СУБРАТА ДОЈДЕ, ПРОДОЛЖУВА ПРОГРАМАТА „ОСТВАРУВАМЕ“

Во јавноста и во медиумите се шпекулира дека Паско Кузман „згрешил“ нешто друго… ама нели кај нас има неселективно владеење на правото

И така во рамките на проектот и определбата на актуелната Влада „Остваруваме“ неделава се случија неколку големи остварувања и тоа во различни општествени сфери. Од она што го викаме правна држава и неселективно применување на законите, преку прочистувањето и уривањето на „лажните митови“ од поблиското минато (читај лустрација), па до економијата и странските инвестиции (читај Субрата Рој и неговата „Сахара груп“).
Во рамките на правната држава и „неселективната примена на законите“ неделава „падна“ Паско Кузман, неформалниот идеолог на антиквизацијата, па ако сакате и некакво ребрендирање на македонскиот национален идентитет. Велам идеолог, бидејќи во проектот „антиквизација“ малку ќе најдете наука и научни елементи и факти, а идеологијата, во суштина, е искривена слика за светот. За Паско Кузман, поточно за неговата „успешна кариера“ како археолог, но и како личност знаеме горе-долу сите. Заслужни за оваа негова блескава „научна кариера“,пред се’, е политиката, ама, барем за мене, исто толку заслужни или виновна е и археологијата како наука, односно молкот на сите оние познати и признати археолози и професори на катедрата за археологија кои не отворија уста на цел куп научни небулози што ги слушнавме од Паско.
Проверете во некое меѓународно стручно списанија, секако, со фактор на влијание да најдете текст од овој наш довчерашен „дворски археолог“. Некој ќе рече дека сега кога Паско „падна“, сум се распишал против него. Само да потсетам токму тука во нашиот „Утрински“ пред неколку месеци полемизирав со еден текст на Паско Кузман токму на тема антиквизација. Обвинението против Паско Кузман, барем во оваа фаза, е најблаго речено чудно. Според соопштението од МВР, тој е осомничен дека ја злоупотребил службената должност и дал дозвола за земјени работи, односно за проверка дали има некакво културно или историско наследство на познатите локации. Сите знаеме дека станува збор за потрага, ако добро се сеќавам по 230 тони злато, наводно, оставено од германската војска кога се повлекувала од овие простори. Ако се сеќавате, Паско Кузман како директор на Управата за заштита на културното наследство тогаш јавно кажа преку медиумите, па дури и се пофали, дека ако се најде златото, 80 проценти од него ќе оди во државната каса. Ако дозволата издадена од него не била законска, зошто тогаш не реагирало надлежното Министерство за култура и надлежната министерка.

МВР се жали дека не им било платено за полициската асистенција со што е оштетен буџетот за дваесетина илјади евра. Треба да се праша МВР како испратиле асистенција на незаконито барање. Барем во МВР треба да знаат кој може и според кои процедури се бара полициска асистенција. Вака излегува дека тогаш (2011 година) кога се случило инкриминираното дело, сепак, некој „таму горе“ поверувал во приказната на Паско за 230 тони злато… Нему му се верува (или веќе не) дека го знае и гробот на Александар Велики, дека заедно со уште еден негов истомисленик го решиле написот на „Розетата“… му се веруваше кога како сведок во аферата „Фаланга1“ изјави дека тој артефактите не ги видел, туку видел само фотографии, ама како експерт со сигурност тврди дека тие се оригинали!!! И ајде како нема да му веруваш на ваков „експерт“ дека сега ќе се најдат 230 тони злато.

Во јавноста и во медиумите се шпекулира дека Паско Кузман „згрешил“ нешто друго… ама, нели, кај нас има владеење на правото неселективно… и ете уште една победа против организираниот криминал … уште едно „Остваруваме“.

Тука не запира овој процес на „остварувања“. Продолжува на полето на уривањето на „лажните митови“ од нашата понова историја. Откако го лустрираа одамна починатиот Славко Јаневски, еве паднаа уште двајца академици, Томе Серафимовски и Божин Павловски. Во меѓувреме, Божин Павловски со отворено писмо се повлече од МАНУ и од Друштвото на писателите. И сега е за очекување посебно по онаа срамна колумна на Ивица Боцевски, оние „уривачи на митовите“ и него да го прогласат за плагијатор, арамија, предавник, како што сторија со покојниот Славко Јаневски. И така процесот на прочистување и уривањето на „лажните митови“ продолжува успешно. „Остваруваме!“

Ама бидејќи Паско Кузман не го најде германското злато, а директните странски инвестиции и покрај интензивното талкање по светот се речиси занемарливи, а процесот „Остваруваме“ мора да продолжи повторно кај нас, дојде индискиот милијардер Субрата Рој и тоа сега со нов проект, овој пат во земјоделството. Можеби е интересно кога зборуваме за инвестиции барем на глобално ниво да се погледа актуелната состојба.
Според податоците и анализите на агенцијата на ОН (UNKTAD http://unctad.org/en/PublicationsLibrary/wir2013_en.pdf), на глобално ниво се забележува дека директните инвестиции паѓаат. Изненадувачки е фактот дека во развиените држави падот е драстичен, речиси 70 проценти, но затоа во неразвиените држави овој пад е многу помал. На пример, во 2011 година на ниво на ЕУ директните странски инвестиции изнесувале 441 милијарда долари, додека во 2012 само 258 милијарди. И во овој тренд Македонија како неразвиена држава повторно е некаде на дното.

„Милијардерот“ Субрата Рој вели дека го одушевиле убавините на Македонија и отвореноста и топлината на Македонците и затоа решил да инвестира барем половина милијарда долари во туризмот и Охридско Езеро ќе стане елитна светска туристичка дестинација. А во земјоделството, поточно во пропаднатиот Комбинат „Џумајлија“ ќе донесе за почеток 8.000 крави, а за три години по Овчеполието ќе се пасат 20.000 крави!? По природа не сум скептик, ама кога некој ќе ви рече дека ќе инвестира затоа што државата е убава и дека го сака народот, тогаш скептицизмот самиот по себе се раѓа. Не треба да си економист, па да знаеш дека профитот и само профитот е мотив и услов за инвестирање. Ама ние ја проголтавме и милијардата од Тајван и инвеститорите кои, ете, само што не дошле, така што ќе го проголтаме и Субрата Рој.

А во меѓувреме програмата „Остваруваме“ продолжува на сите полиња. А ние, граѓаните, живееме среќни и весели во нашата убава Македонија, држава во која владее правото и демократијата. А како знаеме дали живееме во демократија или не. Едноставно, политичките вицови на сметка на демократијата не се ниту малку смешни.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com