ТАБЛОИДНА ПОЛИТИКА ВО ТАБЛОИДНО ОПШТЕСТВО

Како е можно во изминатите дваесет години да сме немале ниту еден штрајк кој навистина би се нарекол штрајк

Таблоидна политика неминовно раѓа таблоидна економија, потоа таблиодна уметност, па таблоидно новинарство и на крајот и таблоиден живот со десет часа замајувачка телевизиска програма.
Ова е дел од излагањето на познатиот (барем за нас постарите) српски новинар Александар Тијаниќ пред новинарите на Факултетот за политички науки во Белград, а интегралниот текст го објави нашиот „Утрински“. Иако ова е кажано за Србија, за жал ова во целост може да се каже и за кај нас, и тоа не од денеска или од вчера, туку веќе дваесетина години.
Се сеќавате, таа таблоидна политика во почетокот ни нудеше некаква еквидистанца во односите со соседите, па дека сме „оаза на мирот“ и „бисер на Балканот“, па дека за 2-3 месеца ФИРОМ ќе се укине и повторно ќе бидеме Република Македонија, па таблоидна приватизација… И сега некој ќе рече, аман, доста со тоа што било, туку како е сега. Точно. Но оваа потсетување го направив со цел само да покажам како почна тоа наше таблоидно живеење, кое во сите овие години продолжува, секако надградено и проширено.

Ајде во сегашноста. Во средата во 24 држави на ЕУ синдикатите организираа и штрајкуваа. Кај нас лекарите, демек, организираа некаков штрајк, ама се има впечаток дека ниту тие самите, односно нивниот синдикат едноставно не знае или не може да организира вистински штрајк. Секако најголемиот наш Синдикат и неговиот претседател ќе рече нема потреба да се штрајкува. Ресорниот министер ќе рече нема штрајк, а Владата ќе додаде дека и покрај кризата во Европа кај нас, администрацијата добива плата и нема отпуштања, пензионерите добиваат редовно пензии, а во март и зголемување од околу 7 проценти; дури и ги исполнува своите обврски до стопанството и ете прави поврат на ДДВ! Работава, мед и млеко.

Навистина се прашувам како е можно во изминативе дваесет години да сме немале ниту еден штрајк кој навистина би се нарекол штрајк, освен ако не ги сметаме протестите на одредени социјални групи и тоа најчесто под капата на политичките партии. Да, ама затоа политички митинзи имаме барем на секој шест месеци и тоа масовни со повеќе десетици илјади „незадоволни“ луѓе. Е, богами, ако ова не е таблоидна политика… не знам тогаш што е.

И веќе кога го споменав здравството и ресорниот министер кој своето министерување го надградува секој ден со некоја новост, од санитарни акции против лебарките, а сега за свои советници бара „генијалци“ со интелигенција од минимум 140 IQ. Браво министре, за оваа идеjа дури и „Вашингтон пост“ најде простор да пишува за нашите таблоидни успеси. Во исто време, неговиот колега министер за транспорт планира да гради аеродром во Охридско Езеро! Демек, ќе слетувале и хидроавиони и така Охрид ќе стане Јужен Пацифик или Кариби… и туристи колку сакаш. Еве повторно ќе се одржи акцијата на пошумување, односно „Засади ја својата иднина“. Навистина, во почетокот беше одлична идеја и смислена акција, ама зар не е подобро наместо садење дрвја, сега да се организира исто така масовна акција да ја исчистиме нашата околина од ѓубре и наместо да ја засадуваме нашата иднина, да ја направиме почиста и поздрава нашата сегашност.

Кого сме кај чистењето и прочистувањето, морам да ја споменам лустрацијата, која се сведе на најобичен кич и политикантско поткусурување. Секако дека вакво континуирано „таблоидно“ општество не може без таблоидни медиуми. Во овие дваесет години на самостојност сведоци сме од една страна на најблаго речено неразумно зголемување на бројот на медиуми, а од друга страна катастрофално паѓање на професионалните стандарди во новинарството и воопшто во уредувачката политика во медиумите. Странциве истурија цел куп пари преку најразлични воркшопови, твиниг-програми и туристички прошетки по странство, се’ со цел да се подигнат професионалните стандарди во медиумите. Арно ама, македонското новинарство тоне и тоне… И сега надлежниот министер за информатичко општество и државна администрација, кој по ново е задолжен за медиумите (пред тоа беше министерството за транспорт, иако во Европа медиумите спаѓаат најчесто во ресорот за култура), открива дека за состојбата во медиумите биле виновни Турците, со своите телевизиски сапуници и генијално ќе изјави дека зар не ни било доста петстотини години турско ропство, па сега да сме преплавени со турски серии.

Дур бакалам ефенди министер. Турскиве серии не ги донесе со сила аскерот на султанот Сулејман Величествениот, туку нашиве сами си ги купуваат, како што претходно не’ удавија со латинскоамериканските од типот на Касандра, па потоа се нагледавме хрватски сапуници… А да се прашаме зошто јавниот сервис МРТ нема своја сопствена продукција на ТВ-серии. На пример, во Европа сите национални ТВ-куќи сами или во копродукција и произведуваат најразлични телевизиски серии кои потоа одат во домашниот етер, ама и на медиумскиот пазар. Ама ако дневно се замајува јавноста со сечење ленти, со континуирани реклами од типот „Осмели се“ или ни се пласира дека Македонија е лулка на цивилизацијата и папокот на светот, дека имаме рудно богатство кое ќе не’ направи најбогати во светот, па како ќе градиме најголема фарма во Европа, се’ нај до нај… Е, во една таква изместена реалност, токму таблоидните телевизии остануваат единственото место да се избегне од реалноста.

Некој ќе рече дека не ја споменав опозицијата во сето ова. За жал, таа се сведе на обичен политички кич, во кој освен здодевните изјави од типот „Ова е крај на демократијата“ или „Фамилијата краде и се богати“ или со по некоја демек надзорна расправа како онаа за земјоделието во која Власта ја надмина за неколку копја. Е тогаш навистина ние граѓаните стануваме само обична паричка за поткусурување на таблоидните политички интереси и амбиции вечно да се владее.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com