Тоалетна Платформа

Богами „динамично“ ни тргна новата година. Добивме мандатор кој сега ќе треба да состави нова влада. Пред тоа лидерите на албанските партии (без ДПА и Тачи) во Тирана под будното око на албанскиот премиер Рама како современ „патер фамилијас“ на сите Албанци во регионот се договорија и потпишаа таканаречена Албанска Платформа. Документ кој предизвика многу реакции. Немам намера сега и јас да мудрувам околу содржината но ќе го цитирам мојот ценет пријател и колега Петрит Сарачини кој во својата колумна за Платформата напиша…„Прво и најбитно, платформата на ДУИ, Беса и ДР ДПА не е платформа на Албанците, бидејќи тие партии ни оддалеку не го претставуваат мнозинството на гласачите Албанци“ пишува Сарачини и продолжува. „Зад ултимативниот сет на услови создаден од коктел на рационални и ирационални барања, со разни зачини – од национализам до евро-атлантски курс, од барања за еднаквост и правда до барања за по-еднаквост и пикање прсти во окото на комшијата, всушност, се крие политикантство, тендер-патриотизам и обид да се релативизира одговорноста за неуспехот, криминалот, распадот на општеството, по сите шевови во изминатава деценија, а и повеќе… ДУИ, нормално, е ороводец во оваа симултанка, кој најпрвин игра за себе“…
Навистина со едноставен и разбирлив јазик за секого, дадена е многу точна анализа на содржината на Платформата и нејзината цел. Ова, (обидот да се релативизира одговорноста за состојбите во општеството но и криминалот) неделава имавме можност како јавност да го гледаме во брилијантното интервју со господин Ахмети на ТВ21. Да разјасниме, брилијантен беше новинарот кој го водеше интервјуто, додека Ахмети покажа нервоза и она што се вика „замор на материјалот“. Но од друга страна покажа дека во овие години на коалициско владеење со ВМРО-ДПМНЕ се зближиле во размислувањата и разбирањето на демократијата и демократските принципи на владеење како што ги разбира Груевски. Па така Ахмети македонското избирачко тело го става во две етнички трла кои потоа се делат на помали ајде да речеме партиски трла. Многу блиску на ова размислува и Груевски. Понатаму Ахмети ги оцени како крајно лоши две тенденции. Прво, појавувањето на новите политички партии Беса, ДП ДПА (СЕЛА) и Унитети, во Албанскиот политички простор кој со ова се ситни и се гледа во бројот на пратеници. Втората голема замерка која ја слушнавме од Ахмети е дека за СДСМ гласале неколку десетини илјади Албанци. Ахмети шпекулираше со бројки од триесет и пет илјади па до педесет илјади албански гласови за СДСМ што исто така не било добро за Албанците ама затоа Заев и СДСМ добиле пратенички места. Овде Ахмети мислам свесно манипулираше кога изјави дека за ВМРО-ДПМНЕ гласала само „чисти“ Македонци бидејќи не верувам дека заборавил на гласовите на Ромите, Турците, Србите, Бошњаците и други. Сама по себе се наметнува дилемата дали со оваа изјава Ахмети свесно му помага на својот коалициски партнер Груевски барем во оној дел кога станува збор за некаков си патриотизам Сетете се дека целокупната предизборна кампања на Груевски темелеше на некаков патриотизам додека СДСМ и Заев беа црниот ѓаол кој за да дојде на власт ги продава националните интереси на македонската држава (федерализација) и на Македонскиот народ (двојазичноста). Како и да во споменатото интервју Ахмети се обидуваше да биде некако „неутрален“ до можноста за коалиција ВМРО-ДПМНЕ и предводено до Груевски, мислам дека сите кои го гледаа сфатија дека Ахмети преферира ДУИ да ја продолжи коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ. Односно коалицијата „тендер патриотизам“ (фразата е како што реков на колегата Петрит) да продолжи и понатаму. И сега се поставува прашање дали ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ќе создадат парламентарно мнозинство, кои ќе бидат отстапките на едната или другата страна односно до каде ќе оди трговијата меѓу овие двајца лидери на штета на сите нас како граѓани. Ако судиме по вечерашната (12.1.17) седница на Централното претседателство на ДУИ на која СЈО и двојазичноста биле поставени како основни критериуми за коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ, како и денешното максимално „патриотическо“ соопштение од ВМРО-ДПМНЕ за прв пат кај мене создава впечаток дека Ахмети и Груевски со своите најблиски (тоа не значи и партиите) со развојот на настаните се притиснати до ѕид. Посебно индикативно е денешното (13.1.17) соопштение во кое експлицитно се наведува дека „СЈО нема врска со правдата и е политички инструмент на еден „центар на моќта“ (читај чадорот) и нивните домашни инструменти за уцена на секој политичар кој ќе се бори за националните интереси на македонскиот народ и државните интереси на Македонија… СЈО е алатка со која се деградира и негира суверенитетот и независноста на македонската држава“. Бидејќи спин докторите на ВМРО-ДПМНЕ добро знаат дека вака срочено соопштението може да биде разбрана како страв и очајнички потез на крајот пишуваат дека ова соопштение не е страв туку пркос!! Односно спин докторите на Груевски играат на картата на краткото паметење на домашната јавност. На пример изјавата на Груевски дека Катица Јанева е предлог и на ВМРО-ДПМНЕ а не само на СДСМ. Понатаму соопштението е „набиено“ со патриотски емоции што е наменето пред сѐ за сопственото членство. И што сега?? Мислам дека би било многу тешко за Груевски после вакво соопштение да направи чекор назад односно да ги прифати условите на ДУИ. Нема да ме изненади ако сега само нарачените „патриотски“ медиуми и новинари отворат „офанзива“ против предавниците секако тоа е Заев СДСМ, понатаму соросоидите, односно целиот невладин сектор па се до секој оној кој не мисли како хазаинот (газдата) Груевски. Понатаму треба да очекува експертскиот тим на Груевски на чело со онаа госпоѓа која во слободно време (ако го има од огромниот партиско-лукративен ангажман) е професор на правниот факултет да продуцираат теории за разбирање на Уставот онака како што одговара на Груевски и партијата. Теориии кои се најблаго речено срамота за уставното право. И нормално на крајот е “народот“, па нема да ме изненади ако излезе на улица и како и досега „застане зад патриотизмот“ на Груевски.
Дали СДСМ со ДУИ и другите партии од албанскиот блок може да направат влада. Ајде да веруваме дека по дваесет дена „персоната“ од Водно ќе му го додели мандатот на Заев. Не сум убеден дека и на Заев ќе му биде лесно да состави влада посебно како ќе му помине барањето за отворање на постапка за промени на Уставот. Дали на таа точка е за очекување по интензивно па ако така се оцени и по транспарентно учество (би рекле олеснувачи) на меѓународниот фактор? Останува да видиме. Како и да е едно е јасно. Изборите за жал не создадоа услови за започнување на процесот за правна држава и владеење на правото. Односно држава во која ќе се почитуваат демократските принципи и стандарди, почитување на самостојноста и сувереноста на трите гранки на власта (извршна, законодавна и судска) почитување на човековите права и слободи, што е денеска sine qua non за една држава да биде перципирана како нормална европска држава. А дотогаш е па дотогаш остануваме а можеби и ќе останеме „Гнилата порта на балканската тура“ како што е насловот на анализата која ја објави познатиот германски дневен весник „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ посветена на состојбите кај нас.
Тодор Пендаров

 

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com