СПОНТАНОСТ

И кога актуелниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, го покани Заев на кафе, „спонтано“ помислив дека, сепак, е направен навистина мал, но позитивен чекор кон едно нормално политичко и демократско милје во кое политичкиот опонент не е непријател кој треба да се уништи, туку само противник кој на изборите со волјата на народот се победува.

Не знам дали само јас или и вие, почитувани читатели на „Утрински“, имате чувство дека кај нас одамна е етаблирано „спонтано случување на народ“. Граѓанските протести и демонстрации се составен дел од демократијата и општите човекови права и слободи, ама „спонтаното случување на народ“ кај нас е далеку од тие демократски принципи и секогаш зад нив стои многу јасен предзнак. Еднаш етнички, друг пат идеолошко партиски, потоа верски, иако во суштина организаторите на овие „спонтани случувања“ најчесто вешто ги вклопуваат сите овие елементи.
За овие последниве, во Општина Центар, колку се тие вистински верски и спонтани најдобра дефиниција даде владиката господин Пимен, па затоа какво било натамошно анализирање, мудрување и слично од моја страна би бил вистински грев.
Но, кај нас се случуваат и организирани и транспарентни политички настани, кои секако би требале да имаат некакво влијание на политичката сцена. Дали тоа ќе бидат позитивни трендови, негативни или „се’ ќе остане исто“ останува да видиме. Да одиме по ред. Секако, Конгресот на СДСМ и изборот на новиот лидер, подобро речено двоец Заев – Шекеринска, не беше спонтан настан, туку добро организиран со огромен интерес како кај онаа обична јавност (граѓанска, за жал, се’ помала, а со тоа и маргинализирана), ама и во политичките кругови. Нашите „експерти“ и „аналитичари“, кои со своите научно-експертски трудови и анализи не можат да поминат ниту преку Табановцe, пред Конгресот и потоа не’ растурија со своите длабоко умни анализи, прогнози, ама и „добронамерни“ совети што треба да прави Заев како лидер на СДСМ. Мене лично повеќе ме интересира каква ќе биде улогата на СДСМ како најголема опозициска партија и тоа како во парламентот, така и во целокупните општествени односи. И кога актуелниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, го покани Заев на кафе, „спонтано“ помислив дека, сепак, е направен навистина мал, но позитивен чекор кон едно нормално политичко и демократско милје во кое политичкиот опонент не е непријател кој треба да се уништи, туку само противник кој на изборите со волјата на народот се победува.

За жал, многу брзо оваа моја „спонтаност“ заврши. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на конференцијата на Унијата на млади на неговата партија двоецот Заев – Шекеринска ги нарече негови „стари муштерии“ кои тој неколку пати ги победил (што е точно) и дека тие ништо нема да направат во СДСМ. Набргу стигна и одговорот од госпоѓа Шекеринска, можеби со малку поизбрани зборови, ама суштински ништо ново кога станува збор за односот помеѓу овие две политички партии кои го гледаме и слушаме скоро две децении. Дали можете да си замислите една Меркел, која наскоро оди на избори и, по се’ изгледа, ќе го добие и третиот мандат или, пак, нејзиниот ментор Кол, кој владееше речиси две децении, за германските социјалдемократи да рече дека тие и’ се стари муштерии… И така рововската битка продолжува… непријателот треба да се уништи, а ако во таа битка паднеме и како општество, а може да „падне“ и државата, тоа не е битно за нашите политички елити. Во суштина, како општество сме паднати, па сега Советот на Европа, поточно Парламентарното собрание, ни нуди помош за да не’ врати на прав пат.

Во рамките на тие нови организирани и транспарентни политички настани е појавувањето на два нови политички субјекта. Едниот е ГРОМ и тој веќе јавно се промовира. Другиот, Позитивна Македонија, се очекува на крајот на месецов и официјално да се промовира на македонската политичка сцена. Овие два нови политички субјекта (ајде условно да ги именувам партии) имаат неколку заеднички карактеристики. Прво и двете партии се дефинираат како граѓански и партии на политичкиот центар. Ако се има предвид дека таму се гледаат и двете либерални партии, ама и некои други, се има впечаток дека во „центарот“ ќе има турканици. Лидерите на овие две партии, Стевче Јакимовски на ГРОМ и Владо Бучковски на Позитивна Македонија се познати политичари и поминале сито и решето во политиката. И двајцата беа членови на СДСМ, но токму тука има и битни разлики. Бучковски во СДСМ ги помина сите скалила и стигна до лидер. Уште во времето кога беше лидер на партијата и премиер, неколкупати покажа дека има и храброст и политички ‘рбет да му се спротивстави на Црвенковски. Тоа го чинеше и формално исклучување од СДСМ. Судирот на Јакимовски со СДСМ, поточно со Црвенковски започна, кулминира и доби таква разрешница само околу прашањето дали да се оди на локални избори или тие да се бојкотираат што, според мене, беше голема глупост на Црвенковски. Се поставува прашањето која е целната група на која и Бучковски и Јакимовски сметаат како на свои членови, односно симпатизери. Барем од она што го изјавуваат и пишуваат изгледа и двајцата се надеваат на „незадоволниците“ од досегашната политика на СДСМ и веќе бившиот лидер Црвенковски.

Мислам дека ниту Бучковски ниту Јакимовски нема многу да се офајдат со овие „незадоволници“ на идните парламентарни избори, без разлика дали тие ќе бидат редовни или повторно предвремени. Секако, по претпоставка дека СДСМ со новото водство нема да распадне. Втора категорија потенцијални симпатизери на која овие нови политички субјекти ќе таргетираат се таканаречените „неопределени“ граѓани и избирачи. За жал, кај нас во овие дваесет години немаме ниту една солидна анализа на избирачкото тело, односно кои социоекономски демографски, образовни и други групи избирачи гласаат за одредена политичка партија. Затоа категоријата „неопределени“, најблаго речено, ниту во квантитативна ниту во квалитативна смисла тешко може да се одреди, а со тоа и со успех да се таргетира. И двете партии најавуваат дека нивна цел е власта, што е најнормално. Во последниве седум години ВМРО-ДПМНЕ има најголемо избирачко тело (не мислам само на членови), па затоа е нормално токму овие избирачи да бидат и таргетирани од овие нови партии ако сериозно размислуваат за освојување на власта. Но, барем сега засега и Јакимовски и Бучковски се релативно би рекол „задржани“ до политиките на актуелната власт. На пример, ништо не слушнавме каков е ставот околу измените на Законот за абортус, понатаму околу нацрт-законот за медиуми, имајќи предвид дека предизвикаа големо внимание и реакции во јавноста. Понатаму, случувањата во Општина Центар. Не е толку важно дали, на пример, измените на Законот за абортус ги сметаат за добри или лоши, ама иако се во фаза на формирање, не смеат да пропуштат вакви настани и мора да имаат свои став ако сакаат брзо и успешно да станат препознатливи во јавноста. Како и да е, сега останува да почекаме дали премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ наскоро ќе ги викне на кафе… бидејќи, како и да е, и тие ќе му бидат муштерии.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com