Сто дена влада – 26 години континуитет

 

Можеби некој ќе рече што сум сакал да кажам со ваков наслов? Според моите „скромни“ разбирања на нештата во првите сто дена од новата Влада предводена од премиерот Зоран Заев покажа многу повеќе континуитет на нашата 26 годишна (не)успешна транзиција. Тоа што барем мене ми се чини како голем недостаток на актуелната влада и премиерот Заев е фактот што не се чувствува вистински дисконтинуитет со владеењето на „фамилијата“ на чело со хазаинот Груевски. Некој ќе рече дека за сто дена не може многу да се направи. Точно, дури и јас со мојот стар птичји мозок тоа го разбирам, и јасно ми е дека за да дојде „животот во Македонија“ треба време. Ама за овие сто дена не видовме вистински потези и мерки од Владата кои би покажале дека е воспоставен систем за започнување на процесот за дегрујевизација како на државата така и на општеството. Ако се мисли дека со масовни кадровски промени и не баш многу среќни кадровски решенија (сетете се само на реакциите по социјалните мрежи) ќе се врати „слободата и животот“ во Македонија тогаш уште долго ќе ги чекаме. Навистина имаше и неколку конкретни мерки кои ајде да не бидам груб ќе ги именувам „социјално популарни“, како што е евтината струја, укинувањето на екстерното оценување, пензионерите владата и понатаму ќе ги „бања“, секако со буџетски средства и уште други како што реков „социјално популарни мерки. Зарем ова не ви личи на континуитет на популизмот на Гуевски. Понатаму Заев поточно неговите спин доктори продолжуваат со фолклорната медиумска сценографија кога премиерот опкружен со министрите држи прес конференции. Таква нешто не видовме ниту кај Бранко Црвенковски, ниту кај Љубчо Георгиевски, ниту кај Хари Костов или кај Владо Бучковски. Тоа го воведе Груевски а еве Заев сега одржува континуитет. Понатаму генералниот секретар на Владата зборува дека има цел куп вработени кои досега земале плата а не доаѓале на работа. Патем тоа го знаевме уште додека Груевски беше на власт. Ама сега очекувам конкретни законски мерки против овие буџетски паразити како и против оние кои донеле политичка одлука да бидат примени, а потоа и оние кои го направиле формалното примање бидејќи токму такви примери создаваат негативна перцепција до државната администрација. Понатаму, со право беа упатени критиките до Груевски и дека има цел куп „странски советници“ и дека за се нешто демек се консултира со странски експерти. Навистина сега засега премиерот Зоран Заев нема многу „странски советници“ ама таква тенденција има. И она што деновиве посебно ме шокира е фактот дека сега ќе сме викнале странски експерти кои ќе треба да оценат дали новиот Клиничен центар може да се гради кај стариот или е потребна нова локација. Па добро бе господа од власта зарем толку да ја потценувате македонската наука на полето на градежништво и архитектурата па сега ќе викате експерти од странство. Е ајде да го затвориме Градежниот и Архитектонскиот факултет во Скопје!

Одреден континуитет се гледа и во медиумите. Ако до вчера Груевски и ВМРО-ДПМНЕ беше прва вест сега тоа е Зоран Заев и СДСМ. Посебно ова е присутно  кај самонаречени демократски, професионални  медиуми и новинари. Во суштина овие медиуми, заедно со оние самопрогласени патриотски медиуми и новинари заедно, се две страни на ист медал кои се вика домашно фолклорен медиумски простор. Медиумски простор во кој има малку новинарски професионализам ама затоа многу лукративни интереси. Еве на пример погледнете го порталот на најдемократскиот нај професионалниот а богами и нај лукративниот новинарски сончоглед другарот Геровски. На пример само избројте колку вести има за Заев во последниве 2-3 дена. Само денеска(8 септември) на пример имате цела низа од вести за Заев, од тоа дека ќе оди на гробиштата во Бутел и ќе положи цвеќе на гробовите на претседателите Киро Глигоров и Борис Трајковски, па потоа најава дека ќе оди во Драчево па потоа вест дека положил цвеќе на гробовите на претседателите и така вестите за Заев се нижат. И замислете го тој професионализам. Во веста за полагање на цвеќе на крајот се вели дека цитирам „Во делегацијата со Заев беше и вицепремиерот Бујар Османи“. А на фотографијата многу јасно се гледа дека присутна е и министерката без ресор Зорица Апостолска. Ама изгледа за другарот Геровски таа е небитна фигура, како што за него е небитна фигура и младиот колега Гоце Михајловски на кој овој професионален демократ му посвети дури и две колумни докажувајќи дека Гоце Михајловски е небитна фигура која на лицето има глупава насмевка. Го знам Гоце подолго време а според мене сепак имаше храброст да признае зошто отишол во НОВА и зошто си отишол. Е па Гоце кога згасна А1 ја немаше онаа способност на другарот Геровски преку ноќ да се „снајде“ (лукративно мислам) а и како „небитна фигура“ не го вклучија во онаа невладина организација „ГЕМ“ (Граѓани за Европска Македонија). Гоце со својата „глупава насмевка“( као што пишува) Геро не доби пари за да формира свој портал. Понатаму за Гоце не слушнавме сѐ уште како некој му кажува што да пишува и како да пишува, а слушнавме како Геро добива инструкции и што да пишува а богами стана збор и за некои хонорари и пари. И да бидеме на јасно. Го познавам и Геровски и знам дека е доволно паметен да секој денар што го заработил го пријавил така да не обвинувам за некаков даночен криминал или слично. Ама затоа овој „најдемократски“ борец за слободата на Македонија со најдолг боречки стаж ама нема ниту трунка право да на некого а најмалку на Гоце Михајловски да му чита морални или професионални поуки. А со формулацијата глупава насмевка на лицето на Гоце само ја покажува својата провинциска политичка култура. Инаку како што беше и досега главните приватни електронски медиуми како што е онаа телевизија која до вчера прва дознава и уште некои други веќе полека се престројуваат односно газдите веќе по не знам кој пат ги менуваат дресовите. Зарем ова не е континуитет…

И така го одбележавме по дваесет и шести пат 8 септември, овој пат под мотото „Да живее слободата на граѓаните на Република Македонија“ Ако не се лажам пред две години на овој ден неговото Правосвештенство Митрополитот Пимен запиша „Денес над Македонија се раѓа ново сонце на слободата, но за жал сè повеќе Македонци изгрејсонцето го гледаме од запад. Боли тој поглед, но боли и погледот детски кога немаш да му дадеш ништо во испружената рака. Честит празник татковино! Те сакаме. Ти ништо не ни згреши. Ние тебе ти згрешивме. Прости“!

Тогаш на ова запишав. „Во право сте отец Пимен, ама Бог простува додека историјата и политиката по правило не простува“. За жал и денеска овие мисли на Митрополитот Пимен се актуелни …

Тодор Пендаров

p.s за полесно читање предлагам убава музика

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com