Стапот има два краја

 

Дали неделава Иванов ќе го даде мандатот на Заев, дали претставниците на парламентарните партии во понеделник на координација кај новиот претседател на Собранието господин Талат Џафери ќе се договорат околу измените на изборниот законик и да постигнат договор кога ќе се одржат локалните избори и како до тогаш ќе функционира локалната самоуправа. Дали Јавното обвинителство на Зврлевски кое се „прослави“ со барањето за заштита на законитоста врз кое Врховниот суд го укина притворот против Сеад Кочан кој сега дефинитивно може слободно да се врати од „службен пат“, наскоро ќе поднесе и барање за заштита на законитоста за оние кои се во притвор заради крвавите настаните од 27 април во Собранието, а за другите ќе ја запре постапката. И кога ги споменав овие настани внатрешната контрола на МВР суспендирала неколкумина полицајци од внатрешното обезбедување на Собранието. Вест која кај многу службеници од Собраниската администрација предизвика навистина гнев и револт. Ќе прашате зошто. Затоа што токму тие ги спасија колегите од она што го викаме режија од каде се емитува сигналот за Собранискиот канал. Службеници кои останаа, а може да си заминат пред да влезе толпата, со цел да ја заштитат опремата која вреди на стотици илјади евра. Токму суспендираните полицајци ги вадеа од таму. Ама затоа не е суспендиран ниту сменет Чавков кој со саати се криел пред министерот за внатрешни работи и не му се јавувал на телефон, ама затоа го известил хазаинот (газдата) кој беше во Виена. Не се суспендирани ниту оние команданти кои со Чавков се сликаа на прес конференцијата. Не се суспендирани оние припадници на МВР кои дојдоа и ги собраа лентите од безбедносните камери ама можеби нивниот „шеф“ заборавил да им нареди да го соберат и таканаречениот beck up. Така да останаа доказите кои ги отворил вратите во Собранието. Ама како што викаат кај нас ако не можеш да удриш по магарето тогаш удри по самарот па така барем засега Чавков и неговите началници и команданти се спасија, жртвувајќи „обични“ полицајци. Но како што се вели стапот има два краја. 

Сето ова што ни се случуваше а лично верувам дека таа опструкција, поточно држејки ги сите институции во своевидно заложништво од страна на фамилијата ќе продолжи. Целата е одамна прочитана. Како да се спаси Груевски и фамилијата од правна разрешница. Се игра на карта дека со нефункционирање на институциите посебно сега на ниво на локална самоуправа, ќе се акумулира незадоволство кај граѓаните. Посебно моронска беше онаа граѓаните од 15 мај нема да можат да стапат во брак бидејќи нема кој да ги венча?  Спин докторите на ВМРО-ДПМНЕ плус нивните медиумите со полна пара работат  да создадат перцепција дека виновник е СДСМ и парламентарното мнозинство. Секако за ВМРО-ДПМНЕ излезот се нови парламентарни избори заедно со локалните и тоа ако може на самиот почеток од летово, односно најдоцна до октомври годинава. И повторно многу јасно се чита главната цел како да се избегне правната разрешница која произлегува од прислушкуваните материјали кои сега се во рацете на  СЈО.

Понатаму, одлуката на Врховниот со која е укинат притворот на Сеад Кочан е невиден преседан кој верувам ќе се изучува како пример на партизирано судство кое се темели на тефтерчето на Гоца плус Сваровски накит. Во суштина Груевски и фамилијата со ова сакаат да покажат на сите дека сѐ уште се моќни и ниту суд ниту СЈО ниту јавноста не им може ништо. Во истовреме сакаат на сите членови на фамилијата без разлика на кое место се во хиерархијата да им покажат дека тие се грижат и нема да дозволат некој од нив да страда, но затоа фамилијата очекува целосна послушност и пред сѐ молчење.

Во оваа добро скроено но за жал многу опасно сценарио за сите нас како граѓани, одлично се вклопува и онаа павлиха Иванов легален но не и легитимен претседател. Имено убеден сум дека тој ќе продолжи да ја вергла онаа мантра која му ја напишаа во штабот на фамилијата, за унитарноста на државата. Ќе бара гаранции од Заев а ни самиот не верувам дека знае какви гаранции може да бара. Затоа мислам дека парламентарното мнозинство односно Заев нема што да дава гаранции на Иванов ниту па тој може да бара било какви гаранции во смисла каква ќе биде владината програма. Само еден пример. Јанез Јанша пред нешто повеќе од 3 години беше премиер иако неговата партија беше на второ место по освоените мандати. Победникот Јанковиќ (патем актуелен градоначалник на Љубљана) не успеа да состави парламентарно мнозинство и го врати мандатот. Тогашниот претседател на Словенија одби да го даде мандатот Јанша кои собра мнозинство во парламентот па не затоа што тој не е победник туку со образложение дека Јанша е замешан во онаа позната европска коруптивна афера со борбените возила Патрија и на таков политичар тој одбива да му го врачи мандатот. Тогаш парламентарното мнозинство го заобиколи претседателот си свика седница на парламентот и избраа влада на чело со Јанша. Интересно ниту опозицијата ниту експертите ниту словенечката јавност ниту меѓународната заедница не го оспорија легитимитетот на Јанша како премиер. Патем после скоро 3 години владеење Јанша тогаш од страна на своите коалициски партнери му беше изразена недоверба и тој заврши во затвор токму заради корупција. Ете толку за таканаречените позитивни европски практики, ама кај нас ако нешто не се вклопува во сценариото на фамилијата не се зема предвид.

Како и да е не верувам дека Груевски и фамилијата се подготвени да ја предадат власта на мирен и демократски начин. Навистина не би сакал да шпекулирам што се може да се случи но како што вели народната мудрост стапот има секогаш два краја. Убаво звучи ама кај нас мудроста одамна си замина во непознат правец…

Тодор Пендаров

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com