„СПОНТАНИ“ ЕКОЛОШКИ ПРОТЕСТИ

Нашето политикантско разбирање на екологијата само ја покажува општата политичка и општествена реалност во која живееме

Некаде при крајот на СФРЈ (1986 година) како еден од поголемите енергетски проекти беше планирано да се гради хидроцентрала на реката Тара во Црна Гора. Хидроцентралата и акумулациската брана целосно ќе го променеа познатиот кањон на Тара, кој е најдлабокиот кањон во Европа и кој од 1977 година е под заштита на УНЕСКО. Тогаш прво се побунија екологисти од Словенија, а потоа се вклучија и други исклучиво неформални друштва и организации (денеска би рекле невладин сектор) од Словенија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија. Од кај нас, по обичај, немаше никој, бидејќи во некогашна СФРЈ ние се држевме до поговорката „молчењето е злато“.
Тогашното раководство на Црна Гора, но и водството на сојузно ниво, се откажаа од овој проект и денеска кањонот на Тара е едно од најубавите места за рафтинг и сплаварење, познато во Европа и светот. Не заборавете дека тоа се случува во времето на еднопартиското владеење и едноумие!
Зошто споменувам некој настани од пред речиси три децении. На ова ме потсетија настаните од крајот на минатата недела кога во Скопје „спонтано“ протестираа граѓани од Дебар и Реканскиот крај против изградбата на хидроакумулациите „Луково Поле“ и „Бошков мост“. Знам дека ова ќе звучи еретички, ама лично мислам дека овие протести не беа спонтани, односно имаа многу повеќе одредена политичка заднина отколку вистинска еколошка димензија. Зошто го велам тоа? Ајде да одиме по ред. За хидроакумулацијата „Бошков мост“ се зборува одамна и ако не се лажам, надлежното министерство неколкупати распишуваше тендер за изградба, ама ништо. За Луково Поле како хидроенергетски објект почна да се зборува откако дојде до признавањето на Косово и со ратификацијата на договорот со кој беше уредена границата меѓу Македонија и Косово. Се надевам дека се сеќаваме оти тогаш либералните демократи го напаѓаа овој договор обвинувајќи дека Владата ги продала националните интереси. Влада тогаш се „бранеше“ дека Луково Поле е многу значајно и ќе влезе во енергетскиот проект на државата. Од тогаш, па се’ до минатата сабота (15 февруари) ниту невладиниот сектор ниту граѓаните на Реканскиот крај и Дебар не протестираа, ниту на кој било друг начин покажаа дека се против овие енергетски проекти. И уште еден многу значаен факт. Во Албанија бившата влада на Сали Бериша никогаш како спорно од еколошка или која било друга причина не го спомена ниту „Луково Поле“ ниту „Бошков мост“. Со доаѓањето на владата на чело со премиерот Еди Рама се актуализира прашањето со „Луково Поле“. Односно, владата во Тирана изразува некаква загриженост за овие два хидроенергетски проекти. Тирана како и секоја друга држава има право да ги штити своите интереси ако со изградбата на овие енергетски објекти на кој било начин тие интереси и’ се нарушени. Да биде појасно, иако Радика е наша река таа припаѓа на Јадранскиот слив. Тоа значи дека Македонија не може, поточно, не смее, Радика да ја насочи преку Вардар во Егејскиот слив. Меѓународното право добро ги има уредено овие прашања и оваа проблематика. И на ниво на Европа, а и на глобално ниво, се почитуваат тие меѓународни норми, за разлика од некои други кои, исто така, се однесуваат на заштита на природната и човековата средина.

И кога Тирана глуми зачуденост и загриженост, одеднаш граѓаните на Дебар еколошки се „просветлуваат“ и ете ги на протести во Скопје да соопштат дека Радика не ја даваат. На скопјаните, односно скопските еколошки друштва, невладини организации и други претставници на „цивилното општество“ им се запали еколошката светилка, па и тие се придружија на спонтаните демонстранти. Јас сум против градење на хидроенергетски објекти во Националниот парк „Маврово“. Убеден сум ако утре Тирана официјално изјави дека со изградбата на овие објекти во никој случај не се нарушуваат интересите на Албанија, односно нема да има никакви негативни еколошки последици, тогаш, исто така, „спонтано“ ќе згаснат и протестите на граѓаните од Дебар.

Нашата Влада со својата (не) транспарентност придонесе да се манипулира со проектите „Луково Поле“ и „Бошков мост“. Сето ова покажува дека кај нас еколошката свест е некаде на ниво на ембрион. За жал, невладините организации или политички партии (на пример ДОМ) кои се декларираат како екологисти многу малку работат на подигање на таа еколошка свест кај граѓаните, а уште помалку да бидат она што се вика „куче чувар“, кога станува збор за доследно спроведување на постојните законски решенија кои ја уредуваат оваа проблематика. Зар навистина требаа децении топилницата во Велес да ги труе граѓаните, а последиците како за луѓето така и воопшто за животната средина уште долго ќе се чувствуваат. Понатаму, кој ќе ја понесе одговорноста за водата за пиење во Гевгелија која содржи арсен. И сега, кога тоа се разоткри во јавноста, надлежните најавуваат дека ќе почнат да копаат нови бунари за вода. Или зошто со години наназад квалитетот на водите во нашите реки оди надолу и надолу. Дали некогаш сте слушнале од која било партија да рече дека ќе работи на подигање на квалитетот, а со тоа и на категоризацијата на водите? Понатаму, колку се исполитизира акцијата „Денот на дрвото“.

Вакви и слични прашања и дилеми по правило си ги поставуваме само инцидентно или кога „спонтано“ сме загрижени за Националниот парк „Маврово“. На пример, само пред помалку од еден месец граѓаните на Скопје Тетово, Кичево и други градови се задушуваа во смог, ама дувна ветре, маглата се крена, воздухот малку се прочисти и готово. Заборавивме на тоа дека мерните инструменти не работеа, заборавивме на хиперактивниот министер во актуелната Влада, кој изјавуваше дека новите мобилни единици за мерење се веќе дојдени и тие ќе откријат кои се загадувачите… И сега некој ќе рече што сум се фатил за „Бошков мост“ и „Луково Поле“, за спонтаноста на протестите на дебарчани, односно за еколошки прашања кога ни се случуваат други поважни работи. Од избори, вакви или онакви, преку евроинтеграциите, посетата на Венизелос, до најновата роуд-рунда на премиерот во привлекување странски инвеститори. Сепак, да не заборавиме дека, на пример, до крајот на втората деценија од 21 век околу 45 проценти од светската популација нема да имаат квалитетна вода за пиење. Да не заборавиме дека оваа зима ние поминавме лесно со природните непогоди кои ги зафатија државите од регионов. Со други зборови, нашето рудиментирано, односно политикантско разбирање на екологијата и воопшто заштитата на животната средина, само ја покажува општата политичка и општествена реалност во која живееме. Реалност во која граѓанинот е сведен само на гласач, на „спонтан“ поддржувач на некоја владина или партиска политика или „спонтан“ демонстрант против некоја исто така владина, односно партиска политика. Прашањето е само до кога можеме да го издржиме ова и како граѓани и како општество.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com