Хајндел си отиде сега ја чекаме Нулан

Молчеливиот посебен пратеник на Германија Амбасадорот Јоханес Хајндел си замина. Во духот на класичната дипломатија Хајндел делува од една страна дискретно но по се изгледа настапува доста цврсто и енергично. Ова е посебно важно ако се има предвид нашата политичка криза во која се инволвирани четири страни со типична балканска политичка култура.

Имено Хајндел пред заминувањето изјави. Мора да се најде решение уште пред одморите. Односно како да се обезбедат услови за фер демократски и кредибилни избори а во истовреме како да се обезбеди непречено работење на СЈО. Амбасадорот Хајндел по средбите со тројцата партиски лидери Ахмети, Заев и Тачи, не даде никаква конкретна изјава. Лидерите секој на своето. Заев папагалски повторува дека ако има политичка волја можат многу брзо да се решат сите прашања и во октомври најдоцна ноември да се оди на избори. На „чоеков“ кој одамна е изгубен во времето и просторот и кој е влезен во филм на нов месија кој ќе ни ја донесе демократијата, по се изгледа треба да му се нацрта за да разбере дека ако нашиве политички елити во изминативе 25 години имаа трошка политичка волја да направат држава според демократските стандарди и принципи сегашната криза а и се она што како граѓани го преживеавме немаше да се случи. Ахмети ја истакнува кооперативноста и отвореноста на ДУИ за изнаоѓање на излез од кризата, ама затоа сега тие во ДИК се противат на усвоената методологија за оние 40 илјади граѓани. Тачи песимистички утрвдува дека меѓународната заедница недоволно врши притисок врз власта за да се прифати договорот од Пржино. Груевски го нема во државата. Според соопштението на партијата цела недела е на свадба кај пријател во Италија!? Типично објаснување и оправдување во духот на нашата фолклорна политичка култура. Ама ајде да видиме дали Груевски ќе има „храброст“ од свадба во Италија да отиде и на „Ивкова слава“ и да ја избегне и Нулан која доаѓа во понеделник.И така како што вели народот „кучињата лаат ама карванот на власта си тера понатаму. И дека тоа е така покажува вчерашна средба не преговарачките тимови на четирите партии. Додека ВМРО-ДПМНЕ зборува за мал позитивен чекор ДУИ повторно за нивната отвореност кооперативност ама не ги даваат оние 40 илјади граѓани, СДСМ беше дециден напредок нема. Претставникот на ДПА дури не најде за сходно да даде било каква изјава па затоа останува онаа на Тачи. А дека карванот на владеење си продолжува по својот пат познат како „Остваруваме“ продолжува. Во тоа звучи парадоксално ама одлично му помага опозицијата која не знам по кој пат повторно ја нема во Парламентот. Па така се „Оствари“ Законот за новиот државен универзитет Даме Груев кој патем само што стапи во сила беа донесени измени на предлог на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Замислете на овој универзитет во програмата за додипломски студии ќе може предавањата да се одвиваат на еден од официјалните јазици на Европската Унија. Се прашувам дали „предлагачите“ знаат колку официјални јазици има во ЕУ. Ако не се лажам над дваесет, патем на пример Словенечкиот, Естонскиот, Хрватскиот, Бугарскиот и како што реков уште дваесет се службени и рамноправни јазици на ЕУ. Дали предлагачите познаваат во која друга европска држава на државните универзитети во додипломските студии наставата може да се одвива на некој друг јазик освен на официјалниот јазик на државата. Да расчистиме едно е да дојде визитинг професор и да одржи едно или неколку предавања а друго е наставниот јазик да биде странски.

Е па сега дали во рамките на „Остваруваме“ како успех Владата ќе ни го продава и одлуката на Брисел за замрзнувањето на околу 70 милиони евра од ИПА фондовите. Пари кои требаше да се искористат за пругата кон Бугарија. Добро Македонија се покажа дека воопшто не е кадарна преку квалитетни програми да ги искористи средствата од ИПА фондовите кои ако не се лажам изнесуваат околу 400 милиони евра, така да овие се само капка во море. Ама затоа и те како не бидува за кредити од Кина или како да продадеме еврообврзници. Нејсе замрзнувањето на овие средства треба пред се да го гледаме од политички аспект како многу јасен сигнал дека Брисел сериозно почнува да притиска врз актуелната Влада а пред се кон водството на ВМРО-ДПМНЕ. Мислам дека и доаѓањето на госпоѓа Викторија Нулан е во таа насока. Нема да ме изненади ако Нулан без око да и трепне на нашиве лидери пред се од владејачкото мнозинство да им рече Fuck of guys your show is over. Ако е точна информацијата дека Нулан нема да се сретне ниту си премиерот Димитриев ниту со нашата „павлиха“ (дворски шут) Иванов туку поред лидерите на политичките партии, ќе се сретне само со Катица Јанева јасно зборува дека американската администрација ги „отпишала“ нашите „државници“. Во тој прагматично булдожерски дух на американската дипломатија е и вчерашниот пост на ф/б профилот на Амбасадата на САД со наслов Support for the Rule of Law in Macedonia (Го поддржуваме владеењето на правото во Македониа). Дали ова треба да го разбереме дека Вашингтон а со тоа и Брисел кои досега стабилноста на државата секогаш ја ставаа пред демократијата, владеењето на правото и човековите права и слободи сега го менуваат овој курс. Односно по се изгледа дека и странците дефинитивно сфатија дека долгорочна стабилност не е можна без владеење на право и правна држава, без вистинска демократија и без почитување на човековите права и слободи, вклучувајки го и правото на слобода на изразувањето без кое нема слобода на медиумите. За жал по се изгледа дека странците исто така сфатија дека кај нас барем засега нема доволно критична маса која ќе може тие промени да ги започне ама и да ги заврши, па затоа е за очекување сепак да продолжат тие да ја водат играта која често пати сите ја доживуваме како нивно мешање во нашите внатрешни работи. Делува фрустрирачки нели, ама за тоа сме сами виновни. Сете се дека деновиве се обидуваме повторно да го заштитиме ГТЦ пред наездата на стиропорот и барокот. Ама заборавивме дека пред една година во општина Центар пропадна референдумот токму за заштита на ГТЦ, од причина што ја немаше онаа потребно законска излезност на жителите од општина Центар. Факт кој јасно зборува какви сме ние како граѓани односно колку и до каде се простира нашата одговорност. По се изгледа не излегува од оној најтесен на моменти и лукративно егоистичен порив за добробит на мене и моите најблиски а тоа што се случува со мојот комшија да не речам со државата мене не ме интересира. Во изминативе 25 години на самостојност плус времето од 45 години во СФРЈ кога сепак имавме многу елементи на државност, не успеавме да ја создадеме таа граѓанска критична маса. Прашање е дали сега младите пред се оние од Студентскиот пленум, „Шарените“ па ако сакате и оние осумдесетина невладини кои бараа таканаречено „пето столче“ ќе ја создадат таа критична маса … Сепак историјата на сите држави не учи дека сепак политичките субјекти се тие кои креираат авторитарни држави или создаваат демократско општество кои градат функционални државни институции во кои се работи според законите и владеењето на правото, а не партиските интереси и вакви и онакви тефтерчиња. Дури тогаш може да има вистински невладин сектор кои ќе биде и коректив на политичките субјекти без разлика која партија или коалиција е на власт. За жал пред дваесет и пет години ние почнавме тотално обратно и невладиниот сектор стана најобичен приврзок на оваа или онаа политичка партија. Ајде сите да веруваме ама и нешто да направиме работите сепак да ги поставиме на право место.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com