УРНИСУВАЊЕ НА ДРЖАВАТА

Со брзото пропаѓање на законот за бомбите, Али Ахмети не може да го запре процесот на раслојување во ДУИ и дека батеријата од мобилниот на Никола Груевски се’ повеќе се празни, а одвреме-навреме и тешко „фаќа мрежа“

Навистина се прашувам дали оние кои стојат зад Законот за забрана за поседување, обработка објавување… со еден збор „бомбите на Заев“ слушнале за Асанж и за Сноуден. Против нив во САД е отворена кривична постапка, ама никому во САД не му паѓа напамет да суди новинари или медиуми кои објавуваат и делови од материјалите на овие двајца најпознати „свиркачи“. И кај нас, посебно во „патриотските медиуми“, беа објавени многу материјали од „Викилис“.
Законот за бомбите на Заев, поднесен од пратениците Талат Џафери и Крсто Мукоски, преживеа едвај 36 часа „собраниска процедура“, а потоа предлагачите мораа да го повлечат. Наивно би било ако некој верува дека законот беше повлечен поради лавината оправдани критики кои доаѓаа од домашната јавност. И овој пат работата ја свршија странците, поточно центрите на моќ (Брисел и Вашингтон). Исто така, наивно би било да се верува дека овој закон „израснал на нивите“ на споменатите пратеници, туку е плод на најтесните политички елити на двете владејачки партии ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Причина е само една. Пред се’, лидерите на двете партии, заедно со нивните најблиски соработници, стравуваат дека во изборната кампања (ако воопшто имаме избори во април) СДСМ ќе ги користи веќе објавените бомби. А ако има избори убеден сум дека предизборната кампања ќе биде најцрна од сите досегашни. Реално гледано, СДСМ чии капацитет се гледа преку фактот дека не можеше да го мобилизира своето членство, па затоа пропадна референдумот во Центар, додека во општина Карпош само пред десетина дена СДСМ не успеа да собере доволен број потписи за иницијатива за референдум, сега како главен адут во изборите му се сепак бомбите. Да сме си на јасно, и ВМРО-ДПМНЕ ќе игра со исто така црна кампања која веќе сега можеме да ја видиме. Од аферата „Пуч“, митото на Заев, па се’ до „Телеком“.

Начинот на кој беше поднесен овој предлог-закон, кој за само 36 часа доби редица придавки, да не речам комплименти од „глупав предлог“, „диктаторски“, па се’ до „противуставен“ (горе-долу сите овие квалификации држат вода), докажува дека партиските елити на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, во суштина, се обидуваат да спасат нешто што, реално гледано, не се спасува. Имено, останува отворено прашањето зошто законот го поднесоа само двајца пратеници, а на инцијативата ги нема потписите на другите пратеници од двете партии. Понатаму, спинувањето дека СДСМ уште пред дваесетина дена знаел за оваа иницијатива и молчел за неа. Ова е типичен пример како со полувистини се манипулира. Точно е дека СДСМ знаел, ама од знаење до согласност има огромна квалитативна разлика, а согласност немало што се потврди со фактот дека законот мораше да биде повлечен.

Сето ова покажува дека лидерот на ДУИ, Али Ахмети, не може да го запре процесот на раслојување во ДУИ, ниту пак процесот на паѓање на поддршката на неговото избирачко тело, како за него лично така и за партијата. Од друга страна, ова е доволен показател дека батеријата од мобилниот на Никола Груевски се’ повеќе се празни, а богами одвреме-навреме и тешко „фаќа мрежа“, па се’ потешко може во од да ги решава проблемите на граѓаните и да ја развива економијата. А до каде, односно каква ни е економијата, зборува фактот дека една обложувалница кај нас вработува над 600 луѓе и е меѓу првите триесет компании по остварениот промет. Ете зашто купуваме чоколади, а немаме пари за леб. А социолозите на ова ќе ви одговорат дека коцкањето е, пред се’, карактеристично за сиромашни држави и пауперизирано население.

