ХАН ДОЈДЕ, СТРУЈАТА НИКАКО

Во некои села на планината Јабланица нема струја со денови. Колку овој проблем се вклопува во она што го викаме општи човекови права, односно функционирање на државата

Настаните кои се случија неделава и навестувањето дека во април до година ќе имаме нови, веќе не знам кои по ред, предвремени избори уште еднаш покажаа дека чувството за државотворност кај нашите политички елити (актуелни и бивши) одамна се изгубило во транзицијата која трае ли трае. Еврокомесарот Хан кој во вторникот повеќе од осум часа ги убедуваше „нашиве“ да ги прифатат предлозите на ЕК, периодот до април 2016 година, кога ќе имаме нови избори, го нарече „транзициски период“. Еврокомесарот Хан на нашиве балкански политички „мангупчиња“ им понуди, ако бидат добри, награда, европска перспектива на државата. Со други зборови, еврокомесарот Хан во вторникот, по се’ изгледа, цело време на маса имал „морков“ (читај, евроатлантска иднина на државата), ама откако му станало јасно со какви политички лидери си има работа, во финишот од преговорите го вклучи и американскиот амбасадор кај нас, Бејли. Американците во вакви ситуации на Балканот секогаш многу транспарентно на маса го ставаат пред се’ „стапот“. Разговорите во вторникот, сепак, навестуваат дека е можно институционално решавање на кризата. Како, со која и каква влада, да се надеваме дека нашиве ќе се договорат на идната средба која ќе се одржи во Брисел на 10 јуни по враќањето на Хан од Вашингтон. Да се обидеме малку подетално да анализираме што е договорено. Ако имаме сега транзициски период од десет месеци, се поставува прашање дали ќе имаме и некаква транзициска преодна влада или останува оваа истата? Иако од „нашиве“ нема никаква изјава, сепак од СДСМ доаѓа соопштение дека ако на средбата во Брисел не се договори преодна влада, договорот од вторникот отпаѓа. Што се однесува до нашата евроатлантска перспектива која зависи од нас самите, ама и од блокадата која веќе подолго од две децении ја доживуваме од нашиот јужен сосед, Хан сега ни понуди некаква нова „хермафродитна форма“ во процесот на нашата интеграција во ЕУ. Хан ја следи логиката на својот претходник, Чехот Филе кој го воведе таканаречениот дијалог на високо ниво. Сите знаеме дека од ова немаше никаков ефект. Ниту ние добивме датум за почеток на преговори (Грција повторно блокираше), а богами ниту кај нас нешто се смени на добро кога станува збор за владеењето на правото, независноста на судството, слободата на изразување… Сега Хан навести дека, иако формално Европската комисија не може да го отпочне скринингот, сепак ќе се отвореле двете најзначајни поглавја (23 и 24) кои ги опфаќаат сите најчувствителни прашања. Од она што се вика демократија, преку владеење на правото, независно судство, слободата на изразување, независност на медиумите па се’ до корпусот на општите и посебните човекови права и слободи кои мора да ги обезбеди државата.

Со други зборови, Европската комисија ќе се обиде во овој транзициски период од десет месеци да ги среди сите овие прашања, плус да се пречисти Избирачкиот список, а тоа подразбира и одржување на пописот. И така во април ќе имаме вистински демократски фер избори на кои ќе победи подобриот. Замислете нешто што не сме успеале да го оствариме за 25 години колку што ни трае транзицијата, а ете сега ќе го решиме со помош на ЕК за десет месеци. Богами ако досега Владата се фалеше дека работи 24/7, сега бидејќи сето ова мора да помине преку парламентот, Собранието секако во полн состав ќе работи и повеќе од 24/7. Одлична политичка фантастика која пали овде на Балканот.

Сите овие настани, благодарение на интернетот и мобилниот, ги следев на планината Јабланица заедно со мојот пријател Боро. Пред речиси две години напишав колумна со наслов „Сточарот Боро“ кој живее во селото Јабланица на истоимената планина, а од мај па до ноември своето стадо овци го пасе во атарот на повисокото село Лакавица. Село кое, за жал, е напуштено, ама во овој период заживува. Покрај Боро има и неколку фамилии кои си ги обновиле куќите и тука го поминуваат летото. Некој ќе рече зошто сега се навраќам на овој „обичен човек“ Боро кога во државата ни се случуваат „историски настани“. Ама за Боро и неговото семејство (живее заедно со неговиот син и петте внуци) историски настан ќе биде кога Дистрибуција (како што вели тој) ќе му пушти струја. „Знаеш, од почетокот на мај сум тука со жената и најмалиот внук, за викендите доаѓа и синот со другите деца, а еве кога за некој ден ќе заврши школската година и како и во минатите години сите ќе се собереме тука, ама струја се’ уште нема“, ми се жали Боро. „Овие од Дистрибуција беа тука, рекоа дека за ден-два ќе ја поправат, ама од тогаш еве веќе поминаа речиси две недели и ништо. Овде во планинава зимата и снегот прават проблеми, ама порано Дистрибуција многу побрзо ги решаваше, а сега од година во година е се’ полошо. Зимава во селото Јабланица дваесетина дена бевме без струја, а богами често ни се расипуваат и апаратите, сервисерите велат струјата била причина. Но затоа овие од Дистрибуција никогаш не доцнат кога треба да наплатат“.

И тука се правам малку паметен и го поправам: „Мислиш, овие од ЕВН“. Боро само одмавнува со глава и вели знам, ама за нив си останува старото име Дистрибуција, додека петролејката трепери. „Ние сме сами, нема струја, мобилниот ми е празен, фрижидерот не работи и размислувам дека ќе мора да купам уште и генератор. Синот ќе дојде за два дена, па ќе можам да го наполнам телефонот на неговиот автомобил. Јас со мистријата стигнав до Словенија и Австрија пред триесетина години. Таму две сезони работев претежно во села високо во Алпите, ама таму до секоја куќа има струја и пат и не може да се замисли да нема струја со недели затоа што паднале 2-3 бандери и тоа во јуни. Знаеш и лани до средината на јуни немав струја“.

И што сега малку наивно прашувам. „Ништо, ќе чекам овие од Дистрибуција да ја направат струјата, јас сум обичен човек, сточар, ниту некого познавам, ниту пак знам каде и на кого да се жалам“, вели Боро. Колку овој проблем (нема струја) во својата бизарност се вклопува во она што го викаме општи човекови права, односно функционирање на државата? И зошто во нормални држави, на пример Австрија од каде што е и нашата „Дистрибуција“ (ЕВН), вакви проблеми се решаваат многу брзо и ефикасно? ЕВН е приватна компанија и кај нас и во нејзината матична држава, ама нуди услуги кои се од јавен интерес и би било нормално државата да води грижа како се остварува тој јавен интерес. Зошто нашите политички лидери, кога ќе ја освојат власта, забораваат на обичниот човек и неговите проблеми, забораваат на своите ветувања ама и на правата кои преку ефикасно функционирање на државата мора да се обезбедат за секој граѓанин. За десет месеци ќе имаме нови избори, ама не сум убеден дека многу од овие прашања ќе се променат на добро. Јас не верувам дека актуелните политички лидери, па дури и политичките партии, имаат желба а и способност нешто посуштествено да променат.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com