СУДИИТЕ КАКО ДА НЕ ЖИВЕАТ ОВДЕ

Зошто ни Врховниот суд, ни Судскиот совет не реагираше на изјавата на судијката дека новинарите ги правеле најголемите притисоци врз судската власт

На кое дереџе е нашето судство најдобро покажува изјавата на судијката Илиевска, која деновиве, со сиот свој судиски авторитет, изјави дека најголеми притисоци врз независноста и самостојноста на судиите и судовите вршат медиумите и новинарите. Жално, ама и што да очекуваш од ова госпоѓа која го осуди Кежаровски, пресуда на која, еве да внесам и патетика, беше згрозена целокупната демократска јавност, како кај нас така и во Европа. Ако ја следиме логиката на „почитуваната госпоѓа судија“ може да се заклучи дека Република Македонија е единствената држава во светот во која новинарите и медиумите ги прават најголемите политички притисоци врз судиите, односно целокупната судска власт!?
Оваа „историска“ изјава на „почитуваната“ госпоѓа судијка, без разлика што не ја прифаќам, бидејќи нема аргументи почитувајќи ја онаа позната мисла на Волтер, ќе ја разберев како личен став. И како таков, едноставно, немаше да го коментирам.

Арно ама ниту Судскиот совет ниту пак претседателот на судот каде што „почитуваната“ судијка ја дели правдата, ниту пак претседателката на Врховниот суд, а уште помалку Судскиот совет, не најдоа за сходно барем со едно штуро соопштение да се оградат од вакви ставови. Вака може да се сфати дека, сепак, „тивко“ го споделуваат овој став на својата колешка. Оваа изјава странците секако си ја запишаа, па нема да ме изненади ако ни ја „тутнат“ под нос, односно во некој извештај, а ние ќе се правиме недоветни.
А на „почитуваната судијка“, еве, се осмелувам да и’ препорачам уште еднаш да си ги препрочита извештаите на Европската комисија, барем оној дел кој се однесува на судовите судиите и воопшто судската власт кај нас, а богами да си ги препрочита и препораките на Судот во Стразбур, особено оној дел кои се однесува на судење на новинари заради објавени нивни истражувачки стории, коментари или анализи.

Во рамките на тоа дереџе, на кое и како држава и како општество сме дојдени, односно на фактот како политичките елити се обидуваат да не’ манипулираат, е обидот на ДУИ во рамките на преговорите за имплементација на Договорот од Пржино да го стави и Охридскиот рамковен договор. Станува збор за еден сет барања (од правичната застапеност, преку барањето една од трите највисоки функции во државата да биде гарантирана за Албанците, понатаму, донесувањето на буџетот со бадинтерово мнозинство, избор на претседател на државата во Собранието и воведување на албанскиот јазик како втор службен јазик во државата). И одеднаш пристигна и познатиот Питер Фејт познат како еден од главните ликови во разврската на конфликтот од 2001 година, а сега претставник на Европскиот институт за мир. Овој институт учествува во подготовките на анализата за остварувањето на Охридскиот рамковен договор, која ќе треба да биде презентирана во декември кога ќе се одржи и меѓународна конференција. Овие барања кои сега на маса ги постави ДУИ, потпомогнати со присуството на Фејт, во суштина ги слушаме пред секои избори. Интересен е фактот дека поголем дел од аналитичарите и медиумите, без разлика на етничката припадност, многу децидно изјавуваат дека сето ова е само предизборен обид за манипулација, односно покривање на одговорноста на ДУИ и неговото раководство за сегашната политичка криза. Имено, актуелната состојба кај нас нема никаква врска со исполнувањето, односно неисполнувањето на Охридскиот договор и немаме меѓуетничка криза. Напротив, она што ни се случува последните месеци кај нас покажува висок степен на граѓанска сплотеност без разлика на етничката припадност. Затоа овој јалов потез на ДУИ не верувам дека ќе ја врати довербата на гласачкото тело или пак ќе го запре раслојувањето во албанскиот политички кампус.

Преговорите околу имплементацијата на договорот од Пржино (се разговара за сетот прашања сврзани со изборното законодавство составот на ДИК и избирачкиот список), повторно се закочени. Ни се случува веќе видено кога требаше да се избере специјалниот јавен обвинител. Ако и понатаму секој од „големата четворка“ влече на своја страна решението се знае. Странците од џеб повторно ќе извлечат плик во кој ќе ги има решенијата.

Катица Јанева ни го претстави штотуку избраниот тим на специјалното јавно обвинителство. Ама ние како јавност повторно ја покажавме нашата балканска политичка култура и веднаш се јавија цел куп експерти кои изразија целосно разочарување од тимот и дека од сето ова нема да има ништо добро! Не знам зошто однапред вакви негативни квалификации. Ајде да ги видиме барем првите конкретни потези на специјалната обвинителка, госпоѓа Јанева, и на нејзиниот тим па потоа ако треба да ја „распнеме на крст“, што би рекол народот. Ако некој го гледа СЈО само како алатка за рушење на актуелната власта, а притоа да не започне процесот на враќање на довербата во институциите, функционирање на правната држава и владеењето на правото, практикување на вистински демократски парламентаризам на сите нивоа од парламентот преку локалната самоуправа, па се’ до граѓанскиот сектор, тогаш само голата промена на власта ништо нема да промени. А за да успее тој процес, Катица Јанева заедно со нејзиниот тим се само едно а значајно шрафче, ама за жал само едно. Мислам дека е крајно време секој од нас да се погледа во огледало, да ја почувствува личната одговорност, но и да стори нешто за себе и за оваа каква-таква држава. Во спротивно, мислам дека многу бргу ќе треба да го замолиме Чом, кој така драматично ги згасна светилките во А1 сега да ја згасне и светилките на оваа држава.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com