ФИЈАСКО

Реално, најзаслужни за нашата положба сме ние самите. Дваесет години слушаме како сме биле лидери во ова или она. А освен пресудата од Хаг немаме успех на нашата надворешна политика

И така, Самитот на шефови на држави на ПСЈИЕ, заврши уште пред да почне. Претседателот Иванов во средата притисна „cancel“ и го откажа Самитот. Иванов е во право кога вели дека на Балканот се’ уште се присутни оние стари предрасуди и апсурдни антагонисти кои најчесто се темелат на идејата за некакви „големи“ држави. Загрижува фактот дека се’ уште некои држави во регионот на Македонија гледаат како на паричка за докусурување на тие предрасуди и антагонизми.

Секако дека откажувањето на Самитот на многу транспарентен начин ја покажува реалната слика и состојбите во регионот со што Балканот како регион повеќе од еден век се нарекува буре барут. Стејт департманот на САД изразува жалење за ваквиот исход на ПСЈИЕ истакнувајќи дека претседателот Иванов и неговиот кабинет напорно работеле да организираат позитивен и продуктивен самит. И сега како ова да го сфатиме? Како мелем на рана или како морков што е еден од двата реквизити на американската надворешната политика (вториот е палка). Без разлика на вакви и слични „пораки“, сепак, останува горчливата пилула дека токму за време на нашето претседавање со ПСЈИЕ за прв пат се случува вакво нешто, иако на претходните самити токму заради тие балкански предрасуди и антагонизми „имаше“ недоаѓање или испраќање на пониско ниво на средбите. Време е еднаш за секогаш да апсолвираме дека на меѓународната сцена не доминираат принципи, начела или одредби од меѓународното право, туку интереси, кои понекогаш знаат да бидат и брутални за оној субјект кој тоа не го разбрал или пак не знае како да се справи со нив. И ако тука ги додадеме нашите балкански предрасуди, историски антагонизми и искомплексирани мегаломански идеи работите стануваат уште по компликувани. Понатаму, крајно време е да научиме како континуирано да ги артикулираме своите интереси на меѓународната сцена и како тие интереси да ги оствариме или заштитиме.

Многу точна е констатацијата на Срѓан Керим кога вели дека ни недостасува „институционална меморија“, па сега ни се случува Црна Гора да заговара идеи за регионална соработка која ние сме ја промовирале уште во 2001 година. Тој недостаток лежи во фактот дека нашите политички елити кога ќе дојдат на власт мислат и работат како историјата да почнува со нив…

И да се вратам на соопштението од Стејт департментот и формулацијата „…ние не сме членка на ПСЈИЕ ама изразуваме жалење…“ Точно, ама регионалната соработка како принцип е вграден во безброј меѓународни документи меѓу другото и во документите на НАТО. Грција, Бугарија, Албанија и Романија се полноправни членки на алијансата во која токму Вашингтон го има (неформално, ама фактички) главниот збор, ама убеден сум дека веќе од утре ниту во кулоарите на седиштето на НАТО никој нема да го спомене фијаското на Охридскиот самит а камоли причините за ова да ги бара во „принципиелната“ политика на овие свои членки. Во сите институции на ЕУ постојано се истакнува регионалната соработка како еден од условите за членство во ЕУ. На пример, бугарските европратеници заедно со грчките беа најгласни и поднесоа најмногу амандмани на извештајот на Ховит за напредокот на Македонија токму поврзани со добрососедските односи и регионалната соработка. Ама токму фијаското на Самитот на ПСЈИЕ покажа колку овие членки ги почитуваат тие принципи и вреди притисокот на ЕК врз Грција Бугарија, Романија, да не го откажуваат учеството на самитот.

Некој ќе рече дека сега и јас „плачам“ над нашата „судбина“ или дека и јас сум меѓу оние кои мислат дека постои некаков таен заговор да се уништи македонската држава и да македонскиот народ. Уште помалку сум од оние кои мислат и не’ убедуваат дека ние сме наследници на „воинот на коњ“ и папокот на светот па затоа ни се случува сето ова. Напротив, мислам дека најголем „виновник“ (ако повеќе сакате, најзаслужен) за нашата положба, како во регионот така и пошироко, сме ние самите. Во овие дваесет и кусур години на самостојност од сите политички елити кои се изредија на власта слушавме и слушаме фалби како сме ние „бисер на Балканот“, „оаза на мирот“, лидери во ова или она… Реално гледано, освен пресудата на Меѓународниот трибунал во Хаг тешко можеме да најдеме некој позначаен меѓународен успех на нашата надворешна политика. За жал и тука успехот остана само на хартија. Имплементацијата на пресудата од Хаг и нејзиното почитување како во рамките на НАТО така и во ЕУ не ни успеа.

Но, да се вратам на добрососедските односи и соработката во регионот. На пример, во историските учебници и воопшто кај историчарите на Бугарија и Грција постојат дијаметрални разлики кога се објаснуваат, на пример, Балканските војни токму околу поделбата на Македонија ама никому ништо. На бугарските историчари ниту во сон нема да им текне од своите грчки колеги да побараат да ги коригираат историскиот факти дека за време на втората светска војна Бугарија била на страна на нацистичка Германија и дека окупирала дел од грчката територија. Помирувањето со историските факти и анатагонизми во Европа е веќе одамна завршена работа, ама притоа никој не бара, а уште помалку некој би прифатил да се менуваат или прекројуваат историските факти.

На пример, Словенија никогаш не прифати каков било разговор или пак менување на историјата и историските факти иако некои нејзини соседи (Италија, ама и Австрија) се обидоа да отвораат историски прашања. Верувам дека се сеќаваме како со нескриен „ентузијазам“ прифативме нашите и бугарските историчари заеднички да пишуваат некаква „нова заедничка историја“ без да се помисли на фактот дека бугарската историска наука се’ уште стои на ставот дека се’ што се случило на Балканот после Сан Стефанскиот мировен договор е на штета на бугарскиот народ и држава.

Меѓународната положба на една држава а со тоа и на Македонија во голема мера зависи пред се’ од внатрешните состојби и реалност. И после дваесет години не успеавме да воспоставиме владеење на правото и правна држава. И после дваесет години зборуваме за недостаток и непочитување на демократските принципи, за немање на политички дијалог како основен предуслов за функционирање на парламентарната демократија, и после дваесет години во извештаите на ЕУ и во извештаите на Стејт департментот ни се забележува дека немаме слобода на изразувањето, дека немаме независни медиуми. Е, тогаш треба да ни биде јасно дека нашата меѓународна положба како во регионот така и пошироко е повеќе од загрижувачка. Арно ама како и досега ние ќе се фалиме како ете први во регионот воведуваме дигитализација на телевизискиот сигнал, ќе се фалиме со „Дуинг бизнис“, ама ќе се лутиме два дена, а потоа ќе ја заборавиме оценката на „Стандард и Пурс“ за нашиот рејтинг. Едни ќе се воодушевуваат други на социјалните мрежи ќе се потсмеваат со ново формирани партии. И најновото фијаско со Самитот во Охрид веќе во недела ќе го заборавиме.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com