СТОЧАРОТ БОРО

Како е можно од година на година да растат субвенциите, а секоја година да расте и увозот на земјоделски и прехранбени производи

Летните горештини ги преживувам на планината Јабланица, во селото Лакаица, на 1.300 метри надморска височина. Селото кое е само на 2 км од границата со Албанија, одамна е празно. Некогаш имаше само 12 куќи со околу сто жители, ама околу 2.500 овци, а секоја куќа имаше и по еден ѕевгар волови за орање, барем по еден коњ и по една крава за млеко за децата (млекото од овците се користеше за сирење). За жал тешките услови за живот, струјата дојде дури во 1981 година, а и денеска за да стигнете до него ви треба џип, си го стори своето.Во суштина Лакаица и жителите се жртви на онаа вулгарна логика на повоеното македонско партиско и државно водство, која се сведува на паролата „индустријализација плус електрификација и ете ти социјализам“. Логика која го уништи македонското село. Еве само еден податок. Според последниот попис на Кралството Југославија во предвечерието на Втората светска војна во Македонија имало над 3 милиони ситен добиток (овци и кози).

Последниве години Лакаица преку лето живнува. Неколку потомци на некогашните жители ги обновија куќите на своите прадедовци и тука го поминуваат летниот одмор. Но, вистинскиот дух на селото колку-толку го враќа сточарот Боро со своето стадо од 300 овци, кои од мај па до Митровден ги пасе тука. Со него е неговата сопруга, која прави многу добро сирење, потоа двајцата синови со своите невести и неговите седум внуци од кои најмалиот има само три години. Животната приказна на Боро, кој живее во соседното село е многу слична на луѓето од овој крај. „Почнав како овчар токму тука во Лакаица, потоа се фатив за мистрија и работев во Словенија, Австрија, Италија ама животот далеку од дома не е лесен. Затоа решив да се вратам дома и повторно да станам овчар ама сега на сопствено стадо и, сполај му на Господа, имаме еден живот“, вели шеесет и двегодишниот Боро додека мезиме од неговото сирење. „Планината е богата, покрај сочната трава која дава квалитетно млеко жените заедно со внучињата берат малини, шумски јагоди, разни билки и чаеви, а богами еве почнуваат и боровинките, така што цела зима имаме природни сокови. Настинката ја лечиме со билките кои ги собираме. Јас со овците, синовите косат и собираат сено за долгите зими кои овде знаат да траат до крајот на април, а секој четврток одат во Вевчани на пазар каде што нашето сирење си има постојани муштерии… Знаеш, животот на село не е лесен, ама едно е сигурно, нема никогаш да бидеш гладен. Еве сега за овците добиваме и субвенции од држава, што навистина многу ни помага, ама не верувам дека сточарството ќе се развива. Еве, од седум внуци само еден вели дека сака да биде овчар кога ќе порасне, другите велат дека сакаат да живеат во Струга, да одат на плажа“, мудрува Боро.

„Навистина до нашето село (Јабланица) има асфалтиран пат, ама кога ќе падне снег тешко се пробиваме до Струга. Пред две зими мораше и хеликоптер да доаѓа по болен човек, бидејќи речиси еден месец бевме завеани. Иако одамна добивме струја до денешен ден имаме проблеми со електриката. Од друга страна децата преку телевизијата и интернетот гледаат многу убави работи за животот, плажи, забава, па затоа сакаат да бегаат од тука. Јас пред 30 години работев во Словенија и Австрија и видов како таму живеат на село и како државата не само со субвенции туку со многу други работи помага селата да опстанат и да се развиваат. На телевизијата слушаме за некакви европски пари и фондови ама ние сме неуки луѓе и многу тешко се снаоѓаме како да дојдеме до тие пари, а оние кои треба да не’ подучат како да ги користиме тие пари тоа не го прават“.

Сточарот Боро со својата здрава селска логика многу добро ја согледува и ја оценува состојбата во земјоделството, а посебно во сточарството. И самиот се прашувам – како е можно од година на година да растат субвенциите, ама секоја година расте и увозот на земјоделски и прехранбени производи. Зошто имаме толку голем дефицит токму во трговската размена со странство на полето на земјоделски и прехранбени производи. Од друга страна, во рамките на Владината програма „Остваруваме“ постојано слушаме за успеси во земјоделието, за инвестиции во системите за наводнување за откупни центри за некоја година во Овчеполието ќе паселе 20 илјади крави… Нашето грозје и вино било најдобро уште од античко време, за нашите раноградинарски производи во соседството, а и пошироко, речиси се тепаат, за бостанот и јаболкате и да не зборувам. И така успех до успех, ама и нашиот „Утрински“ неделава пишуваше за „дрвениот“ домат кој го јадеме и како го уништивме македонскиот „јабучар“ и другите автохтони сорти на домати. Кај нас сите знаат за фамозниот „институт“ „Димитрија Чуповски“ кој како на фабричка лента продуцира истражувања на јавното мислење со кои сите владини политики и мерки се со над 70 проценти поддршка од јавноста!?

Ама дали некој слушнал за Институтот за овчарство. Дали некој досега слушнал или прочитал која сорта овца одговара на нашето поднебје и нашиот начин на одгледување. Дали некогаш сме слушнале колку Владата односно надлежното министерство одвојува средства за овој институт и воопшто за научно истражувачката дејност во Македонија. Дали некој слушнал и дали надлежното министерство нешто досега направило да се зачуваат автохтоните сорти и семиња не само познатиот домат туку и на други растенија. Да потсетам дека пред неколку години сите светски медиуми објавија вест дека во Норвешка на еден оддалечен остров во Северното Море е направено вистинско атомско заклониште во кое се чуваат автохтони сорти на семиња од најразлични земјоделски култури како одговор на денешните генетски промени во земјоделието.

Се сеќавам пред многу години во Далмација со уште еден колега новинар на ХТВ седевме во еден ресторан и се мастевме со познатото јагне од островот Паг. Сопственикот ни се приклучи и јас љубопитно го прашав колку овци има на Паг ако се има предвид дека во Загреб, па Истра и цела Далмација, во секој подобар ресторан се нуди островско јагне. Бидејќи знаеше дека сум Македонец тој се насмеа и рече: „Госпон, додека го има шарпланинско јагне и воопшто македонското јагне, ќе има и јагниња од островот Паг“.

Ама затоа неделава слушнавме дека премиерот свечено предал уште 12 наслови на преведени светски учебници што е во рамките на проектот „Илјада наслови“ на универзитетски учебници од сите области. Понатаму слушнавме дека во поликлиниката во Ѓорче Петров хиперактивниот министер за здравство отворил ординација за уво нос и грло(???), а во исто време во болницата во Штип светски офталмолози само за два дена направиле десетици и десетици операции со што станавме шампиони во регионот!? Богами, се плашам дека со вакви и слични „остварувања“ на полето на здравството се’ повеќе личиме на некоја африканска држава во која во рамките на позната организација „Лекари без граници“ се вршат вакви масовни здравствени акции.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com