УНИКАТНА ДРЖАВА

Круна на таа наша „уникатност“ е сето она што се случуваше со ад хок Комисијата, која требаше да ги расчисти настаните од 24 декември

Полека, но сигурно Македонија и, секако, ние, граѓаните, стануваме „уникатна држава и општество“. Не поради природните убавини, рудните богатства или, пак, нашето културно и историско наследство, односно дека сме папокот на светот. Причината е во сегашноста, во она што се вели политичка култура и во однесувањето и потезите, како на политичките елити, така и на конкретни општествени субјекти.

Еве да одиме по ред. Деновиве ни се случи професионалните војници незадоволни од својот економски и социјален статус, а посебно загрижени (оправдано) што по завршувањето на договорот за активна служба, преку своите претставници се заканија дека ако државата не им ги уважи барањата тие ќе побараат да служат во армијата на Бугарија! Ниту малку не се сомневам дека голем дел од нивните барања се оправдани. Се сеќавам дека јавноста со симпатија го следеше нивниот штрајк, ако не се лажам пред три години, кога во став мирно протестираа пред Владата. Ама да се закануваш дека ќе одиш да служиш во Армија на соседна држава, е тоа не само што е уникатен пример барем за европските држави и армии, туку ги надминува сите морални и етички норми. Имено, да си професионален војник во националната армија не е исто што е и „платеник“ или како што ги викаат „кучиња на војната“, па се бориш за пари. Чудно, ама овој „настан“ помина релативно тивко како во медиумите, така и меѓу нашата „експертска јавност“. Ама тоа што ја прави целата работа „уникатна“ е фактот дека ниту актуелниот началник на Генералштабот, а ниту врховниот командант и претседател на државата барем јавно не реагираа иако се должни според Уставот. Можеби поголема прашина ќе се кренеше ако изјавеа дека ќе побараат да служат во Заштитниот корпус на Република Косово или, пак, кај нашиот јужен сосед.

Ама, како што вели народната мудрост, една ластовичка не ја прави пролетта, па затоа само овој случај, секако, не ја прави Македонија „уникатна“ држава. А кај нас вакви „уникатни“ ластовички колку што сакаш. Еве, на пример, со новите измени на Законот за основно и за средно образование во иднина нашите ученици ќе учат според програмите на Оксфорд. Е, сега многу ќе речат зошто сум против Оксфорд, една од најпознатите и најдобри светски образовни институции. Не сум против Оксфорд, уште помалку против квалитетни образовни и наставни програми. Но, начинот како ние го правиме тоа е навистина уникатен во својот дилетантизам. Нашиве планираат едноставно да направат (copy – paste) на оксфордскиот модел. На пример, во Словенија и во Хрватска (колку за информација, Љубљанскиот универзитет е единствен од регионот на листата меѓу првите петстотини универзитети во светот) образовните програми се подготвуваа 3-4 години со целосна вклученост на домашната стручна фела и, нормално, користејќи ги искуствата од други држави. И, секако, со една квалитетна и перманентна обука на педагошкиот кадар (наставници) кои требаа да го имплементираат усвоениот модел. Вака, кога веќе правиме copy – paste на оксфордскиот модел, се прашувам дали ќе увеземе и „даскали“ од Велика Британија.

И, секако, круна на таа наша „уникатност“ е сето она што се случуваше со ад хок Комисијата, која требаше да ги расчисти настаните од 24 декември. На еден од најголемите државници на дваесеттиот век, Винстон Черчил, му се припишува изјавата дека ако работите сакаш да ги забошотиш, е тогаш формирај комисија. Ама ние го надминавме ова. Прво, да не беа странците (ЕУ), Комисијата никогаш немаше да биде формирана, понатаму, да не беа странците, Комисијата никогаш немаше да ги донесе заклучоците и препораките и да не беа странците (ЕУ), Извештајот немаше да се потпише. Дотука, ајде да речеме, колку толку сме во рамките на онаа Черчилова дефиниција. Ама со онаа, најблаго речена, несреќна изјава дека за едната страна (владејачката) заклучоците се како „палома“ хартија (сите знаеме зошто служи), е богами младиот „автор“ на оваа изјава го надмина и стариот политички лисец Черчил. Нема да ме изненади дека сега во балканската политикантска практика нема да влезе токму оваа изјава, во смисла ако сакаш да ги забошотиш работите, формирај комисија, донеси заклучоци потпиши ги, а пота искористи ги како „палома“ хартија. Во суштина, ова покажува дека демократијата во овој пример не настапува како систем за решавање на конфликтот, туку како средство за исклучување, односно делегитимирање на позицијата на едната страна во конфликтот. И навистина се прашувам колку во ова воопшто има демократија. Во суштина, кај нас во изминативе дваесетина години, воопшто, и нема демократија сфатена според онаа основна дефиниција. Имено, ако изборите ги сфатиме како оној вистински конститутивен елемент на демократијата и на демократското владеење, кај нас работите се тотално спротивни. Победниците ги сметаат изборите како добиено право за целосна отуѓеност, независност и без механизми на каква било контрола на власта од граѓаните. Во суштина, граѓанинот и неговата улога во изборниот процес се сведува на некаков „пагански“ ритуал на само репродукција на политичките елити. И ајде сега речете дека ние барем во европски рамки не сме „уникатна“ држава…

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com