Но да се вратиме на актуелните состојби, Прашањето е, што сега? Одговорот дојде токму кога ја пишував колумната (четврток претпладне). Амбасадорот на ЕУ, Аиво Орав, изјави дека преговорите околу изборната регулатива пропаднале, иако во средата човекот беше оптимист. По се’ изгледа дека амбасадорот Орав иако е тука веќе подолг период, се’ уште не ја разбира нашата фолклорна политичка култура.

Секако најтврд орев е дијаспората и оние три пратеници. ВМРО-ДПМНЕ сака се’ да остане исто и со тоа уште пред да почне гласањето да има три пратеници на свое конто. СДСМ во духот на споменатата фолклорна балканска политичка култура се обидува да флертува со дијаспората и се ценка со колку гласа ќе може да биде избран пратеник од дијаспората. Како и да е, разговорите пропаднаа и додека денеска го читате „Утрински“, странците ќе ни ја донесат изборната регулатива, а нашиве од големата четворка ќе ја лапнат, според онаа народната „како поп сарма“. И, нормално, потоа тој предлог-закон ќе дојде во Собранието. Под поднесокот ќе бидат потпишани пратеници од сите парламентарни партии и глатко ќе си ја помине целата потребна парламентарна демократска процедура. Се надевам дека „нашиот ни ’претседник‘ “, кој и овој пат ги избегна домашните гужви и на покана на невладина организација отиде на некаков си форум во Бугарија, дотогаш ќе се врати, па така нема да има потреба да се пали владиното авионче и да го носи указот на потпис во Софија. Изгледа дека човеков заборавил дека е сепак претседател на каква-таква држава, а не дека води невладина организација.

За жал, со сето ова можеме дефинитивно да речеме дека договорот од Пржино е политички мртов. Арно ама, странците нема да дозволат тој да стане „палома хартија“, туку сега тие ќе ни го средат се она што децидно пишува или не пишува во договорот од Пржино. Не ми е јасно зошто, пред се’ ВМРО-ДПМНЕ, секако преку лидерот и неговото најтесно опкружување, води ваква суицидна политика, односно по втор пат си пука самиот во нога. Прв пат кога пукна првата бомба на Заев наместо веднаш да ги смени министерот за внатрешни работи, министерот за транспорт и првиот човек на УБК, чекаше да се случи Куманово и странците да притиснат па госпоѓа Јанкулоска, господин Мијалков и господин Јанакиески да си дадат оставки.

Мене лично „не ме боли уво“ за нашите политички елити, ама не можам да прифатам тие исти елити државата да ја урнисаат до тоа дереџе па сега експерт од странство и двајца амбасадори (од Брисел и Вашингон), иако се знае кој е „прв меѓу еднаквите“ ми носи закони и бира обвинители. Нема да ме изненади ако утре ни избере и судии, а со тоа и да суди, или да направи надградување на Охридскиот договор и не знам уште што.

И сега нашиот „претседник“ во Бугарија не знам по кој пат бара на идниот самит на НАТО Македонија да биде примена како членка, бидејќи ги исполнила условите уште на самитот во Букурешт. Точно, тогаш според политичките, па ако сакате и правни критериуми, бевме држава. Денеска, благодарение пред се’ на власта, ние многу повеќе наликуваме протекторат, отколку на држава што сака да биде членка на НАТО и ЕУ. А во НАТО, а уште помалку во ЕУ, не примаат протекторати.

Останува да се надеваме дека на идните избори без разлика кога тие ќе се одржат ние како гласачи ќе можеме да препознаеме нови политички субјекти кои секако нема преку ноќ да ги решат сите наталожени проблеми, туку ќе го започнат процесот на вистинско функционирање на државата, владеењето на правото и парламентарната демократија. А наместо да се купуваат чоколади да можеме на купениот леб редовно да има барем по едно парче салама или да го намачкаме со путер.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com