГРОМ, јавниот сервис не е должен да ги покрива нивните предизборни активности во оној термин кој е определен за рамноправно информирање, туку според упатството на Советот за радиодифузија, тие се ставени во терминот други вести од републиката. Ептен демократски богами – „сто два посто“!? И кога на 13 или на 27 април (термини кога е можно да се одржат парламентарни избори) СДСМ ќе загуби, пред да почне да кука и обвинува за нефер и недемократски избори, нека се запраша колкав е нивниот сопствен демократски капацитет и што направиле кај нас еднаш да заживее вистинскиот пропорционален модел, барем според општите препораки на Венециската комисија. Ама ако „големите партии“ не сакаат демократија, односно не сакаат вистински промени, ние, граѓаните, како индивидуи имаме можност барем да ги започнеме тие позитивни процеси.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com