ТЕРОРИСТИЧКА УЈДУРМА

Однесувањето на власта, која кај сите кои не мислат како што таа сака, гледа предавници, антидржавни елементи, странски платеници… води кон создавање реални услови за граѓански немири

Најновите бомби на Заев од (средата) уште еднаш ја покажаа сета беда која владее во македонскиот информативен простор. Ако тука ја додадеме и неодамнешната трибина посветена на МРТВ како јавен сервис, во целост се заокружува сликата како актуелната политичка врхушка има воспоставено целосна контрола не само врз МРТВ туку и врз поголемиот број електронски и печатени медиуми. Во суштина, сегашните властодршци би се рекло до префекција го довеле процесот на контрола врз медиумите, процес кој започна од самото осамостојување.
Методите се добро познати, многу пари за газдите на медиумите кои во овие 24 години на самостојност повеќе пати ги сменија партиските дресови. Нешто „ситно“ (во однос на газдите) добива одбрана група на новинари- уредници, а потоа следи цела булумента „новинари“ и новинари кои заради гола егзистенција црното по нарачка, поточно по наредба, ќе го направат бело и обратно, при тоа најгрубо кршејки ги основните новинарски етички и професионални принципи. И во еден таков целосно контролиран и манипулативен медиумски простор многу лесно имате новинари „началници“ кои за добри пари се вистински приврзоци на шефови на кабинети или шефови на тајната полиција, односно на владејачката партиската елита и се подготвени во секое време да направат се’ што се бара од нив.
Понатаму, имате хоштаплери (како што во, демек, креираните снимки, вели министерот Ставрески) кои наместо во затвор за сторените измами имаат свои емисии во кои најголем новинарски дострел е бесење на слики на сите оние кои мислат со своја глава ги почитуваат професионалните принципи и имаат критички став за власта. Во една таква атмосфера на поделеност на патриоти и предавници воопшто не изненадува најгрубиот напад врз уредникот на Новатв Борјан Јовановски. Лично не верувам дека Владата или водството на ВМРО-ДПМНЕ го нарачала или пак го организирала овој крајно нецивилизиран и ужасен напад не само против Борјан Јовановски како новинар, туку и врз неговото семејство.

Целокупната општествена атмосфера која ја креира, пред се’, Владата, односно водството на ВМРО-ДПМНЕ, особено откако почна од страна на Заев да пукаат бобите, создава услови за вакви гнасни напади врз еден новинар и неговото семејство и тоа само затоа што мисли и зборува различно од она што ни го сервира владата преку своите „хоштаплерски“ и „началнички“ мегафони. Се прашувам дали утре нема да ни се случи да се појави и некој „современик“ на Ќосето кој можеби не со револвер или кама, ама со безбол палка ќе го „уредува“ информативниот простор. Ете, затоа, Македонија од година на година тоне на листата на „Фридом хаус“ кога станува збор за слободата на изразувањето и воопшто демократијата и човековите права и слободи.

И да се вратам на актуелната состојба. Додека опозицијата континуирано продолжува со објавувањето на бомбите, кои во секоја нормална држава ќе доведеа до оставка на премиерот, а со тоа и на целата влада, владејачката партија преку своите соопштенија континуирано не’ убедува дека Заев и целата опозиција работат на дестабилизација на државата. Ајде нека биде така како што велат, ама пак ќе прашам: ако некој континуирано работи на дестабилизација на државата и тоа ти го прави, што би се рекло, пред нос и максимално транспарентно, а ти како Влада не преземаш ништо, е тогаш Владата и надлежните институции се неспособни да не’ заштитат од вакви деструктивни појави. А за ова во секоја нормална држава следи оставка, односно политичка разрешница.

И сега одеднаш ни се случува Гошинце. Демек, четириесетина припадници на „УЧК“ ја заземаат карулата и тоа без испукан куршум во која има само четворица полицајци. МВР експресно реагира и настанот го квалификува како терористички акт врз државните институции. А да бидеме како граѓани подобро информирани во продукција на МВР можеме да го видиме и најновиот документарен филм на кој се гледа секира со која „терористите“ ги искршиле телефоните на полицајците. И ајде нека биде така како што стои во соопштението на МВР. Повторно прашувам: зошто Управата на ДБК не успеала да добие информации дека се подготвува терористички акт против институциите на државата. Односно дали директорот на ДБК и министерот за внатрешни работи не сносат објективна одговорност за овој терористички акт, но и за оние три напади врз зградата на Владата, а досега не се откриени сторителите.

Понатаму кој оценил дека во караулата во Гошинце треба да има само четворица припадници на пограничната полиција, кои, реално гледано, не можат ниту да патролираат ниту пак да стражарат. Каде е онаа силна опрема, што купена што донирана, посебно наменета за пограничната полиција? Вакви и ред други прашања можеме само да си поставуваме ама некое фајде нема. Интересно, нашиот молчалив претседател овој пат „самоиницијативно“ го свика Советот за безбедност во проширен состав, ама без претставник на Албанците (член е госпоѓа Флора Кадриу). До јавноста испрати едно крајно стерилно соопштение, ама ни на крај памет не му текна да побара одговорност од оние кои се задолжени за безбедноста.

Впечаток е дека настаните во Гошинце, кои многу малку личат на терористички акт, и’ одат на рака на тезата на власта дека Заев, односно СДСМ, ја нарушува безбедноста на државата. Сепак, тоа што е позитвно во целата оваа „терористичка ујдурма“ е фактот дека албанското население од липковскиот крај, заедно со некогашните вистински команданти на ОНА јавно изјавуваат дека нема да дозволат да ни се повтори 2001 година. Трагично е нешто друго. Ваквото однесување на власта, која кај сите кои не мислат како што таа сака, гледа предавници, антидржавни елементи, странски платеници… води кон создавање реални услови за граѓански немири кои нема да можат да се контролираат ниту со на ново купените гумени куршуми. А сето тоа може да предизвика многу понепредвидливи состојби не само кај нас туку и пошироко во регионот, а ние како држава и народ повторно да бидеме само паричка за поткусурување на туѓи сметки и интереси.

Историјата се повторува прво како фарса, а потоа како тегедија. Затоа се’ повеќе сум убеден дека без „дебела асистенција“ на меѓународната заедница нема сами да можеме да ја разрешиме сегашната политичка криза. И таа асистенција не треба тука да заврши. На сите нас како поединци и како колективитет ни е потрено ново ребрендирање на нашата свест, на нашите лажни вредности кои се далеку од европските. Само така можеме да го закопаме на историското буниште бурето барут кое го носиме со векови, само тоа е патот утре да станеме вистински дел на европското семејство и да ги споделуваме истите вредности и приципи

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com