ТУРЦИТЕ СЕ ВИНОВНИ ЗА СЕ

Замислете, некои пишуваат дека поради долгото владеење на Турците ние сме биле вакви какви што сме, со поданички дух и наведната глава. А зошто Грција, Бугарија и Србија уште во 19 век успеаја да станат држави, а ние не мрднавме од Румелија

Во последната колумна напишав дека победник во нашата политичка криза ќе биде „системот“ кој нашите политички елити го поставија, развиваа, а овие актуелниве го донесоа на ниво на совршенство. Систем во кој наместо владеење на правото, принципите на демократијата, човековите права и слободи, слободата на изразувањето и независноста на медиумите, се сведовме на класична партизирана држава. Држава во која институциите функционираат според волјата и интересите на партијата, односно партиската елита. Вака структурирана држава секако се одразува и врз општеството.
Денеска македонското општество е максимално поделено по етничка, но и по некава си „квазиидеологија“, па затоа имаме демек „леви и десни“, „демократи и автократи“ и „патриоти и предавници“. А во суштина имаме тотално деполитизирани граѓани, кои со помош на најгруба маипулација (некогаш тоа убаво се нарекувааше индоктринација) служат само како лажен демократски декор (народот бира и со тоа ја дава довербата кој да ја води државата). Дури нашиве политички елити измислија и една нова форма на она што некогаш големиот српски вожд Милошевиќ го викаше „се случи народ“ – сега овде се случуваат „камп и кампирање“. Таква општествена атмосфера е идеална за создавање и развој цел куп тотално деформирани невладини организации кои во овие дваесет и пет години потошија сума од речиси една милијарда долари. Пари кои по правило завршуваат најмогу кај самите донатори, потоа кај првите луѓе на невладиите организации и нешто ситно кај вработените во невладиниот сектор.

Многу пари беа дадени и во институциите на државата, без разлика дали станува збор за извршната, судската или законодавната власт, со цел да се подобри капацитетот како на администрацијата, така и на носителите на функциите, ама овде се’ заврши калварно. Којзнае колку пари, пред се’, странски донации ама и од буџетот, се потрошија на разни обуки, академија и уште не знам што за судската валаст. Ама секоја година во „позитивниот извештај на ЕК“, а посебно во последниот извештај на Прибе нашата судска власт е оценета како строго партизирана. И во една ваква општествена атмосфера опозицијата односно Заев почна да ги пука бомбите, за кои тој лично најавуваше дека оваа Влада на чело со Груевски за три дена посрамено и со наведнати глави ќе си замине.

Навистина, на почетокот благодарејки на бомбите се создаде колку-толку автентично граѓанско движење и отпор против состојбите кои ни се влечат од последните избори (пред повеќе од една година) и одлуката на опозицијата да го бојкотира парламентот. Лично мислам дека таа позитивна атмосфера, односно автентично граѓанско движење, многу повеќе ја создадоа студентите со својот Студентски пленум, преку кои за прв пат од осамостојувањето јасно и ефикасно покажаа како се артикулираат и реализираат интереси на една широко општествена популација.

Иако власта со помош на своите „слободни и пофесионални и патриотски медиуми и новинари“ се обиде на студентите да им залепи партиска етикета, во тоа за прв пат не успеа. Односно Владата за прв пат во овие девет години една своја тотално погрешна политика да ја повлече. За жал, СДСМ, односно двоецот Заев – Шекеринска, не успеа овој „никулец“ на вистинско граѓанско движење и отпор да го развие и да го канализира во еден процес кои ќе доведе до почеток на демонтажа или ако сакате рушење на овој систем, кој со еден збор си именува партизирана држава и партизирано општество.

