ТРГОВСКА ВОЈНА

Многу e тешко рационално да се анализира потегот на владата во Приштина. Одлуката на нашата Влада за воведување такса за влез на косовските граѓани, исто така, е повеќе политикантска отколку рационална

Секоја држава има суверено право да ја штити сопствената економија, односно домашното производство. При тоа, по правило, најранливи се земјоделското производство и прехранбената индустрија. Од друга страна, секоја држава која е членка на некоја регионална или глобална асоцијација има билатерални договори што ги уредуваат правилата на трговските односи (најчесто, тоа се договори за слободна трговија) кои треба да се почитуваат од сите страни. Затоа кога се склучуваат вакви договори (на пример, Република Македонија) треба да си многу добро подготвен и во процесот на преговори максимално да ги внесеш своите интереси, а кога се прават одредени компромиси (ако сакате и попуштања) треба да имаш јасна слика како тие компромиси ќе се одразат на националната економија.

Со други зборови, ви требаат многу сериозни и добри анализи или според народната мудрост, треба да си го знаете есапот пред да потпишете ваков договор, а уште повеќе треба да ги пресметате економските последици пред да преземете мерки кои се во спротивност од договореното. Вакви мерки никогаш не треба да се носат од политички причини бидејќи тогаш сите се губитници, а импликациите можат да бидат многу негативни.
Трговски војни имало, има и ќе има меѓу многу држави. Се сеќавам на една таква во која „жртва“ беше македонското вино, а ја имавме со Словенија во втората половина на деведесеттите години од минатиот век. Словенечката влада, под притисок на домашните производители, воведе високи давачки за македонското вино. Македонската Влада, повикувајќи се на договорот за слободна трговија, бараше објаснување и најави контрамерки, секако за оние производи од Словенија кои најмногу се продаваа на нашиот пазар. Словенечките директори од големите фирми, пред се’ од индустриското производство и од прехранбената индустрија, „шизнаа“ бидејќи мерките на словенечката влада им го расипуваа бизнисот. Добро се сеќавам на седницата на Стопанската комора на Словенија (во тоа време бев дописник од Словенија) на која се водеа жестоки дебати. Тогаш еден од претставниците на словенечката индустрија сериозно предложи тие да го купат македонското вино и за да ги задоволат интересите на словенечките винари нема да го продаваат, туку ако треба, ќе го истурат во Сава. Тогаш еден од присутните ладно му одговори: „Немој да бидеш луд и да го истураш во Сава, ние ќе го испиеме бидејќи македонското вино е многу квалитетно“. По оваа шега атмосферата попушти. Го споменувам овој пример како на една чиста политичка или подобро речено политикантска мерка, која демек штити одредена стопанска групација, ама реагираат токму оние домашни економски субјекти кои таа мерка ги погодува. Трговската војна која беше на повидок со Србија, ја предизвика нашата забрана за увоз на жито и брашно за да се заштити домашното производство, односно да се присили домашната мелничка индустрија да го откупи домашниот род на пченица. Колку ова беше реална економска мерка од нашата Влада останува отворено прашање. Мерката донесена од наша страна предизвика реципроцитет од страна на Србија и тоа токму таму каде што најмногу не’ боли, па затоа оваа мерка временски ја ограничивме до средината на септември. И во Министерството за земјоделство и во Министерството за економија им е јасно дека во Србија производството на жито по хектар е многу поголемо, поквалитетно и поевтино. Економската логика е безмилосна – домашните производители на брашно и воопшто пекарската индустрија, бараат поевтина суровина. Затоа оправдано се поставуваат неколку дилеми. Прво, дали ваквата мерка може негативно да влијае на вкупните односи со Србија. Понатаму, дали се постигна целата, односно дали на земјоделците им се откупи годинешниот род на пченицата или житото остана во амбарите. Веќе неколку години по ред Владата носи иста мерка и се појавуваат исти проблеми. Затоа веќе е редно Владата и надлежното министерство да најдат долгорочно решение за откуп, а не со политички одлуки да крпиме дупки во нашата аграрна политика. Дали пекарската индустрија утре нема да бара зголемување на цената на лебот (повисока цена на домашното жито) што секако ќе се одрази врз стандардот на населението?

