ТРАГИКОМЕДИЈАТА ПО ПОПЛАВИТЕ ПРОДОЛЖУВА

И така минатата недела заврши со вонредна седница на Собранието на тема Информација за состојбите во поплавените подрачја и мерки за надминување на последиците. Седница која беше иницирана од страна на опозицијата, а во духот на нашата балканска фолклорна политичка култура иако беше поддржана од мнозинството сепак на крајот заврши строго политикантско секако во корист на мнозинството.

Имено според настапот на претставниците на Владата а посебно на мојот „хипер активен и омилен министер“ Тодоров, виновник за несреќата која ете се случува еднаш на сто години е непредвидливоста на природата, со други зборови волја Господова. Нино ни истресе цел куп податоци за слични несреќи и поплави кои пред неколку години се случија во централна Европа и ете и таму имало жртви (патем како компарација на овие министерски небулози, последната во Луизијана која по површина и опфатност на населението е неспоредливо поголема со нашата животите ги загубија 12 луѓе). Владата според Тодоров но и другите министри уште еднаш покажала дека е подготвена да одговори на сите предизвици па дури и на вакви природни непогоди и заедно со народот веднаш со чизми на нозете и лопати во рацете секако предводени од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ тргна во решавање на состојбите. Тодоров заборави да го спомне мобилниот на вистинскиот „хазајин“ на државава, ама не заборави посебно да ја истакне огромната солидарност која ја покажа народот. Се обиде политикантски евтино да истакне дека волонтери и помош имало и има од сите луѓе без разлика на етничката, верска или партиската припадност и дека тоа е уште еден доказ дека власта е со народот а народот со власта!!! Нормално според Тодоров, затоа треба сега сите да се „сплотиме“. А за барање и идентификување на одговорноста за загубените животи во поплавите од 6 август како и за оние шестмина од Тетовско од минатата година има време! Нормално Тодоров во духот на својот лидер, на постраданите им вети „брда и долини“ и секако целосно покривање на штетите од поплавите. Нормално не кажа до кога ќе бидат исплатени. Се плашам да не биде како со настраданите од поплавите лани во Битолско кои уште ги чекаат парите за штетите. Секако од каде пари за ова ниту збор, ама едно е сигурно, Панорамското тркало како дел од Скопје 2014 останува, а богами деновиве слушнавме дека и познатата Палома Бјанка ќе добие барокно руво и тоа ќе не чини околу 1,1 милион евра. Опозицијата која веќе одамна е изгубена во времето и просторот и овој пат остана што би рекол „народот“ со кратки ракави. Па така и по оваа вонредна собраниска седница одговорност за оваа трагедија „испари“ во жестоката дебата и излитените демагошки реплики и контра реплики помеѓу власта и опозицијата. Интересен беше предлогот на пратеникот Џевад Адеми даден во името на ДУИ, пратениците да се откажат од една плата (пиши во просек околу 1100 евра) за настраданите од поплавата. Арно ама во таа жестока дебата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и неколкуте обиди за донесување на заеднички заклучоци на крајот овој предлогот на уважениот Адеми не влезе во заклучоците што мнозинството ги усвои. Ве чуди оваа „заборавеност“ на пратениците!? Мене не, ама ме зачуди индиферентноста и (не)професионалноста на медиумите кои не посветија поголемо внимание на ова. Имено, од една страна и мнозинството и опозицијата не штедеа со срцедрапателни изјави за солидарноста која ја покажа народот ама кога требаше да се фатат за својот џеб е богами како сите да имаат барем по една змија поскок во џебовите, би рекол истиот тој народ.

Нејсе кај нас оваа трагикомедија која во целост е производ на штабовите на политичките елити си најде место и на социјалните мрежи. Па така многу познати фаци од сферата public opinion makers, универзитетски професори, фаци од културата и така натаму не преплавија со постови околу својот ангажман во надминувањето на последиците од поплавите. Сето ова ме потсети на онаа народна приказна кога двајца овчари ги зафатило невреме. Едниот бил без „гуњче“ а другиот имал две и му го дал едното. Поминал дождот овој му ја вратил се заблагодарил. Ех пријателе му рекол првиот да не беше моето гуњче ќе беше искиснат до кожа. Така е рекол вториот и повторно се заблагодарил. Ама после извесно време пак истиот дијалог и така околу десетина пати. Во меѓувреме дошле до езерото и кога првиот пак почнал како со неговото гуњче го спасил да не накисне, на вториот му пукнал филмот и така облечен влегол во езерото и кога излегол рекол. Еве накиснав до гола кожа. Ама тоа ти е нашата фолклорна политичка култура. Наместо да зборуваме за дејствување на надлежни институции наместо како јавност да бараме одговорност за оние кои потфрлија во своите надлежности ние се фалиме колку и што сме направиле за настраданите. И така додека власта прво преку собраниската седница но и секојдневниот агитпроп успеа да наметне дека и во вакви трагични случувања тие се „правите“, полека се приближуваме до крајот на август. Датум кога нашите „четворица јавачи“ на апокалипсата треба да се договорат дали се исполнети условите за избори во декември или не. Јас сепак сè уште типувам дека двоецот Заев-Шекеринска колку и да се изгубени во времето и просторот сепак нема да прифатат да бидат цел на уште една изборна касапаана во декември, што би рекол еден од четворицата партиски лидери. Како и да е работите наскоро ќе станат појасни. А до тогаш, па ќе се забавуваме со анализите и предвидувањата на онаа корпулентна дама од патриотскиот новинарски маштап. Анализи во кои редовно САД се оние кој сакаат да ја уништат Македонија и Македонскиот народ, а нормално тоа се прави преку домашните предавници ала соросоиди шарени и слични и секако албанскиот фактор. Верувам дека денеска а посебно со нејзината последна анализа оваа „дама“ веќе ни америте не ја сметаат за сериозна анализа која заслужува да влезе во некоја дипломатска „депеша“. А кога сме веќе кај америте неделава тука во комшии ни се прошета и потпретседателот на САД, Џо Бајден. Во Србија многу јасно и недвосмислено покажа дека за САД Србија е многу значајна држава во регионот и затоа Вашингтон ќе го подржи нејзиното брзо интегрирање во ЕУ. Добро нашите медиуми повеќе известуваа за посета на Бајден во Скадарлија каде на увце му свиреле, а тој дури и заиграл, како и за опинците од 70 евра кои Бајден ги купил за својата сопруга. Во Косово не знаеме дали Бајден купил некој сувенир ама затоа на Косоварите јасно им кажа или ратификација на договорот за разграничување со Црна Гора или стапот ќе заигра. Од нашето МНР околу ова скоро ништо. Е па кај нас дојде госпоѓа Нулан која патем не сакаше да се сретне со никого од власта. Има разлика нели???

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com