ТРИНАЕСЕТ ГОДИНИ ПОДОЦНА

Политичките елити кои различно го читаат Рамковниот, во суштина го користат многу идентично – како да се манипулира со своето етничко избирачко тело и да се освои и зачува власта

Верувам дека почитуваните читатели без многу размислувања сфатија дека насловот се однесува на годишнината од Рамковниот (Охридскиот) договор. Некој ќе рече дека насловот е некаков патетичен драматуршки обид. Донекаде точно, иако јас лично повеќе сакам да го читам како фарса. И ете, дојдовме до таа фарса која барем според мене најдобро ја дефинира Муса Џафери, вицепремиер задолжен за Рамковниот договор. Според него, овој документ, кој е преточен во Уставот и во редица закони денеска сепак го читаме различно. Македонците на еден начин, Албанците на друг.
Замислете, цели тринасет години од кои единаесет години ДУИ е во власта (еден мандат со СДСМ, а од 2008 со ВМРО-ДПМНЕ) политичките елити кои не’ водат или водеа, се’ уште не успеале да го прочитаат и разберат Рамковниот, ако не буквално исто, барем суштински еднакво.
Годинава, според она што го видовме во медиумите, наместо прием што секогаш ги организира ДУИ, а не државата, имаше „научна дебата“ околу остварувањето на Рамковниот. Демек, заради состојбите во државата не се сакало да се организираат масовни свечености. Барем такво беше објаснувањето, повторно од ДУИ.

Претпоставувам, ДУИ мисли на настаните по пресудата за случајот „Монструм“?

И сега се поставува прашањето, зошто по тринаесет години имаме тотално „различно читање“ на Рамковниот договор. Пред да одговорам или поточно да го кажам моето видување, би сакал да потсетам на некој факти.
рво, со Уставот од 1991 година, најблаго речено, беа стеснети некои од правата на Албанците кои тие ги имаа со Уставот од 1974 година. Понатаму, факт е дека ОНА барем на почетокот на конфликтот во 2002 година, имаше пред се’ територијални претензии, да не речам поделба на Македонија. Сетете се на првите комуникеа. Подоцна, кога „странците“ ги стегнаа „дизгините“ ОНА се ограничи само на она што се вели човекови права.

Нејсе, со „несебична помош“ на странците сепак беше потпишан Охридскиот рамковен договор. Се тргна во негова имплементација преку уставните амандмани кои подоцна беа преточени во соодветни закони. Во суштина, во овие тринасет години главна цел на ДУИ, а и на ДПА додека беа во власта, беше како да вработи што повеќе свои партиски луѓе во државната администрација. Факт е дека Рамковниот договор посебно внимание посветува на правичната застапеност. Да расчистиме нешто. Македонските партии (читај СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ) го прават во суштина истото, ама беше за очекување дека ДУИ како нов политички субјект пред 12 години кога влезе за прв пат во власта нема да го превземе партискиот клиентелизам и воопшто сите најлоши практики од веќе етаблираните политичките партии. Но, за жал, ДУИ со светлосна брзина се вклопи во тој балкански политички амбиент.

Од друга страна се има впечаток дека ДУИ не се откажал од онаа првична автентична идеја и цел со која ОНА се појави во Македонија. Според моето читање, со Рамковниот договор Македонија е дефинирана како мултиетничко општество, но како унитарна држава со функционална граѓанска демократија и почитување на различностите.

И токму тука лежи основната причина зошто, како што вели вицепремиерот Џафери, Албанците и Македоците различно го читаат Рамковниот. Бидејќи тешко би поминало промена на границите, сега се има впечаток дека ДУИ се обидува на „мала врата“ преку јазикот да го промени унитарниот карактер на државата.

Најдрастично тоа се гледа преку Собранието. Имено, потпретседателот на Собранието од редовите на ДУИ во минатиот мандатен период ниту еднаш не водеше пленарна седница бидејки тој ќе треба да претседава на македонски јазик како службен јазик на државата. ДУИ намерно заборава дека е едно службен јазик, а друго рамноправна употреба на јазиците. За да биде албанскиот јазик службен јазик во државата покрај македонскиот тогаш треба државата да ја уредиме врз федералните принципи. Нешто како што беше во покојната ни СФРЈ во која имаше три службени јазици (српско-хрватски односно хрватско-српски, македонски и словенечки). Албанскиот, Унгарскиот и Италијанскиот јазик беа рамноправни јазици.

И повторно да расчистиме. Легитимно и легално е ДУИ како своја програмска определба да ја постави федерализацијата на државата. Друго прашање е дали и како тоа ќе помине во една демократска и институционална процедура. Не сакам ниту да помислам дека ДУИ за ова е подготвена повторно да се трансформира во ОНА?!! Ама, да се криеш зад некакво различно читање на Рамковниот, мислам дека не е коректно ниту до своите избирачи, ниту воопшто до сите граѓани. Понатаму, еве веќе подолго од една деценија зборуваме за интегриран образован систем, ама од тоа нема ништо. А, токму интегрираниот обаразовен систем отвора вистински можности за вистинска толеранција, за градење на доверба и почитување на различностите, а во исто време и зачувување и развивање на својот национален идентитет, на својата култура, јазик и други етнички карактеристики. Рака на срце, за ова одговорноста е пред се’ кај нас Македонците како мнозински народ.

Како и да е, политичките елити (македонски и албански) кои ете така различно го читаат Рамковниот, во суштина го користат многу идентично. Како преку Рамковниот да се манипулира со своето етничко избирачко тело и да се освои и секако да се зачува власта.

Само сетете се како актуелниот градоначалник на Кичево пред локалните избори ги повикуваше Албанците да гласат за него (ДУИ) за да може да се заокружи територијата (северозапад) на која ќе се доминара албанско население и секако албанскиот јазик. Или, во секоја држава, барем во Европа, има повеќе стопански комори што не е спорно, ама кои се строго усмерени кон бизнисот. Кај нас покрај тоа што имаме две комори кои се „идеолошки“ поделени имаме и трета која е чисто етнички определена! Од друга страна, се наслушавме за патриотизмот на ВМРО-ДПМНЕ како единствен заштитник на македонските национални интереси и Македонија како негова единствена унитарна држава. А, каде е граѓанинот. Е, него одамна го нема, ама затоа имаме строго поделени и осиромашени етникуми кои живееат се’ повеќе едни покрај други отколку едни со други.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com