Со старите проблеми во 2016 година

Во новата година влеговме не само, што би рекла немилосрдната статистика, сиромашни, туку ги внесовме и проблемите – политичката криза од минатата година
И така ја дочекавме Новата 2016 година. Иако старата 2015 ќе остане запаметена како година на турбуленции и со многу сериозна политичка криза, премиерот Груевски во својата новогодишна порака ја оцени како многу успешна, пред сè на економски план, но и во другите сегменти од општеството. Инаку, неговата порака (која многу повеќе личеше на нешто помеѓу отчет и предизборен говор) телевизиите ја свртеа, ајде да бидам малициозен, едно 365 пати. Најави цел куп нови инвестиции, ќе имаме ова, ќе направиме ова и сè така до последниот селски водовод и спортска сала плус „џабе вожња“ за студентите (пензионерите веќе тоа го имаат). Оваа година неговата порака беше долга 28 минути додека ланската беше речиси еден час. Претседателот инспирација за својата новогодишна порака изгледа нашол во Библијата. Можеби сè уште е под импресии од неодамнешната работна посета на Ватикан. Имено, тој изрази надеж „дека во годината што доаѓа ќе имаме здравје, ќе шириме љубов и милост, ќе живееме во радост и во среќа. Надеж дека таа радост ќе можеме да ја споделиме со нашите ближни“. Не заборави да нè потсети дека христијански е „да си простуваме и да се почитуваме, а во сè што правиме, да се престигнуваме во добрина“. Чиста метафизика, би рекле политиколозите.
По сè изгледа, премиерот и претседателот не ја слушнале новогодишната порака на првата дама на ММФ, Кристина Лагард, ниту анализата на „Ројтер“ кои не се така оптимистични. Груевски изгледа „ненамерно“ ја заборавил и домашната статистика која вели дека од 2010 година, заклучно со 2015, просечната плата во Македонија се зголемила, сè на сè, за 759 денари и таа во 2015 година изнесувала околу 364 евра. Е па сега, нека не нè чуди дека и во 2016 година влегуваме како една од трите најсиромашни држави во Европа, односно околу 30 проценти од населението живее во сиромаштија.

Не можам а да не ја споменам и новогодишната порака на лидерот на опозицијата, Зоран Заев. Според она што ни го порача, а особено повикот да му се приклучиме, човекот по сè изгледа сè повеќе се соживува во „улогата“ на месија кој ќе ги спаси државата и нас граѓаните. Аман од месии и спасители во овие 25 години самостојност.
Инаку, во новата 2016 година влеговме не само сиромашни, туку ја внесовме и политичката криза. Реално гледано, денеска е јасно дека договорот од Пржино сè повеќе има шанса да стане палома-хартија. Иако убеден сум дека странците, пред сè поради свои интереси и личен рејтинг, ќе изнајдат некакво хермафродитно решение.
Да одиме по ред. Анкетната комисија која требаше да ја утврди политичката одговорност си ја заврши работата успешно, барем според дефиницијата на големиот Черчил (ако сакаш работите да ги скриеш под тепих, формирај комисија). Богами Черчил, ако нè гледа некаде одозгора (и јас инспириран од претседателот, забегав во метафизика) слатко ни се смее бидејќи нашиве парламентарци изгласаа уште една ваква анкетна комисија која сега ќе ги истражува политичката одговорност и вмешаноста на СДСМ, а посебно на актуелниот (технички) министер за внатрешни работи во новооткриената афера за фалсификување на лични карти и други официјални документи.
Што се однесува до Државната изборна комисија која едвај ја составивме, да потсетам дека проблем беше изборот на тројцата „експерти“, кои на крајот се избраа директно од големата лидерска четворка. Сега проблемот настана со тоа што кандидатот од СДСМ, госпоѓа Дума, е разрешена бидејќи ги исполнила условите за пензија. Не сум правник, но кај нас правото одамна е заменето со партиската волја. Се прашувам кај им беше паметот на СДСМ ако знаеле (а сигурно знаеле) дека Дума оди во пензија на самиот почеток од 2016 година. Понатаму, кај ѝ беше паметот на надлежната собраниска Комисија за избори и именувања која пред пратениците ја предложи Дума за член на ДИК. И сега ќе започнат балканските политички игри во парламентот бидејќи за разрешување на Дума (седницата е закажана за 11 овој месец) е потребно двотретинско мнозинство, а тоа владејачкото мнозинство го нема. Реално гледано, од договорот од Пржино, пред сè, во организациска смисла, колку-толку профункционира Специјалното јавно обвинителство на чело со Катица Јанева. Арно ама, токму госпоѓа Јанева и Специјалното јавно обвинителство по сè изгледа станаа трн во око, како на власта, така и на патриотските медиуми. Откако ја прогласија за тврдокорна СДСМ-овка, некој од самопрогласените новинари-патриоти, а посебно онаа корпулентна дама, најавуваат дека веќе на народот му дошла онаа жолта минута кога му пука филмот, па така на нашата Катица ќе ѝ се „случи народ“. Случувањето народ беше дел од арсеналот на Милошевиќ, а резултат е денешна Србија без Косово. Ако не се лажам, за 24 јануари во Скопје е закажан голем митинг на ВМРО-ДПМНЕ. Нема да ме зачуди ако меѓу другите „спонтани барања“ биде и укинувањето на Специјалното јавно обвинителство. Во суштина, сега главната игра, јас би рекол коцкањето со иднината на државата (некој ќе рече дека таа е веќе прокоцкана) е дали на 24 април ќе има избори или не. ВМРО-ДПМНЕ откако заздрави од „бомбите на Заев“, а за ова вината е исклучиво кај опозицијата, сега на големо ја „фура“ идејата (ако сакате и обврската од Пржино) на 24 април да има избори. Затоа убеден сум дека Груевски пред 15 јануари ќе си даде оставка на функцијата премиер за да може веќе на 15 да имаме нова, техничка влада, која ќе треба да ги подготви изборите. И нормално кога ќе дојде еврокомесарот Хан (еден од авторите на договорот од Пржино) ВМРО-ДПМНЕ, односно парламентарното мнозинство потпомогнато и со ДПА на Тачи, да се пофалат како сериозно и конструктивно приоѓаат на имплементацијата на договореното. Тоа што обврските од истиот договор за медиумите, како да се одложени за некои подобри времиња, на пример по 24 април, не е ниту малку битно. Освен ако сега странците не го испорачаат прашањето со името. Патем, европратеникот Иво Вајгл неодамна, меѓу редови, како да навести нешто такво. Е тогаш, со сигурност во април нема да има избори иако јас мислам дека и да не биде ставено на маса прашањето со името, СДСМ нема да оди на избори бидејќи како што вели „теренот за фер и демократски избори не е израмнет“.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com