Фарса

Речиси сум убеден дека ВМРО-ДПМНЕ и овој пат ќе покаже дека „над се’ и’ е државата“, па ќе попушти и ќе прифати некој друг датум, можеби 5 јуни

Тоа што неделава ни се случува дома, од активирањето на оставката на Груевски, преку изборот на новата (привремена или техничка) Влада со нов премиер, па се’ до изгласаната одлука за самораспуштање на Собранието со одложено стапување во сила на 24 февруари, како и однесувањето на опозицијата, само уште еднаш ја потврдува мојата одамна јавно изречена теза дека ние спаѓаме во групата на таканаречени неисториски народи. Односно, народи кои создаваат дури и премногу историја, но за жал, таа историја ниту можат да ја консумираат, а што е најстрашно, ниту учат од неа.

Што долгорочно се случува со вакви народи, односно лоши ученици и нивните, да речеме, некакви држави? Ништо страшно, освен што ги повторуваат истите грешки, а со тоа само ја губат својата иднина и на крајот стануваат дел од историјата. Во 21 век со политикантски одлуки започнува процес на менување на националниот идентитет, па така од словенски корени сега добивме антички. Се прашувам колкумина од тие кои ја донесоа оваа политичка одлука, како и оние кои прифатија да ја спроведуваат (од историчари, археолози, писатели, преку уметници, глумци, архитекти и уште не знам какви не професии и експерти) ги познаваат својата и светската историја. Па така во центарот на Скопје го ставивме „нашиот“ Аце наместо да ги ставиме Светите браќа Кирил и Методиј кои ја описменија половина Европа и кои денеска се прогласени за двајца од четирите светци- заштитници на здружена Европа. Ако ние не знаеме да го цениме тој историски факт, знаат Словаците кои во преамбулата на својот Устав изразуваат благодарност на солунските браќа кои ја донеле писменоста во Моравија.

Чекор по чекор, повторувајќи ги грешките од ненаучената историја која сами ја продуцираме, дојдовме до денешната најголема политичка криза. Криза која иако има 24-годишна генеза сега ја поврзуваме со таканаречените бомби на Заев, потоа беше извештајот на Прибе, а од тоа произлезе и договорот од Пржино. Да не беа Вашингтон и Брисел, реално гледано ќе го немаше договорот од Пржино. Странците одамна не’ прочитаа дека сме лоши ученици, дека немаме доволно државотворни капацитети и така, би се рекло тивко, презедоа во свои раце една основна цел, секако поаѓајќи од своите стратешки интереси. А тоа е да задржат каква-таква стабилна држава и меѓуетнички мир. Странците ниту малку не ги боли уво колку во оваа наша држава има вистинска демократија, имаме владеење на правото и правна држава, како и целосно почитување на човековите права и слободи, вклучувајќи го и правото на слобода на изразување, односно независност на медиумите.

И кога се тргна во имплементацијата на договорот од Пржино, работите повторно се вратија на нашето балканско фолклорно секојдневје. Интересно, најлесно поминаа оние козметички промени на изборниот модел, со што повторно единствено големата партиска четворка има корист, додека малите партии или ќе станат нивни сателити или едноставно нема да постојат. Владејачкото мнозинство се обидуваше (успешно) максимално да ја кочи имплементацијата на договорот од Пржино. Само сетете се што се’ се случуваше со Анкетната комисија, понатаму со Специјалното јавно обвинителство и притисокот врз Катица Јанева. Како одеше изборот на новите членови на ДИК, особено оние тројца експерти, додека избирачкиот список и прашањето со медиумите воопшто не се дојдени на дневен ред.

И кога опозицијата, која ги имаше предноста и енергијата која доаѓаше од народот, поради својата неспособност повторно се изгуби во времето и просторот, ете ти вистински буууум. Овој пат бомбата дојде од страна на власта. Во понеделникот експремиерот Груевски побара да се активира неговата оставка во Собранието, која ја депонира пред една недела. Со тоа формално падна и неговата влада. Ама истиот ден претседателот на државата му го даде мандатот на Емил Димитриев, предложен од страна на ВМРО-ДПМНЕ, како што е според договорот од Пржино. Како нов мандатор, тој истиот ден ја состави новата влада со старите министри. Пратениците од власта ја изгласаа новата влада која има една единствена цел до 24 април да организира и изведе фер и демократски, а странците би рекле и кредибилни избори. Опозицијата не учествуваше во сето ова и најави дека таа нема да учествува на изборите ако тие се одржат на 24 април. И за да биде целата фарса уште поголема, сега самопрогласените новинари и медиуми демократи за сето ова го обвинија еврокомесарот Хан кој заради свои лични (лукративни) интереси ја прифатил одлуката за распуштање на парламентот и одржување на избори на 24 април. „Демокративе“ ја обвинија ЕУ, а некако срамежливо и Вашингтон дека во името на некаква квазистабилност ја продале демократијата. Дури некои од тие големи новинари-демократи јавно се фалеа, цитирам: „Штотуку се вратив од средба со повеќе амбасадори од држави-членки на ЕУ и некои од дипломатите отворено го поставиле прашањето за судирот на интересите на еврокомесарот Хан во Македонија“. Јас ја немам таа привилегија да одам на средби со амбасадори, ама знам дека такво нешто никој од нив нема тоа да го рече пред новинар.

Одлуката на опозицијата од средата вечер е јасна за сите. Тие остануваат во владата и во Собранието до 24 февруари кога стапува во сила одлуката за распуштање на парламентот, односно остануваат во процесот на преговори. И што понатаму? Како да се заборави дека сега следува она што се случуваше пред последните локални избори кои барем засега го издуваа господин Бранко Црвенковски од политичката сцена. И тогаш опозицијата се закануваше дека нема да оди на избори и тогаш власта „тврдо“ стоеше на фиксираниот датум. И тогаш странците малку јавно, многу повеќе дискретно притиснаа, па потоа на двапати се одложуваше рокот. Значи, странците, заедно со „неподобниот“ Хан сега повторно ќе ги земат работите во свои раце.

Речиси сум убеден дека ВМРО-ДПМНЕ и овој пат ќе покаже дека „пред се’ и над се’ му е државата“, па ќе попушти и ќе прифати некој друг датум, можеби 5 јуни. Дотогаш успешно ќе си ја продолжат предизборната кампања. Со тоа што сега Груевски како партиски лидер, кој со закон има право на службено возило и полициско обезбедување, ќе има многу повеќе време да шета низ државата и да презентира владини проекти и програми кои ќе ги реализира кога (за неколку месеци) повторно ќе дојде на чело на Владата. Странците ќе бидат задоволни дека во некоја си „балканска крчма“ успеале сепак да не дојде до некоја тепачка која може да има пошироки последици.

А опозицијата? Е богами, тоа е најголемиот проблем на сите нас граѓаните. Се научивме од првите предвремени парламентарни избори во 2008 година да живееме без вистинска опозиција. И сега некој ќе рече дека ширам дефетизам. Како мој одговор на ова, дозволете да ви го пренесам циничниот, ама во суштина точен пост на ФБ од колегата Кокаланов: „Додека сите вие денеска ширевте дефетизам и песимизам за Македонија, јас бев човек од акција – се распрашав за процедурата за бугарски пасош“.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com