ТЕШКО Е ДА СЕ ПРИФАТИ АМНЕСТИЈА

Бидејќи нашите политички елити немаат вистински државотворен капацитет да ја решат кризата, нам ни се потребни странците кои на крајот ќе пресечат

Во Брисел заврши втората рунда преговори помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со медијација на парламентарната тројка на Европскиот парламент, Вајгл, Ховит и Кукан. Во Скопје од вчера престојува висок претставник на Стејт департманот, Хојт Ји, кој по се’ изгледа има повеќе шанси од европската тројка нашиве суетни и полни со себе партиски и државни лидери да ги натера, сепак, преку компромис да изнајдат решение за сегашната навистина тешка политичка криза.

Секако, тоа не значи дека работата е завршена. Фактот дека во средата во Брисел, сепак, се договорија преговорите да продолжат, покажува дека со „помош“ на странскиот фактор (читај – малку морков, ама е можно да заигра подебела ластегарка) има се’ уште простор за преговори кои би довеле до решение на сегашната длабока политичка криза. За жал, сето ова уште еднаш покажува дека ние не знаеме да учиме од историјата, па затоа историјата ни се повторува. Дали се сеќаваме колку пати досега странците ни ги решавале внатрешните конфликти и кризи. Да потсетам само на неколку. По познатите настани од „црниот понеделник“ со дебела асистенција на странците, опозицијата (СДСМ) сепак се врати во парламентот и учествуваше на изборите. Дали некој се сеќава дека со помош на странците се донесе и сегашниот Деловник на Собранието. Дали се сеќавате на политичките медијации во Маврово уште во времето на последната влада на СДСМ. Дали некој може да претпостави како ќе завршеше конфликтот од 2001 година да не беа странците и да не се донесеше Охридскиот договор.

Да се вратиме на преговорите кои се водат во Брисел и на кои веќе им дадовме и име „наш Дејтон“. Лично не ми смета ваквата паралела ама проблемот е во тоа што ние имаме цела дузина „дејтони“, кои најчесто завршуваат како „палома хартија“, додека босанскиот Дејтон, каков таков, сепак се’ уште функционира.

Бидејќи веќе бомбите ни станаа секојдневие, сега многу поинтересен е можниот расплет на кризата. Мислам дека сега не’ очекува интензивна пропаганда од двете страни, односно јакнење на своите рововски позиции. Па така Заев и СДСМ ќе ја зголемат фреквенцијата на „пукање на бомбите“ низ внатрешноста, проследи со „маршеви на вистината“. Гледам повторно се активирале и „демократите“ од ГЕМ, ама за разлика од „патриотите“ од ГДОМ, кои со владината логистика прават трибини и средби со граѓани, овие остануваат на ниво на класични салонски револуционери со јалови меѓусебни дискусии, докажувајќи си еден на друг колку ова Влада е недемократска.

ВМРО-ДПМНЕ, поточно водството на чело со претседателот Груевски, освен оние големи митинзи низ внатрешноста очекува целосна поддршка да добие на претстојниот партиски конгрес, кој е закажан за првата половина во мај. Односно да ја зацврсти својата лидерска позиција не само во партијата, туку како неприкосновен клучен играч во разврската на политичката криза. Со други зборови, и двете страни сега купуваат време за да можат да ги зајакнат своите позиции во процесот на расплетот на сегашната состојба. Донекаде ова им одговара и на странците, бидејќи за нив најважни се мирот и стабилноста во регионот, а потоа дали во Македонија имаме демократија и владеење на правото. Затоа и нивните притисоци ќе одат, пред се’, во насока зачувување на стабилноста.

Во сето ова веќе се во игра и разни сценарија. Група радикални „патриоти“ ја фураат тезата дека Заев треба да се затвори и осуди за велепредавство, а за другите кои го следат да се ископа длабока дупка да се пикнат внатре и потоа да се покрие со дебела бетонска плоча. Поголем патриотизам од ова можеби има само во Белорусија. Од друга страна имаме исто радикални „демократи“, кои ја заговараат тезата дека решението од сегашната криза може да дојде само преку улица. Односно со масовни демонстрации да се сруши актуелната Влада. Секако, од премиерот па надолу, сите да бидат затворени и осудени. Односно овие демократски тези ме потсетуваат на оние несреќно изречени зборови на Заев „ќе јадеме живи луѓе“, иако лично мислам дека лидерот на СДСМ за разлика од овие радикални демократи не е таков политички прототип.

Деновиве слушнавме и трето сценарио со неколку подваријанти. Имено, се’ се сведува на формирање на некаква техничка, преодна или експертска влада, која ќе има мандат да во рок од шест месеци, па до една година да создаде услови за вистински демократски и слободни избори. Тоа подразбира попис и дефинитивно прочистување на избирачкиот список. Во исто време таа преодна влада ќе треба да донесе закон за амнестија, со кој ќе бидат опфатени сите. Од оние кои наредиле да се снима, па преку оние за кои врз основа на објавените снимки има индиции за фалсификување на избори, местење на судии, за лустрирање по нарачки, па се’ до финансиски криминал и корупција затскриена со „донации“ и „дискаунти“. Нормално со таа амнестија е опфатен и Заев, односно актуелното водство на СДСМ, кое ги објавува снимените материјали.

Навистина е тешко да се прифати оваа теза, имајќи предвид дека зад сето ова има многу човечки судбини. Како можам да прифатам амнестија ако некои од врвот на власта со пари од буџетот преку донации и дискаунти си ги наполниле џебовите. Или, како да прифатам дека судиите се независни кога има цел куп снимки од кои се гледа како се станува судија кај нас, па потоа тие судии до крајот на живот им се благодарни на оние кои од зад кулисите им ја дале судиската тога.

Од друга страна, многу е реална можноста наместо закон за амнестија да ни се случи „закон на улицата“, а со тоа и голема веројатност да има и жртви. Патем, уште еднаш прочитајте ја вчерашната колумна на колегата Љупчо Поповски. Токму затоа, а имајќи предвид дека нашите политички елити немаат вистински државотворен капацитет, нам ни се потребни странците кои на крајот ќе пресечат, ама останува отворено прашањето дали, со тоа сме го пресекле и маѓепсаниот круг во кои се движиме веќе 25 години. Жално, ама таква ни е реалноста, а одговорноста во голема мера е и на нас како обични граѓани.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com