И кога веќе мислевме дека работите се вратија во некаква нормала, Косово од неразбирливи политички причини стави рампа на македонските производи. Бидејќи во регионов (Западен Балкан) ирационалната политика преовладува, многу тешко може рационално да се анализира овој потег на владата во Приштина. Со ваквото однесување не само што се прави штета на билатералните економските односи, туку се испраќа и лоша порака дека регионот (Западен Балкан) е далеку од европските стандарди кога станува збор за решавања на отворени прашања. Одлуката на нашата Влада за воведување такса за влез на косовските граѓани, исто така, е повеќе политикантска отколку рационална мерка или, пак, некаква алатка за да се заштити македонската економија.

Кога имате ирационални потези тогаш започнуваат шпекулации и груби инсинуации. Токму таква е и сторијата на Нетпрес (демек истражувачко новинарство) во која се наведува дека зад одлуката на Приштина стојат интересите на криминални групи, а пред се’ на „извесен Мони Крлиу, бизнисмен со потекло од Македонија кој живее на Косово!“ Нетпрес, повикувајќи се на свои извори, тврди дека Мони Крлиу им е добро познат на македонските безбедносни структури, бидејќи се занимавал со шверц на дрога, за што лежел во затвор, дека бил коцкар, а слабост му бил рулетот. Исто така се наведува дека бил и косопственик на универзитетот „Американ колеџ“. Изгледа дека истражувачкиот тим на редакцијата наместо да истражува останал на ниво на своите „брифери“, па ако го отворил Централниот регистер ќе видел дека „извесниот Мони Крлиу“ не е косопственик на „Американ колеџ“. Патем, неговото име е Едмонд, а не Мони. Понатаму, би требале да знаат дека „извесниот Мони Крлиу“ не се занимава со трговија со брашно, туку со градежништво. Истражувачкиот тим на Нетпрес би требало да знае дека семејството Крлиу е стара граѓанска албанска фамилија со потекло од Дебар. Семејство во кое верската или етничката припадност никогаш немала значење, па затоа денеска во ова семејство ќе најдете припадници на сите религии, но и припадници на други националности.

Ова семејство го познавам повеќе од 40 години, ама ни на крај памет не ми паѓа да штитам некого или да бидам некаков „дрвен адвокат“. Навистина би било интересно да се знае кои се мотивите на „бриферите“ на Нетпрес за да се објави оваа „истражувачка сторија“. Едно е сигурно, со ништо не ја објаснува ирационалната одлука на Приштина. Ако се следи оваа „истражувачка логика“ на Нетпрес, се поставува прашањето дали со поврзувањето на „извесниот Мони Крлиу“ со „Американ колеџ“ и тоа токму во време на уписите на универзитетите се сака посредно да се урне стекнатата позиција на овој универзитет. Секој ќе размисли два пати дали ќе оди на универзитет зад кои стојат пари од криминал!! Понатаму, по се’ изгледа „бриферите“ на Нетпрес (не)намерно заборавиле дека актуелниот министер за економија, кој преговараше со Приштина за да се надмине блокадата, пред да дојде на сегашната функција беше вработен во „Американ колеџ“. А како што е кај нас вообичаено, оваа сторија веднаш ја презедоа телевизиите кои дуваат во „истата тиква“, самонаречена „патриотска“. Навистина, Канал 5 имаше колку толку професионален однос и го објави демантот на „извесниот Мони Крлиу“, додека пак телевизијата која секогаш „прва дознава“ тоа не го стори.

Ваквите „истражувачки стории“ зад кои стојат навидум „непознати брифери“ нема да помогнат во решавањето на трговската војна која ја наметна Косово. Но, затоа не знам по кој пат ја покажуваат бедата на македонското новинарство и медиумите (и тоа многу голем дел) стануваат само алатка на дневната политика, со една единствена цел – власт и владеење.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com