Со бубачки изрешетан безбедносниот систем

Финалето на оваа криза ќе бидат нови избори, кои не верувам дека ќе можат да се организираат барем до крајот на годинава. Не сум убеден дека актуелниве политички елити по решавање на оваа состојба ќе можат да останат на сегашните позиции

Ако само малку повнимателно ги читаме пораките на комесарот за проширување Јоханес Хан, кој во вторникот беше кај нас и изјавата на српскиот министер за надворешни работи Дачиќ, кој во средата дојде кај нас како претседавач со ОБСЕ, ние како држава повторно станавме „случај“ (issue) за ЕУ и ОБСЕ. Е, браво наши! Причина за ова е аферата „Пуч“ и „бомбите на Заев“, односно прислушувањето. И еврокомесарот Хан и претседавачот со ОБСЕ, Дачиќ, повикаа на институционална разрешница, строго почитувајќи ги принципите на владеење на правото и правната држава. Ги повикаа лидерите да седнат и да разговараат, односно да се воспостави политичкиот дијалог во институциите (читај, Собрание), понудија помош и си заминаа. Ние си останавме, во суштина, уште повеќе поделени како општество со јаз кој од ден на ден се продлабочува.
Сега, откако пукнаа двете бомби на Заев се има впечаток, првпат, како ВМРО-ДПМНЕ да е во дефанзива. Дали е тоа навистина така или е само тактички потег (лично верувам во ова второто) ќе видиме брзо. Но затоа експертските, интелектуалните и секако новинарско-медиумските ешалони на владејачката партија брујат со полна пареа. Од оние трибини на Граѓанското движење за одбрана на Македонија, што мене лично по својата форма ме потсетува на ГЕМ, кои исто така одеа низ државата и правеа трибини. Понатаму, одеднаш видовме дека во државава имаме цел куп експерти кои се разбираат во она што народски кажано го викаме разузнавање и контраразузнавање. И сето тоа само со една единствена цел: снимките, односно бомбите на Заев, ги направила странска разузнавачка служба (читај, клетите Грци) и му ги дала на лидерот на опозицијата со цел да ја сруши оваа Влада, а потоа се знае СДСМ доаѓа на власт и го средува спорот со името секако во корист на Грција и ете го крајот на државата и македонскиот народ.

Нормално, за да се пласира сето ова во јавноста тука се медиумите и новинарите. Ајде да почнеме од оној што милува да беси слики. Повторно во неговата емисија го видовме како беси фотографии на „соросоиди“, „кодоши“, „предавници и соработници на странски служби“ и сето тоа коментирано од негова страна со јазик во кој имаше се’ и сешто, од навреди и клевети, па се’ до дискриминација. И сега се прашувам дали ЗНМ, односно Судот на честа, или она ново саморегулаторно тело ќе реагираат. Нека не се вадат дека за да реагираат им треба официјална пријава. Тука се и „коментарите“ на новинарот со највисока академска титула, а „првата дама“ на оваа група на новинари патриоти како да се надминува самата со своите коментари и изјави.

За предавството на Заев. Да претпоставиме дека ова го направиле Грците и Заев сега е само нивна маша. Во секоја нормална држава таквиот соработник на странска служба полицијата веднаш би го привела, а судот би го затворил без да размислува дали е тој лидер на партија или не. Понатаму таквите „бомби“ би биле запленети и дадени на судот. А откако тоа ќе го направи во секоја нормална држава министерот за внатрешни работи, како и врвните луѓе на безбедносните служби, ќе си дадат оставки бидејќи дозволиле една странска служба со години да прислушува и снима телефоните на државниот врв и на уште илјадници други граѓани.

Ајде ова да го развиваме понатаму. Зарем „странската служба“ снимала само вакви „пикантерии“, како што беше на пример разговорот на господин Латас со госпоѓата Маневска, а кога, на пример, преку телефон некој министер разговарал за многу поважни работи тие го запирале снимањето. Или дали тоа значи дека сите инструкции кои нашето МНР ги дава на амбасадорите биле снимени, односно се’ уште некој однадвор ги снима. И малку пародија. Бидејки таа „странска служба“ го изрешетала нашиот безбедносен систем се прашувам дали она фамозно видео на разговор помегу Заев и премиерот, а снимено во премиерскиот кабинет на „Јутјуб“ го ставила токму таа служба и кој го дал или, недај боже, таа служба го снимила. Односно дали во кабинетот на премиерот има „странски бубачки“, па сега ќе треба Белата куќа да ја срушиме до темел како што тоа пред едно триесетина години го направија Американците со штотуку изградената нова амбасада во Москва, која беше полна со руски „стеници“ и други бубачки.

И уште нешто. Патриотиве, од експерти па до новинари, дали се прашале за содржината на разговорите? Ако се тие автентични (без разлика кој ги снимил) ќе треба многу глави да паднат, секако, во политичка смисла на зборот.

Од друга страна, новинарите од самонаречениот демократски табор како да добија малку ветер во грб и сега можат побрзо да го трчаат до целта, а тоа е власта која ги носи сите привилигии. Па така почнуваат да „лупаат“ како Ставрески и Јанкулоска избегале од државата. Понатаму, на некој од демократските портали може да читаш класични срцепарателни болшевички колумни со наслов „Факелот на вистината и правдата во рацете на Заев“.

Како и да е, влегуваме во еден период во кој повторно, не знам по кој пат, странци (ЕУ, ОБСЕ, Совет на Европа) во улога на „модератори“, но со однапред договорено решение (не кај нас, туку во Брисел) ќе ни ја средуваат состојбата. Цврсто сум убеден дека странците овој пат нема да дозволат решението да стане „Палома“. Секако, финалето ќе бидат нови избори, кои не верувам дека ќе можат да се организираат барем до крајот на годинава. Исто така, не сум убеден дека актуелниве политички елити по какво-такво решавање на оваа состојба ќе можат да останат на сегашните позиции. Но останува сепак горчливиот вкус дека кај нас историјата ни се повторува, овој пат како фарса. Останува да верувам дека оние млади студенти кои сега така успешно се борат со демократски методи да ги остварат своите цели, квалитетно образование и автономија на универзитетот, да ја научат историјата и да не ги повторуваат истите грешки. Можеби за почеток нема да биде лошо ако ја прочитаат вчерашната колумна на колегата Поповски.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com