И кој е виновен за сето ова. Деновиве во перјаницата на самонаречените демократски медиуми (печатен и портал) еден од исто така бајаги експониран новинар демократ прочитав дека за сето ова, нема да верувате, биле виновни Турците, односно Отоманската империја, која петстотини години владеела на Балканот. Според овој новинар-демократ заради отоманското владеење нашето општество е поделено по етничка и верска основа. Заради долгото владеење на Турците ние сме биле вакви какви што сме, со поданички дух и наведната глава. Кај нас се’ уште важи „кадија те тужи, кадија те суди“ и така натаму. Само едно прашање за овој „демократ“. Зошто Грција, Бугарија и Србија уште во 19 век кога тука владееше Отоманската империја успеаја да станат држави (навистина вазални) ама со свои кнезови, цареви и кралеви, со своја државна управа, а ние не мрднавме од Румелија.

Или неделава во една телевизиска дебата се изнаслушавме најразлични „експертски“ мислења за уредување на избирачкиот список за нашиот изборен законик, односно како идните избори да бидат фер и демократски. Арно ама, експертите ниту со еден збор не споменаа дека ДИК (Државна изборна комисија) е кај нас строго партиско тело формирано и бирано според партиски критериуми и предлози и тоа секогаш со консензус во Собранието. Е па во цела Европа изборните комисии се чисто стручно и техничко тело, односно орган кои ги организира и спроведува изборите. Овие експерти не споменаат дека никаде во светот дијаспората не бира свои пратеници (нашава има три), но секаде во Европа, па и пошироко, дијаспората гласа. Понатаму, зошто само кај нас е проблематичен избирачкиот список, а, на пример ,никогаш не бил проблем во Бугарија, Србија Хрватска или Словенија. Сите до 1991 година бевме еднопартиски држави. Во Словенија на избирачкиот список има 1.713.972 избирачи и чудно никој не вика дека се многу. Но затоа нашиве експерти како папагали повторуваа дека ОБСЕ/ОДИХР мора да ни помогнат, а со нивно големо присуство како набљудувачи и ќе сме успеале идните избори да ни бидат фер и демократски. Браво за експертите.

Вакви и слични „абдалски“ работи и потези во изминатиов период се изнаслушавме и видовме, а за жал ги чуствуваме секојднево на сопствената кожа. Погледнете ја вчерашната колумна на колегата Поповски во овој ист весник кој прави многу добра, а што е најважно, точна анализа врз економски податоци. И сега на сета оваа наша беда имаш резултати од истражувањето на ИРИ (американскиот републикански институт) според кои соодносот помеѓу ВМРО-ДПМНЕ е речиси два спрема еден. Замислете, и покрај сите бомби и навестувања на Заев дека Груевски со ќе си оди наведната глава сега според истата анкета Заев стои речиси еднакво лошо како пред да почне да ги пука бомбите. Не верувам дека оваа анкета правена во јуни е „фризирана“ од страна на ИРИ, кој барем досега секогаш многу точно го преставувал јавното мислење, а посебно поддршката што граѓаните ја даваат на одредена партија или партиски лидер. Затоа во овој пример СДСМ или Заев не би можеле да се повикаат на зборовите на нашиот ни „председник,“ кој би рекол тоа е само перцепција, а не фактичка состојба.

И за ова да не ни се криви Турците и нивното петвековно владеење? Ама ни тоа не пали, бидејки на последните избори Турците јасно покажаа дека популарноста на Ердоган без разлика на неговото автократско владеење и контрола врз медиумите сепак незадржливо се топи.

Како и да е, сега преговори нема, а по се’ изгледа избори во април идната година тешко дека ќе има. Сега чекаме на 13 јули (понеделник) да дојде госпоѓа Нуланд. Тоа е онаа дама од Стејт департманот, која кога станува збор за Европа знае да употреби речник на кочијаш, а богами се шушка дека можеби со неа ќе дојде и Хан. Би било забавно човек да може со некакви ПИМ мерки да ги следи разговорите на госпоѓа Нуланд со нашиве лидери, кои богами нема лесно да поминат. Ама Нуланд ќе си замине и ние повторно ќе си останеме со нашиве лидери.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com