ФАРСА

Пак ја „садевме иднината“, но барем некој да се сети колку дрвја беа исечени во Скопје, во Битола, во Тетово и колку зелени површини беа уништени за да никнат нови барокни згради

Незнам по кој пат неделава повторно се одржа „Денот на дрвото“, односно ја „садевме иднината“. Замислете годинава акцент беше ставен на садење на дрвја во градовите (читај Скопје), каде што продефилираа сите од владејачката гарнитура. Демек на овој начин ќе се подигне квалитетот на животната средина во градот и ќе дишеме подобар воздух!?
А барем некој да се сети колку дрва беа исечени во Скопје, во Битола, во Тетово и колку зелени површини беа уништени за да никнат нови барокни згради. Понатаму, дали некогаш сте виделе Ахмети Тачи или некој министер од ДУИ или нивен градоначалник да учествува во оваа акција? Се прашувам, дали е ова партиска манифестација со наши пари или пак овие од ДУИ ги боли уво за животната средина. Па така „Југохром“ си продолжи да работи, а тетовци, односно цел Полог, и понатаму ќе се дави во максимално загаден воздух, во неуредени депони… И колку да се знае, министерот за животна средина е од ДУИ.

Се фалиме дека од околу педесет милиони дрвца кои сме ги засадиле во сите овие години од како почнала акцијата, над 50 проценти се „фатиле“, односно имаме 12,5 нови дрвца „пер капита“. Ако во бившата СФРЈ еден од политичките слогани на Маршалот беше „Со ваква младина не треба да се грижиме за иднината“, сега со олку засадени дрвца ич уво да не не’ боли за нашата иднина. И така младите си се селат од државата. Први во Европа гарант или се’ е само една голема фарса?

Ама затоа неделава од ДУИ, а и лично од господин Ахмети, дадоа неколку интересни изјави, ама не заборавија да „забиберат“ со малку фарса. ДУИ дефинитивно јавно и експлицитно го „откачи“ СДСМ и двоецот Шекеринска-Заев. Односно, ДУИ нема да биде ниту „бомба“ која ќе го урне Груевски, а уште помалку некаков лост со кој СДСМ ќе се „дигне“ на власт. Ахмети најави дека работите и состојбите налагаат тие како партија да преземат чекори и мерки кои се надвор од нивната партиска програма. Што сакаше со ова лидерот на ДУИ да каже или да навести засега останува само во сферата на шпекулации или на она наше чаршиско нагаѓање.

Затоа чиста фарса беше изјавата на Ахмети и на Бранислав Синадиновски дека тие ќе прават Албанска православна црква во Македонија. Господинот Синадиновски дури и го разбирам – се однесува како отфрлена љубовница па сега како „стара мома“ сака да се удоми. Па на стари години одеднаш го открива својот национален идентитет и ќе прави и црква. Ама двајцата господа треба да знаат дека има Албанска православна црква со седиште во Тирана (Kisha Ortodokse Autoqefale e Shqip?ris? ). Таа е призната од помесните православни цркви. Поглавар е архиепископот Анастасиј (Јанулатос). Затоа сум убеден дека Синодот во Тирана нема да дозволи уште една Албанска православна црква. Тоа што би било канонски е православните Албанци кај нас со благослов на АПЦ, но и на МПЦ, да формираат црковна општина кај нас. Но има еден мал проблем пред тоа, Албанската православна црква би требало да ја признае автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и да дозволи реципроцитет, односно македонска црквена општина во Албанија, на пример во Пустец. Е, тоа грчката и српската црква нема да го дозволат. Инаку, добро е од аспект на основните човекови права ако МПЦ навистина создаде услови православните Албанци кај нас да имаат литургија и на својот мајчин јазик. Се’ друго е само политичка фарса.

Во оваа фарсистична политичка атмосфера која не’ задушува секојдневно и како граѓани и како општество и како држава, свое почесно место имаат и странците. Секогаш кога работите ќе се заострат странците ги собираат нашиве „лидери“ на „викенд парти“ во Маврово. Замислете, овој пат во Маврово, Шекеринска, потоа мојот „омилен министер“, Тодоров и други од првиот ешалон на двете партии разговарале за образовниот систем, секако под будно око на Вилтон парк, односно Британците. Да видиш да не веруваш, вели народот. Добро е што во Британија некаде при крајот на минатиот век го забранија „стапот“ како педагошко средство во образованието, инаку на нашиве лидери задникот одамна ќе им беше „џигер“ направен.

Јасно е дека се разговарало околу создавање на вин-вин ситуација опозицијата да се врати во Парламентот. Па, така, можеби една од „варијантите“ е на пример Владата да го повлече законот за „државен испит“ за студентите, а СДСМ да се фали дека тие успеале да ја присилат Владата да направи чекор назад и да ја признае својата грешка, иако веќе 8 години слушаме дека сите владини политики се „безгрешни“. Мислам дека оваа идеја на Британците не помина. Затоа СДСМ продолжува и понатаму да не’ „дави“ со бомбата на Заев која веќе не е ниту на ниво на петарда. Сега во некои од медиумите од „демократскиот мештап“ читаме дека власта прислушувале новинари и тоа од двата табора „демократски“ и „патриотски“, па затоа некои од патриотиве, наводно, биле ставени на мраз. Ова однесување на СДСМ веќе не ниту фарса ниту бизарност, туку на ниво, што би рекол народот, „лета како мува без глава“. Аферата „Големото уво“ еднаш ја видовме. Тогаш Бранко Црвенковски како лидер на СДСМ имаше „јајца“ и излезе на говорница во Собранието и ја обелодени аферата „Големото уво“. Ако СДСМ има вистински докази за ова нека соберат храброст и нека излезат со доказите за прислушување на новинари, па за пасошите…

Патем, навистина е арогантно од страна на министерката за внатрешни работи кога вели дека машината за пасоши е софистицирана и тешка неколку тони. Па и машините на кои се печатат доларите се софистицирани и тешки со тони, ама, сепак, доларот е најфалсификувана валута. Ајде да шпекулираме. Претпоставете дека СДСМ за сето ова има докази, претпоставете дека тие седат во парламентот и дека од говорница ќе ги изнесат сите овие докази пред камерите на сите телевизии. Ама како што нашите пријатели Американци би рекле „it take guts to do that“. Црвенковски тоа го имаше. Ерго! Врати се Бранко се’ ти е простено.

Фарсата не трае вечно туку си има свој крај кој некогаш знае да биде непријатен и тргичен но во секој случај носи нешто ново и со нови актери на општествената сцена. Можеби токму тоа и не е така лошо.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com