СОВРШЕНСТВОТО“ НА ВЛАДЕЕЊЕТО ВО МАКЕДОНИЈА

За да владеете комотно, најважно е да имате слаба опозиција. Од 2011 година кај нас опозицијата е во слободен и неконтролиран пад. Во последниве шест месеци едноставно ја нема

Ако за нешто мислиме дека знаеме се’, да не речам дека сме „експерти“, тоа е политиката. Ама, ако прашате што е тоа политика, најчести одговори се од оној познат репертоар на цел куп негативни стереотипи, како што се, на пример, „политиката е курва“, „гола борба за власт“, „најлесен начин да станеш богат“ и така натаму. Но, политиката е таа која го детерминира нашиот живот. Од неа зависи дали ќе живееме во духовна и материјална благосостојба или во сиромаштија, со испрани мозоци и во духовна беда. Од неа зависи дали живееме во демократско општество и дали имаме правна држава. Од политиката зависи дали ќе живееме во мир или ќе ни донесе војна. Сепак, сметам дека политиката на глобално ниво, во суштина, е позитивна. Ако на ниво на човековата цивилизација досега преовладувале негативните аспекти на политиката или деструктивното на конструктивното, не верувам дека ќе можевме да го читаме нашиот „Утрински“ и дека воопшто ќе постоеше светот.

Ама да не одиме толку далеку, туку да останеме дома. Кај нас кога станува збор за политиката најчесто имаме две екстремни разбирања и погледи. За опозицијата која било владина политика или проект не чини и претставува катастрофа за државата, додека за власта секоја нивна политика или проект се на границата на безгрешност и не’ води сите нас во просперитет и благосостојба, а Република Македонија станува многу препознатлив субјект (секако во позитивна смисла) во меѓународната заедница. И по којзнае кој пат ќе ти го дадат како доказ рејтингот на „Дуинг бизнис“. Ако, демек, нешто не излегло како што било планирано, тогаш е виновна опозицијата.

Дваесет и кусур години политичките елити се менуваат, ама оваа матрица на размислување, креирање и водење на политиките не само што не се менува туку, за жал, оди до перфекција. Еве еден пример. Пописот на населението во секоја нормална држава, без разлика кој е на власт, е една нормална, навистина обемна статистичка операција. Кај нас, од осамостојувањето, па до денес не успеавме да направиме ниту еден релевантен попис кои се темели врз критериумите, принципите и методологијата кои денес важат во светот. Дури последниот, кој беше прекинат, актуелната власт го прогласи како своја победа бидејќи ете спречила голем фалсификат!? Притоа, не заборавајќи да ја обвини опозицијата дека тие на претходниот попис дозволиле да се направи фалсификат.

Актуелната власт го доведе ова до совршенство. Ако може така да се рече, тоа „совршенство“ се темели на неколку постулати. Прво, одлично смислена и водена стратегија за комуницирање со јавноста. Во суштина, таа комуникациска стратегија е многу едноставна и се темели на онаа позната фраза ние работиме посветено 24/7. И, нормално, ако работите 24/7, тогаш мора секој ден да имате успех и резултати. Секако, резултатите, оние вистински, ама и оние виртуелни, за да станат реална перцепција во креирањето на јавното мислење, ви требаат медиуми. Кај нас веќе стана фолклорна традиција газдите на медиумите да се секогаш со актуелната власт. Мора да се каже дека сегашната влада и тука работите ги донесе до „совршенство“, благодарение на парите потрошени за реклами. Резултатите од ова на внатрешен план се одлични за владејачкото мнозинство што се ефектуираат на парламентарни или на локални избори.

На меѓународната сцена работите стојат поинаку, веќе дваесет години на листата на „Фридом хаус“ сме во групата на делумно слободни држави. Ама кај нас во сите овие години на самостојност политичките елити кога се на власт, ги боли уво како не’ перципираат и оценуваат во меѓународната заедница.

