СТАНУВАМЕ ЛИ ДРЖАВА БЕЗ ИДНИНА?

Амбасадорот Волерс навистина на изјавата за идентитетот и’ даде личен печат, ама верувам дека на сите им е јасно дека американски амбасадор никогаш не зборува лично

И така по дванаесетти пат ја засадивме „својата иднина“ во рамките на акцијата „Денот на дрвото“. Во сите овие акции нашата држава е пошумена со околу 45 милиони садници, што обезбедуваат кислород за десет милиони луѓе, барем така, гордо изјави дамата која е на чело на овој проект. За жал, една убава акција и идеја, која во суштина не е нешто ново ниту, пак, некаква оригинална идеја на проектот „Остваруваме“, денеска стана најобична алатка на дневнополитичкото билдање на партиските рејтинзи, алатка на груба политичка пресметка помеѓу политичките партии и, секако, алатка која придонесува за се’ поголемата поделеност на општеството и граѓаните на „наши“ и „ваши“.
Патем, најголемо пошумување во Македонија е направено во 1987 година кога (ако не се лажам) се посадени околу 35 милиони садници. Нејсе, тогаш за садење државата не прогласуваше неработни денови, така немаше потреба да се откажуваат околу десет илјади здравствени специјалистички прегледи! Навистина бизарно. Ама, затоа ниту малку не е бизарна изјавата на амбасадорот на САД, господин Волерс, кој пред студентите на Штуловиот универзитет рече дека идентитетот ние, граѓаните, на Македонија не треба да го градиме врз етничката припадност, јазикот, културата или верата бидејќи тука сме многу различни, туку идентитетот треба да го градиме врз заеднички вредности? Амбасадорот Волерс како доказ го понуди својот личен пример баба му Германка, дедото Холанѓанец, а тој чист Американец, бидејќи ги прифатил американските вредности…

Што сакаше Волерс да каже со ова? Нашиве експерти (како по обичај) поделени во своите експертски анализи и заклучоци. Едни го оценија ова како позитивен предлог. На овој начин Македонија и сите ние граѓани сега, според Волерс, поделени на Македонци Албанци, Турци, Роми, Срби, Бошњаци, Египќани, Евреи, Власи… (се извинувам ако заборавив некого) ќе можеме да се вклучиме во глобалните интеграциски процеси кои барем ние ги разбираме како ЕУ и НАТО. За други експерти, Волерс со ова сака на своевиден начин да ни го менува идентитетот на сите нас кои живееме овде. Дали е ова некаков „пробен балон“ на американската администрација, со кој утре ќе се решаваат некои (етнички) прашања на Балканот? Волерс навистина и’ даде на оваа изјава личен печат, ама верувам дека на сите им е јасно дека американски амбасадор никогаш не зборува лично, уште помалку дели совети врз лично искуство, туку секогаш во согласност со американските интереси.

И да не „давам“ сега и јас што е тоа национален идентитет. Во Европа единствено во Швајцарија граѓаните се прво Швајцарци, па потоа се припадници на некој од трите народи (Германци, Французи, Италијанци). А, заеднички им се само три вредности. Неутралноста на државата (не се членка ниту на ОН), потоа банкарскиот систем кој се темели врз банкарската тајност и препознатливиот швајцарски џебен нож. И ете врз овие три вредности државата и граѓаните (Германци, Французи, Италијанци) функционираат како најдобрите швајцарски часовници.

Од друга страна, навистина би било интересно да се види што ќе се случи ако амбасадорот на САД во Белгија, на пример, на Универзитетот во Лувен, кој е еден од најстарите во Европа, вакво размислување го понуди како надминување на етничката поделеност на Белгија (Фламанци и Валонци). Да потсетам токму поради таа поделеност Белгија две години не можеше да формира влада. Верувајте, такво нешто не може да се случи од проста причина. Стејт департманот добро знае дека ќе добие од белгиската влада остра протесна нота за мешање во внатрешните работи. Нормално, кај нас се заврши на реакции од нашите експерти додека надлежните институции (МНР) молчат.

Еве денеска е петок, ама МНР (Министерство за надворешни работи) молчи околу предлог-резолуцијата на бугарската националистичка партија АТАКА поднесена во бугарскиот парламент со која се бара дел од територијата на Македонија (Струмица) и делови од Србија каде што живеат Бугари да и’ се вратат на Бугарија како услов за поддршката на Бугарија за членство во ЕУ. Иако предлогот е најблаго речено идиотски и, пред се’, спротивен на интересите на Бугарија, сепак, МНР не смее да молчи, бидејќи АТАКА е парламентарна партија која ја поддржува сегашната владина коалиција.

Се сеќавам и известував кога по осамостојувањето на Словенија и на Хрватска, слични барања изразија и некои италијански националистички партии. Тогаш и словенечкото и хрватското МНР остро реагираа истакнувајќи дека границата со Италија е решено прашање со Осимските договори и тие се правни наследници на СФРЈ. Инаку, да ги потсетиме господата од АТАКА кои ете сега бараат ревидирање на Нејскиот мировен договор (склучен пред 94 години по Првата светска војна) дека тогаш и Грција доби дел од Тракија. Изгледа овие од АТАКА или не си ја познаваат историјата или, пак, им влегол страв в коски од нивните идеолошки грчки браќа од Златна зора.

И кога сме кај евроинтеграциските процеси, неделава со своите изјави не’ утешија вицепремиерот Бесими задолжен за евроинтеграциите и госпоѓата Александра Кас Грање, која изјави дека Европа не се откажува од Македонија, а вицепремиерот возврати дека Македонија не се откажува од ЕУ. Е, богами мелем на рана откако по петти пат нема да добиеме датум а преговори!!! Изјава која барем мене лично многу ми личи на онаа „антологиска“ изјава на актуелниот ни претседател на држава дека по декември доаѓа јануари…

И така светот се врти. Секојдневно „Остваруваме“, дури ете благодарение на Денот на дрвото несебично споделуваме кислород за десет милиони луѓе. Така што нема да ме изненади ако утре не слушнеме дека не само според Дуинг бизнис сме најдобри туку и според бројот на засадени дрвца гледано „пер капита“ сме најдобри во светот. Арно ама, мене лично ме интересира утре кога ќе треба да го одработиме Денот на дрвото, колку од оние десет илјади специјалистички прегледи откажани во средата ќе бидат реализирани? И еден скромен предлог кон здравата човекова околина. Предлагам наместо „Засади ја својата иднина“, да се организира акција „да ја исчистиме својата сегашност“. Нормално, тоа би било некаде на крајот на зимата, односно во почетокот на пролетта, а наместо во работен ден, тоа да биде недела. Имајќи предвид дека тогаш ќе имаме и избори, вакви или онакви, ние, граѓаните, ќе имаме можност во голема мера да ја „проветриме“ нашата политичка реалност. А без вистинско проветрување на нашата политичка сцена нашата иднина сфатена во најширока смисла на зборот ќе ни биде се’ позагадена, а со тоа и нормалното „дишење“ и функционирање на државата, а и на нас, граѓаните, ќе ни биде се’ потешко и потешко.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com