УДРИ ПО МЕДИУМИТЕ, СПОРЕД ЗАКОНОТ

Не може да ни избега местото во „делумно слободни држави“ на листата на „Фридом хаус“. Но кој се грижи за тоа?

Едно сум сигурен. На идната листа на „Фридом хаус“, барем кога станува збор за слободата на медиумите, како и воопшто за демократијата кај нас, Македонија сигурно и понатаму останува во групата на таканаречени делумно слободни држави, и тоа, за жал, на високо место. За волја на вистината, од осамостојувањето, па до денес Македонија секогаш била во оваа група на држави, но во последниве години се забележува негативен тренд.
Секако виновник, или подобро речено одговорен за ваквата состојба е пред се’ власта, односно онаа политичка елита која во одреден момент е на власт. Но, секоја власт, барем кога зборуваме за европскиот политички простор, дејствува во конкретна политичка средина која е детерминирана од политичката опозиција, невладиниот сектор, од општата и специјализирана и експертска јавност и секако од професионални и независни медиуми.

Реално, на Балканот се’ уште владее онаа стара народна мудрост „Власта го расипува човекот“, односно „Дај му на некого власт, па ќе видиш колкав диктатор е“. Токму затоа без сериозна опозиција, без вистински невладин сектор, без вистинска експертска јавност и без новинари и медиуми кои исклучиво ќе ги почитуваат професионалните новинарски стандарди, секоја власт, а посебно овде кај нас, речено народски, забегува. Едноставно, на власта ширум и’ се отворени вратите да владее максимално комотно, па дури и авторитарно, односно недемократски криминално и уште цела редица други небулозни карактеристики кои во последно време ги слушаме од опозицијата.

Tаа иста опозиција донесе политичка одлука да не влезе во парламентот, односно не ги признава резултатите од, според неа „криминалните избори“ и затоа нема да даде легитимитет на оваа власт. Одлуката навистина е легална и легитимна, иако многу ќе ви речат дека не е својствена за денешните демократски процеси во Европа. И јавноста и власта, односно владејачките партии, мора да ја почитуваат оваа политичка одлука на опозицијата, но затоа опозицијата е должна и одговорна таа своја одлука да ја спроведе во рамките на законот. Токму тука опозицијата киксна со оние изјави пред нотар дека не ги прифаќа освоените мандати. И потоа продолжи оној наш познат балкански политички фолклор. Препукување на ниво на власт и опозиција, експертите поделени и за такви банални прашања и глупости, како што беше тужбата на опозицијата до Управниот суд против Собранието на Република Македонија, бидејки според законот на првата пленарна седница беа верифицирани мандатите на сите 123 избрани пратеници според официјалниот и конечен извештај на ДИК. Така опозицијата го сведе Законодавниот дом на управен орган?!

Медиумите, квантитативно во големо мнозинство на страна на власта, но затоа и едните и другите квалитативно еднакви во плукачките вулгарности, исто така се вклопија во ова балканска фолклорна политичка слика. И кога сме кај медиумите и власта сега станува актуелна казната што Советот за радиодифузија, по ново Агенцијата за електронски медиуми… и уште не знам што, ги казни телевизиите Телма и Сител по 20 илјади евра – демек, вртеле повеќе забавна странска музика од домашна народна. Телма, според Агенцијата, цели петнаесет минути имала повеќе забавна музика!

Некој ќе рече дека се’ е според законот. Кај нас законите, односно владеењето на правото, се крајно растеглива и селективна категорија, но се поставува прашањето дали одреден закон е во функција на правната држава и демократијата или во корист на одредена политичка елита која е на власт. Барем ние кои се’ уште добро го паметиме 20 век знаеме дека најголемите злосторства против човештвото од холокаустот, расната сегрегација, па до комунистичката насилна експропријација, национализација и колективизација се сторени според закони. Зар толку бргу заборавивме кога се носеа двата закони кои ги уредуваат прашањата со медиумите (електронски), дека токму „Утрински“ имаше повеќе коментари и компаративни анализи со кои се обидовме да покажеме и да предупредиме на сите негативни аспекти од оваа законска регулатива. За жал, ни дојде од ОБСЕ госпоѓата Дуња Мијатовиќ задолжена за медиуми, која се сретна со премиерот и со огромен оптимизам изјави дека овие закони се ОК. А за слободата и независноста на новинарите тогаш не’ подучи дека треба сами да се избориме, а не да очекуваме таа да го стори тоа за нас.

Браво Дуња, и што се случи од тогаш до денес? Да потсетам само на неколку настани, само еден критичен коментар до власта и еден одговорен уредник на медиум „леташе“, случајот Кежаровски уште се „крчка“ во судските лавиринти, од „независните тела“ излегуваат редица казни, а битката помеѓу новинарите патриоти и новинарите демократи добива уште поголем интензитет, па дури и физички закани. И на сето тоа не реагираат ниту независни тела или агенции, ниту надлежни државни институции. Невладиниот сектор, исто така, строго зазема страна, а експертите во духот на пазарната логика „кој дава повеќе“ веднаш излегуваат со длабоко научни тези и аргументи за она за што бил платен. Нормално повеќе пари има власта, ама ни оние од опозицијата, барем засега, не се за жалење.

Ете, тоа е демократскиот, или ако сакате авторитарниот политички амбиент во кој живееме веќе трета деценија. Па затоа „Фридом хаус“ и понатаму ќе не’ рангира во групата на делумно слободни држави. Ама кој го шиша „Фридом хаус“, неделава е актуелна ранг-листата на фондацијата „Херитиџ“, според која Македонија е лидер во регионот, ама и пошироко според економските достигнувања. Ајде, секој да се праша колку од овој успех го чуствуваме во нашиот џеб и стандард.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com