СПИНУВАЊЕ

Кај нас системот на владеење најчесто се сведува на „за се’ е виновна опозицијата“, додека во последниве години оваа фраза се трансформира „за се’ е виновник Бранко“

Кога опозицијата најави дека не ги признава изборите и дека нема да влезе во Собранието, напишав дека тоа е лоша одлука како за самата опозиција така и за целокупната политичка состојба во државата и општеството. На овој начин се отвораат вратите актуелната власт да владее како што сака. Ние можеме тоа владеење да го именуваме автократско, недемократско, криминално и така можеме да редиме епитети и комплименти до утре, ама со тоа ништо не менуваме.
Факт е дека кај нас демократските принципи на владеење никогаш не заживеаја, односно Македонија од осамостојувањето па до денес остана во групата на делумно слободни и делумно демократски држави и тоа на сите полиња, како во институционалната така и во општествената сфера. Иста така, факт е дека актуелната власт тоа недемократско владеење го надгради и прошири речиси до совршенство, преку добро осмислена и уште подобро спинувана пропаганда. Во таа колумна напишав дека бојкотот на опозицијата власта ќе го искористи на тој начин што секој свој неуспех посебно во евроатлантските интеграции, но и на домашен план, ќе го препишува на контото на опозицијата. И тоа се случи. Неодамна од врвот на ВМРО-ДПМНЕ беше соопштено дека ако Македонија го изгуби статусот на држава кандидат за членка на ЕУ за тоа ќе биде виновна опозицијата. Некој ќе рече дека сега суетно се фалам дека сум погодил што ќе се случува. Ама не е така, навистина нема со што да се фалам, бидејќи кај нас системот на владеење најчесто се сведува на „за се’ е виновна опозицијата“ додека во последниве години оваа фраза се трансформира „за се’ е виновник Бранко“.

Спинувањето, или подобро речено, политичката пропаганда посебно на Балканот секогаш има две димензии. Едната е максимално негативистичка кон политичките опоненти, односно кон сите оние кои не го следат курсот на владејачката партија и мисловната матрица на нејзината елита. Па, така, кај нас имаме „патриоти“ и „предавници“, демократи и автократи и така натаму. Втората димензија на ова спинување, или политичка пропаганда, е сите оние, што би рекле, нормални функции на државата и државните институции да ги пласирате во јавноста како некакви вонредни успеси кои никој пред нив, а ниту по нив не ќе може да ги направи.

На пример, неделава главна вест е екстерното оценување на учениците од основните и средните училишта. Иако станува збор за еден најнормален процес кој Владата, односно надлежното министерство, е должна според закон да го спроведе и во ниедна нормална држава тоа не би било ништо повеќе од една техничка вест кај нас е настан на неделава. Надлежниот министер секој ден е присутен на малите екрани и не’ информира и за најмал детаљ од екстерното оценување. Така дознавме колку ученици се опфатени, понатаму колку професори и наставници, па колку илјади прашања биле подготвени, па колку има набљудувачи на екстерното оценување. И колку добро било организирано министерот како куриозитет наведе дека само во училиштето во село Малино во понеделникот не почнало екстерното оценување бидејќи немало струја. Па надлежното министерство веднаш реагирало кај ЕВН и тие веднаш испратиле екипи да го отстранат проблемот. Убаво, ама да се прашаме – што ако немаше екстерно оценување? Дали тоа значи дека жителите на Малино требаа да чекаат ЕВН да се смилува и да испрати екипи или ќе требаа да чекаат некое друго министерство и министер да ургира кај ЕВН?

Најагилниот министер (здравство) ни најави дека неговото министерство подготвило нови протоколи по кои во иднина ќе работат на урегентните одделенија. Демек, протоколите биле според стандардите на најпознатите ургентни центри во светот. Ама зар тоа не е должност на целокупното јавно здравство (барем во Европа) да ги следи достигнувањата во сите сфери на медицината, а министерство е должно да обезбеди услови тие достигнувања да се применуваат и кај нас. И кога сме кај мојот „омилен“ министер уште еден негов „свеж“ успех спинуван максимално. Имено, во иднина матичните или семејните доктори кај нас ќе вадат и конци. Се мисли по одредени хируршки интервенции, на пример операција од слепо црево. Во Словенија или Хрватска матичните доктори тоа го прават уште пред петнаесет години и, верувајте, ниту еден министер ниту тогаш ниту сега тоа не го смета за некаков успех.

Ваквото спинување на работи кои се само опис и попис на обврските на секое министерство, односно државна институција, кај нас се некакви грандиозни успеси. За жал, тоа спинување понекогаш ги надминува сите граници и може да предизвика контраефекти. Според мене, пренесувањето во медиумите на завршните зборови на јавниот обвинител во случајот „Монструм“ е типичен пример на спин кој може да има негативни последици. Имено, со право за тоа монструозно злосторство обвинителството побара најстрога казна предвидена со законот. Но, проблемот е во тоа што госпоѓата јавен обвинител завршните зборови ги започна на еден крајно патетичен начин што донекаде ме потсети на американските филмувани познати судски процеси. И уште нешто, ајде сетете се кога последен пат сте слушнале цитирање завршни зборови на јавен обвинител, не само кај нас туку каде било во Европа.

Почитуваниот колега Ерол Ризаов неодамна напиша колумна со наслов „Дали да плачам или да се смеам“. За жал, можеме и да се смееме или да плачеме, ама со тоа ништо нема да смениме. Мене ми е поблиска единаесеттата теза за Фоербах, која да ја парафразирам на нашиве состојби, би гласела – Ниту да плачеш ниту да се смееш, туку ајде нешто да се стори состојбите да се сменат. Но со опозиција, која како свој најголем успех го смета бојкотот на Собранието, со јавност која се’ уште се однесува според онаа народната „наведната глава сабја не е сече“ или со исклучиво лукративна експертска јавност тешко ќе се сменат состојбите кај нас.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com