ХАЛАЛ ПАЗАР

Во светот халал пазарот вреди неверојатни 2,3 билиони долари. Во Европа халал пазарот врти околу 70 милијарди долари. Во нашиот регион халал пазарот е тежок околу 2 милијарди долари. Ние сме на самото дно

Неделава министерот за економија најави дека неговото министерство одделило 500 илјади денари за развој и придобивање на халал стандарди. Како што самиот рече, тоа се мали средства ама добро што се започнало да се размислува за воведување на халал системот, а со тоа и наша поголема присутност на пазарите каде што исклучиво важат халал стандардите. Халал е арапски збор и значи работење според законите, односно според дозволеното. Спротивно на ова е харам (кај нас овие два збора ги употребуваме како алал и арам) значи нешто што е во спротивност на законот, односно недозволено.
Кога ќе се споменат халал стандардите најчесто се мисли на месо и месните производи (забрана на консумирање на свинското месо). Но, не е така, халал системот и стандардите се однесуваат на целокупната прехранбена индустрија, млекото и млечните производи, кондиторската индустрија производство на мед, понатаму во некои делови на хемиската индустрија, фармацијата и козметиката, кожарската индустрија па дури и во производство на вода за пиење. Денеска во светот околу 1,8 милијарди луѓе припадници на исламската вера живеат според халал правилата и стандардите. Еден вид халал стандарди има и во банкарскиот систем, но тоа е друга приказна. Да додадеме и дека покрај халал системот денеска е присутен и таканаречениот кошер систем, кој се однесува на припадниците на еврејската религија и кој во однос на месото и производите од месо е речиси идентичен со халал системот.

Тоа што е посебно значајно, а по обичај ние секогаш доцниме, е фактот дека халал пазарот во светот е тежок неверојатни 2,3 билиони долари! Од ова само халал пазарот на прехранбени производи врти годишно околу 850 милијарди долари. Бројки од кои навистина боли глава. Тоа што на прв поглед е парадоксално е фактот дека најголеми производители и извозници на халал производи (прехранбени и други) не се муслимански држави, туку западните високо развиени држави. Така најголеми производители и извозници се САД, Бразил, Канада, Аргентина, Австралија, Нов Зеланд, Франција… Што значи да си присутен на халал пазарот најдобро покажува примерот на „Нестле“, која со воведување на халал стандардите својот профит го зголемила за 50 проценти.

Во Европа халал пазарот врти околу 70 милијарди долари, од што најголем консумент е Франција. Интересно во нашиот регион халал пазарот е тежок околу 2 милијарди долари. На пример, Србија извезува халал производи за околу 200 милиони долари, тука некаде е и Хрватска, која има над 30 фирми кои имаат сертификат за халал производи, а во Оман отвори таканаречена хрватска халал куќа во која се презентираат хрватските халал производи. Во Загреб и во Белград има референтни лаборатории за халал стандардите, додека сертификатите за халал производи ги издаваат Исламските верски заедници. Европското тело за стандарди, заедно со турскиот Институт за стандардизација, работи на подготвување на европски халал стандарди.

Каква е состојбата кај нас? Во Македонија прв сериозно почна да се занимава со воведувањето на халал стандардите фирмата „Фуд консалтинг“ и госпоѓата Александра Марковска, која е и првиот верификуван обучувач за воведување на халал системот. Во моментов во државата имаме само уште еден ваков експерт и тоа во Стопанската комора на Македонија. Халал сертификати за свои производи кај нас имаат само 11 фирми меѓу кои се „Ука комерц“, „Алкалоид“, „Бага компани“, „Виго 48“, „Виталија“, „Макпрогрес“… (се извинувам на оние кои не ги споменав). Самите овие квантитативни податоци ја потврдуваат тезата на министерот за економија дека ние сме на самиот почеток кога станува збор за присутност на европскиот и светскиот халал пазар. Сега многу ќе речат дека Владата треба нешто да направи за да можат нашите фирми да извезуваат на халал пазарот. Ова е само делумно точно (се сеќавам кога премиерот беше во Мароко тогаш не беа малку оние кои тврдеа дека сега Македонија се откажува од Европа и се врти кон неврзаните).

Кој ни забранува и што е потребно Владата да направи за да извезуваме халал производи во Европа или во регионот. Кај нас престојуваше и шеикот од Катар со многубројна стопанска делегација, ама немам слушнато дека некоја наша компанија склучила бизнис-зделка за извоз во оваа богата држава.

Халал пазарот и во оваа светска криза останува еден од најдинамичните и економски атрактивни пазари. За едно мало стопанство како што е нашето можностите на овој пазар секако се големи и би требало да бидат економски предизвик. Ама нашите бизнисмени мали или големи во овие дваесетина години покажаа многу мало знаење, иницијативност, а богами и храброст за освојување на странските пазари. Но затоа максимално се поврзани со политиката (без разлика за која Влада станува збор) и кога нешто не им оди тогаш најчесто е виновна Владата (која било) и бараат помош. А ако Владата не може да помогне, тогаш им преостанува само да погледаат во небо и да речат „Како господ не е никој“. Арно ама Бог кој е единствен за сите вери, вели – прво помогни си сам, па потоа јас ќе ти помогнам. Е, ова кај нас одамна го заборавивме. Богами тоа е харам.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com