За да владеете вака комотно, најважно е да имате слаба опозиција. Во суштина, од 2011 година кај нас опозицијата е во слободен и неконтролиран пад. Во последниве шест месеци едноставно ја нема. Оправдувањето со настаните од 24 декември навистина не држат. За жал, и по смената на раководството во СДСМ, кога се очекува нешто ново, опозицијата повторно испука ќор-фишек – демек, Груевски пред Самитот во Букурешт го продал нашето уставни име и прифатил во НАТО да влеземе под името Република Македонија (Скопје). И како доказ на ова „предавство“, заменик-претседателот на СДСМ мавта со писмото на тогашниот министер за надворешни работи, Милошоски, испратено до Бан Ки-мун во Обединетите нации. Не верувам дека треба да ја потсетувам госпоѓа Шекеринска дека по она што ни се случи во Букурешт во Собранието, пред пратениците се обрати тогашниот претседател на државата, Бранко Црвенковски, кој во своето експозе (стенограмите од ова се достапни на веб-страницата на Собранието) многу јасно рече: „Ние (државниот врв) направивме се’ за да добиеме покана за членство во НАТО, но Грција со злоупотреба на своето право на вето го блокира нашиот влез“. Црвенковски тогаш го спомена и „фамозното писмо“ и предлогот Република Македонија (Скопје) како обид да се надмине најавениот бојкот од Грција. Писмо навистина формално испратено од Милошоски, ама во согласност со државниот врв.

Ваква можност ВМРО-ДПМНЕ нема да испушти, па ете ви прес-конференција на која (со право) ќе се постави прашањето кој ја прифати референцата ФИРОМ и како СДСМ, односно госпоѓа Шекеринска мисли да го реши проблемот со името. Навистина се прашувам дали опозицијата (читај СДСМ) се’ уште не сфатила дека секогаш кога ќе го споменат проблемот со името, па без разлика дали ќе речат Груевски го продал нашето име или ќе обвинуваат дека Груевски не сака да го реши спорот, едноставно, рејтингот на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ расте. Когнитивната лингвистика одамна утврдила врз основа на истражувања дека кога се натпреварувате со вашиот политички противник, не смеете да го употребувате неговиот јазик, бидејќи секогаш ќе завршите како губитник. Понатаму треба барем на водството на СДСМ да му биде јасно дека гласачкото тело во многу голем процент не гласа рационално, односно според своите интереси, туку преку гласањето бара своја идентификација, која може да биде етничка, идеолошка, односно вредносна, па дури и верска. На пример, Маргарет Тачер со својот неолиберализам беше многу поблиска до тесен слој на британското општество, ама владееше речиси 12 години со гласовите на мнозинството граѓани на Велика Британија. Вакви грешки кои многу ми личат на некаков салонски револуционерен интелектуализам и одамна се надминати во денешното креирање и водење политики. Слични примери од репертоарот на СДСМ ги има цел куп. Се прашувам дали оние комуниколози, социолози и ред други „експерти“ кои се во СДСМ навистина нешто прочитале и знаат или, што е поверојатно, никој не ги слуша. Ако СДСМ продолжи со сегашната игра на виртуелна опозиција, актуелната власт и понатаму ќе може да си владее мазно и без многу да му мисли какви политики креира. А бидејќи се шушка дека в година во март можеби ќе имаме предвремени парламентaрни избори, со голема сигурност уште сега можеме да се типуваме дека сегашното мнозинство пак ќе победи. Премиерот Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ имаат големи шанси според должината на владеење да ја надминат и Маргарет Тачер. За крај, еден убав политички виц, актуелен на аферата со Сноуден и прислушувањето. Вицот во оригинал го прочитав во еден словенечки весник и преработен на наши состојби оди вака.

„Зошто нашиот претседател почнува да плаче ако некој му ги спомене НСА и пребегнатиот шпион Едвард Сноуден? Затоа што во моменти на својата луцидност го повикал Сноуден на московскиот аеродром и му понудил политички азил кај нас, дури и вила во Охрид. Во телефонското пазарење претседателот му вели – како услов за азил, кажи ми што има НСА во твојот компјутер за мене. По само десетина секунди, Сноуден му одговара – жалам претседателе, нема ништо, НСА воопшто не ве прислушувала“.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com