СОЖИВОТ ИЛИ САМО ФАРСА СО ОПАСНИ ПОСЛЕДИЦИ

Помирувањето не се прави со мегаломански прослави на знамето или со кичерски споменици. Промотори на помирувањето треба да бидат политичките лидери. Но, тие се кријат наместо да предводат

„Сонцето изгрева за сите“ – ова е една од пораките на најновата владина медиумска кампања за градење соживотот и надминување на предрасудите помеѓу етничките заедници во државата, иако на сите ни е јасно дека ова се однесува на меѓуетничките односи помеѓу Македонците и Албанците. Секако дека медиумските кампањи се потребни кога станува збор за заедничко живеење и, воопшто, кога се зборува за меѓуетничките односи, ама само како една од алатките на добро осмислена и водена политика.
И, сега, каков соживот ќе градите ако градоначалникот на Општина Аеродром донесе одлука албанските ученици во едно од училиштата, бидејќи се во многу мал број, да ги „напика“ во една училница и само еден наставник да предава и за оние од прво и од второ, трето и четврто одделение. Неговиот колега од Општина Чаир, за да не остане покус, истото тоа го стори со македонски ученици во едно од училиштата за кои тој е надлежен. Така, скорот е 1:1, ама зад ова отиде по вода и кампањата „Сонцето изгрева за сите“, како и кампањата „Знаењето е сила, знаењето е моќ“. Кое знаење ќе го добијат овие деца, без разлика дали се Македонци или Албанци, кога се сместени во една училница од различна училишна возраст и со еден наставник треба да ја совладаат и азбуката за прво одделение, ама и математиката за четврто одделение, а сето тоа се случува во Скопје!?

На овие двајца градоначалници им препорачувам да го следат примерот на нивниот колега од Тетово, кој не затвори ниту паралелки каде што има само двајца ученици… случајно, станува збор за македонски ученици, а градоначалникот е Албанец. Каков соживот ќе градиме по таканаречената „афера Слупчане“ кога министерот за одбрана во присуство на униформирани припадници на АРМ положи цвеќе на споменикот на паднати припадници на ОВК. За началникот на Генералштабот, а уште поважно, за претседателот на државата и врховен командант, ова беше злоупотреба на припадниците на АРМ од страна на министерот за одбрана. За министерот тоа беше акт на помирување, бидејќи пред тоа тој положил цвеќе и на споменикот на паднатите припадници на АРМ во конфликтот од 2001 година. Арно ама, тој заборава дека на Денот на АРМ тоа е негова должност и обврска, без разлика дали е од оваа или од онаа етничка заедница. Помирувањето се прави само ако политичките лидери Груевски, Ахмети, Тачи, Црвенковски, Георгиевски… рака под рака положат цвеќе и се поклонат пред Споменикот на паднатите припадници на АРМ, пред споменикот во Слупчане, ама и пред споменикот на Карпалак и во исто време Ахмети и Тачи јавно го осудат вандализмот и еднаш за секогаш да престане да се руши спомен обележјето кое секоја година наново се става таму.

Вистинско помирување ќе имаме ако се откријат и се приведат пред лицето на правдата и оние што ги киднапираа и ликвидираа Македонците од Тетовско, ама и оние што наредиле и ги ликвидирале Албанците и ги фрлиле во јамите кај Кичево. За ова треба политичка волја и кај едната и кај другата страна, ама, за жал, ја нема, иако „Сонцето изгрева за сите“.

Кулминација на градењето „соживот“ е прославата по повод 100-годишнината од формирањето на албанската држава. Лично, не ми пречеа оние огромни албански знамиња, уште помалку ми пречеше „спонтаниот марш“ на младите Албанци средношколци, односно на сето ова гледам како кичест национален романтизам, како што е и „македонската фаланга“ со штитови од стиропор на кои „гордо“ свети ѕвездата од Вергина. Лично, во овие денови на еуфорија ми недостасуваше една добро подготвена ликовна изложба на која би можеле сите да го видиме современото албанско сликарство (мислам на уметници Албанци и од Македонија, и од Косово и од Албанија). Ми недостасуваше и по некој филм од новата филмска продукција на Албанија или настап на некоја театарска куќа од Тирана или Приштина. Со сиот почит до албанскиот фолклор, ама лично мене ми недостасува да ги чујам албанските староградски песни од околината на Драч и, воопшто, од приморскиот дел на Албанија.

Имаше и работи што ми пречеа и како граѓанин и како припадник на македонскиот народ, односно „Славомакедонец“, што би рекол амбасадорот на ЕУ во Скопје, Аиво Орав, за подобро да се разбереме. Ако оваа изјава на Орав ја оценивме како „непримерна“, иако е навредлива, ништо помалку не е навредлива и изјавата на амбасадорот на Албанија, кој оние албанските интелектуалци, кои имаа критички забелешки на споменикот во Радуша (Јашари на тенк), ги нарече предавници на албанската кауза. Со кое право еден амбасадор за изречени критики (од естетско-уметничка природа) мои сограѓани нарекува предавници. А нашето МНР не го повика ниту на разговор.

Уште повеќе ми пречеа некои делови од обраќањата на премиерите на Албанија и на Косово. Сали Бериша зборуваше за историските неправди од пред сто години кога две третини од „етничка“ Албанија останале надвор од албанската држава, а Скопје бил центарот на Дарданија. И, секако, оваа неправда делумно ја исправи УЧК или, како што рече, последната етничка војна во Европа. Премиерот на Косово, Хашим Тачи, еуфорично изјави дека Косово е гарант за правата на Албанците во Македонија (sic). Чудно, Бериша и Тачи ниту со еден збор не ги споменаа правата на Албанците од Чемерија (Грција). Верувам дека не ги заборавиле, ама верувам, исто така, дека и двајцата се свесни оти Златна зора, а не само таа, може преку ноќ да и’ испорача на Тирана барем сто илјади албански гастарбајтери кои моментално работат за корка леб во Грција.

И сега се прашувам, која е разликата меѓу овие настапи и идеи и оние за Санстефанска Бугарија или оние за „Стара Србија“ а „Скопље“ како центар на Душановото царство. Кога една идеја (обединување на сите Албанци), па макар тоа било „Божја волја“ ќе почнете како мантра да ја повторувате постојано, тогаш таа идеја станува политички концепт… кој, за жал, ниту придонесува за соживотот кај нас ниту за стабилноста во регионот. Да се свртиме кон европските вредности, изјави неодамна на една телевизија госпоѓа Ермира Мехмети… Е, ајде де, ама никако да го направиме тоа.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com