УКРАИНСКО СЦЕНАРИО, НО ЗА КОГО

Зошто оние 200 професори, кои, наводно, спонтано формираа професорски контрафорум за поддршка на државниот испит досега не го кренаа својот глас за подобрување на образовниот процес

На самиот почеток би сакал на колегите од „Утрински“ да им ја честитам новата 2015 година со две желби. Првата, им посакувам многу здравје и лична среќа и втората, благодарност, а во исто време и желба и во оваа година, во овие „оловни времиња“ за македонскиот медиумски простор да останат на ниво на медиум кои строго ги почитува професионалните стандарди и кој ја почитува слободата на изразување и ги почитува различностите во ставовите. Секако, искрени честитки до нашите читатели и голема благодарност до сите оние кои со свои коментари (без разлика дали се тие позитивни или крајно критични) реагираат на нашите (моите) написи. Ова го мислам искрено бидејќи како што мојот напис предизвикал интерес кај читателите така и нивните коментари кај мене потикнуваат барем уште еднаш да размислам и да ги анализирам своите ставови и аргументи.
Кога сме веќе кај честитките претседателот на државата и премиерот како и изминативе години ни испраќаат честитки од кои бликаат успеси остварени во годината која заминува и вистински вулкан од оптимизам како ќе ни биде убава, бериќетна и не знам уште што Новата година. А реалноста? Ајде да почнеме од нашата стратешка определба НАТО и ЕУ. Факт е дека апсурдниот спор со името наметнат од Грција и нејзиното вето што преставува злоупотреба на статусот членка, е единствената причина зошто ние не станавме членка на НАТО заедно со Хрватска и Албанија и зошто немаме датум за отпочнување на преговорите со ЕУ, иако веќе по шести пат од ЕК добиваме препорака. Но факт е дека загрижувачката положба на медиумите, партизираното судство, партизирана држава се забелешки кои стојат во извештаите на Европската комисија, и тоа неколку години по ред. За жал, на овој начин ние им ги одземаме аргументите на сите оние меѓународни субјекти или поединци кои лобираат за наш прием во НАТО, односно за започнување на преговорите со ЕУ.

На пример, ако може Владата редовно да се фали со рејтингот на „Дуинг бизнис“, според кој сме меѓу најдобрите во светот, нека направи вистински потези со што во 2015 ќе се подобри нашиот рејтинг на листата на „Фридом хаус“. Ама се се плашам дека се нема волја за вакво нешто. Старата 2014 ја испративе со студентски протести кои заради суетата на Владата ја подели и академската јавност и како што веќе напишав ова е прва сериозна грешка на ВМРО-ДПМНЕ. Откако мнозинството професори застана на страна на студентите, прво следуваше навистина неприфатлив напад од страна на премиерот дека станува збор за професори кои се плашат за своите позиции кои немаат научни трудови објавени во таканаречени научни списанија со импакт-фактор (во превод, списание што има влијание). Не е прифатливо, барем во демократскиот свет, политичар, па макар бил и премиер, да дава оценки за универзитетски професори. И нормално за нашата типична балканска политичка култура веднаш се најдоа, демек, 200 професори кои, ете, спонтано формираа професорски форум кој е за воведувањето на таканаречениот државен испит на факултетите.

Еве неколку прашање за овие „200 професори генијалци“ со не знам каков импакт фактор. Зошто досега не го кренавте својот академски глас и своето знаење за подобрување на образовниот процес. Зошто не кренавте глас дека кај нас најмалку во Европа се одделува за научно истражувачката дејност без која нема „импакт фактор“. Зошто вие не кренавте глас против вашите колеги кои, наводно, за пари давале дипломи. Зарем овие професори кои многу од нив дипломирале, магистрирале и докторирале на УКИМ или на другите универзитети својата академска титула ја купиле? Зошто тие не предложија соодветни мерки, туку чекаа Владата да предложи воведување на државен испит кој ќе се полага на рати (во втора и четврта година) а вакво нешто нема никаде во Европа. Навистина жално за академската фела, а богами овие „дешавки“ ќе ги гледаме и во оваа 2015 година.

Во новата година како голем и тежок „багаж“ го имаме и бојкотот на опозицијата заедно со бомбите на Заев. Власта не успеа на пленарната седница, на која се расправаше по предлогот на надлежната комисија да се одземе мандатот на 31 пратеник кои неоправдано 6 месеци не доаѓаат во парламентот, да собере двотретинско мнозинство (иако го има). Објаснување на ДУИ како коалициски партнер е дека тие не биле за одземање на мандатите туку за демократски дијалог, иако е јасно дека со шестмесечниот бојкот се крши Уставот. Браво ДУИ. Ама се прашувам колку беше демократска и колку овозможува дијалог изјавата на лидерот на ДУИ дека ако во 2015 година не го решиме нашето членство во НАТО и не добиеме датум за преговори со ЕУ може да ни се случи украинско сценарио. И сега се прашувам (наивно) дали господин Ахмети, кога го споменува украинското сценарио, предвидува дека граѓаните на Македонија кои се за НАТО и ЕУ, независно од етничката припадност ќе кренат востание како што го направија во Киев и едноставно ќе ја избришат оваа владина коалиција која од 2008 ништо не направило по ова прашање?! Или на господин Ахмети му е „поблиску до срце“ референдумот на Крим и руските сепаратисти.

Еден наивен „совет“ за господин Ахмети. Сигурен сум дека меѓународната заедница оваа година (2015) нема да дозволи такво нешто. Па не затоа што не’ сакаат нас Македонците туку заради својата (европската) стабилност. Верувам дека Ахмети ова го знае и дека нема да си дозволи било какви „украински сценарија“, бидејќи со тоа ќе ја загуби поддршката на меѓународната заедница, пред се’ на САД. А не верувам дека и Тирана и Приштина би се впуштиле во подршка на такво „украинско сценарио“. Но во овие дваесетина години што се’ не слушнавме од нашите политичари. За жал, барем мене, ми недостасуваат политичари такви како што беа, на пример, Арбен Џафери, Гошев или професорот Димитров. Но тоа е нашата реалност.

Како и да, ја преживеавме 2014. Го доживеавме и финишот на проектот „Скопје 2014“, па така зградата на Владата сега има нова барокна фасада. А богами само да сме здрави ќе ја надживееме и оваа 2015 ама се надевам дека ќе успееме да го зачуваме Градски трговски центар и се надевам дека студентските протести ќе поттикнат создавање на нов политички субјект кои навистина ќе дејствува според демократски принципи.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com