СТРАНЦИТЕ КАКО ПРВА ПОМОШ

Нека полежи министерот за здравство неколку дена на Пулмологија и тогаш убаво ќе види каде заглавиле неговите реформи

Неделава актуелниот претседател на државата за последен пат се обрати пред пратениците на Собранието. Ако судиме според содржината на говорот, тој повеќе личеше на патетично збогување, полно со статистички бројки отколку на државнички говор. Колку држави посетил во својот мандат, колку ордени поделил, колку странски претседатели дошле кај нас и колку пати станал почесен член на разни белосветски академии. Патриотска патетика дојде до израз истакнувајќи како тој цел мандат бил на браникот на нашето уставно име, национален, јазичен и културен идентитет и достоинството на државата и граѓаните. И во тој свој наплив на патриотизам најави дека е дојдено времето да побараме во Обединетите нации да се реши еднаш засекогаш спорот со името. Убаво звучи, ама да ни кажеше претседателот што тој конкретно ќе направи за ова. Имајќи предвид дека и според Уставот претседателот има надлежности во креирањето и извршувањето на надворешната политика, барем да ни кажеше дали дал соодветни инструкции за ова до амбасадорот во нашата мисија во ОН. Дали дал насоки за лобирање кај нашите странски пријатели, пред се’, кај постојаните членки на Советот за безбедност. Понатаму, дали иницирал формирање експертска група која ќе работи на ова. Дали иницирал формирање некакво политичко тело составено од сите релевантни политички субјекти каде што ќе треба да се постигне внатрешен консензус. Како и да е, во право е господин Ахмети кога најави дека нема да го поддржат Иванов за втор мандат, објаснувајќи дека тој не е лош човек, ама ништо добро не направил за државата. Во суштина, ДУИ најави дека во иднина ќе се залага за некаков консензус кој да биде кандидат за претседател и демек нема да дозволи албанскиот електорат да бидат само изборен декор.

Се прашувам од каде му сега на Ахмети идеја за консензус за претседателски кандидат и неговата загриженост дека албанските гласачи се само декор. Морам да го потсетам дека токму Ахмети е виновник за оваа, како што тој ја нарекува, декор состојба, со албанскиот електорат. Пред пет години албанските политички лидери да ја поддржеа кандидатурата на Имер Селмани, тој ќе влезеше во вториот круг наместо Љубомир Фрчкоски. Е, тогаш, навистина ќе беше интересен вториот круг од изборите, а богами и неизвесен. Инаку, Ахмети добро знае дека ако сака претседателот да се избира со некаков „етничко-партиски консензус“ тогаш треба да се менува Уставот и изборот на претседател, наместо на општи и непосредни избори да се избира во Собранието. Се прашувам дали Ахмети ја доби оваа идеа додека шеташе во европските престолнини, лобирајќи за добивање датум за преговори. Атина – лулката на демократијата, нели? Берлин, лидер на идејата за здружена Европа, понатаму Рим – споменав само некои главни градови на држави каде што претседателот се избира во парламентот. Или, пак, некој од нашиве „странски пријатели“ се обидува повторно да ни скрои ново уставно џамаданче, кое по правило е секогаш тесно за некои политички етнички елити. Сето ова ќе го видиме многу брзо. Никој не ни е виновен кога постојано викаме странци и за најбанални работи. Еве, странски експерти предложија Избирачкиот список да е во надлежност на ДИК, а сега велат дека ДИК нема механизми тој да го уредува, односно, кажано меѓу редови, вратете го назад од каде што сте го зеле? Странец ја виде и МРТ и знаеме како заврши. Фондот за здравство го водеше странец. Во Владата од 2006 година, па до денес редовно седат „нашинци“ од странство, некои дури не го знаат ниту македонскиот јазик. Па така го имавме прво оној (веќе му го заборавивме името) кој ни го ветуваше енергетскиот проект АМБО и како што самиот се фалеше, собрал 3 илјади визит-картички од потенцијални инвеститори, и толку.

Сегашниов актуелен, кој на состаноци на Владата оди со преведувач (барем така видовме во директниот пренос од Владата), сега ќе барал инвеститори на средниот запад од САД и во северна Италија? Човекот искрено си призна дека има потенцијални инвеститори од Италија кои сакаат тука да инвестираат бидејки таму синдикатите им прават проблеми, а кај нас нема такво нешто. Toa e точно, бидејќи кај нас Синдикатот е само на хартија.

Мислам дека посебен љубител на странци е актуелниот министер за здравство. Човеков се прочу прво со преводи на странски учебници за Медицинскиот факултет, а потоа пропатува од САД, па се’ до Кина барајќи лекари специјалисти кои ќе доаѓаат кај нас и ќе ги обучуваат нашиве лекари. Е, па, министре, бидејки колумнава ја пишувам од болнички кревет на Клиниката за пулмологија, каде што заглавив поради мојата недисциплина, пушењето и „чистиот воздух“ во Скопје, ве канам да дојдете да ја видете вашата успешна реформа во здравството. Нема да верувате, ама ако од дома немате донесена прибор за јадење, нема да добиете болнички, бидејќи -нема. За храната посебна приказна, едноставно не се јаде… Интернет нема, ама ајде, нека оди ова на сметка на министерот за информатичко општество. Ама за искинати чаршафи, за искршени веце-школки, за немање ниту шајка во бањата за да обесиш крпа… и цел куп други работи можеби во некоја друга пригода. Единствено што, за среќа, не сте успеале да го реформирате е посветеноста и стручноста на лекарите и на другиот медицински персонал, кои навистина прават се’ што е потребно за нас како пациенти.

И така странците и оваа година која завршува имаа на овој или на оној начин важна улога во нашиот секојдневен живот. Ајде да си посакаме в година прво ние како граѓани да ја покажеме нашата граѓанска одговорност, но и храброст да ги промениме состојбите и носителите на тие состојби

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com