СЛОВЕНИЈА СЕ ВРАЌА НА БАЛКАНОТ (втор дел)

Партијата на Јанез Јанша загуби на неделните избори и веднаш ги оцени како недемократски и нечесни. Јанша од затвор внесува конфузија на политичката сцена

Како што пред две недели во колумната со ист наслов најавив (повикувајќи се на предизборните истражувања) дека победник на минатонеделните предвремени парламентарни избори во Словенија ќе биде Миро Церар и неговата партија СМЦ (Странка Мира Церарја), која беше формирана само еден месец пред изборите. Со освоени 36 пратенички места во законодавниот дом на словенечкиот парламент, кој брои 90 пратеници, Миро Церар постигна најдобар резултат од која било партија во сите досегашни избори. Миро Церар е врвен професор на Правниот факултет во Љубљана и експерт по уставно право, познат колумнист и публицист, но во политиката е без искуство. Факти кои најблаго речено дејствуваат збунувачки за политичките аналитичари. Пред три години на изборите победи Позитивна Словенија, исто така нов политички субјект, но на чело беше Зоран Јанковиќ, кој сепак како градоначалник на Љубљана имаше политичко искуство, а околу него беа собрани луѓе кои одамна се присутни на словенечката политичка сцена. Но, Позитивна Словенија на овие избори не успеа ниту да влезе во парламентот. Во април поради суетата на Јанковиќ, кој не сакаше да се откаже од функцијата претседател на партијата, дојде до нејзин раскол. Аленка Братушек, која во тоа време беше премиер, со група пратеници се отцепија од Позитивна Словенија, а во исто време си даде оставка на функцијата претседател на Владата што доведе втор пат по ред да се одржат предвремени избори. Аленка Братушек со својата листа, сепак, успеа да го помине изборниот праг и со 4 пратеника влегува во новиот парламентарен состав.

Покрај Јанковиќ и неговата Позитивна Словенија во новиот парламент не влезе ниту Грегор Вирант и неговата Граѓанска листа кој во владата на Братушек беше министер за внатрешни работи. Во суштина, оваа партија, исто така, е жртва на преголемите амбиции на својот шеф и неговиот политички промискуитет. Социјалдемократите и на овие предвремени избори го задржаа негативниот тренд, така што во новиот парламент сега имаат само шест пратеници, а досега имаа десет. Но, затоа во новиот парламент со шест пратеници влегува исто така нов политички субјект, Здружена левица. Станува збор за нов политички субјект составен од неколку вонпарламентарни партии и невладини организации кои на избирачите им понудија некаков еколошки и демократски социјализам. Во суштина Здружената левица многу потсетува на СИРИЗА. Голем успех на овие парламентарни избори постигна и партијата на пензионерите (ДеСУС), која со 10 пратенички места ќе биде сигурно дел од новата владина коалиција. Во парламентот ќе влезат и демохристијаните од НСИ (Нова Словенија). Станува збор за партија од која потекнува кај нас познатиот европратеникот Лојзе Петрле, кој по се’ изгледа ќе го замени „нашиот голем пријател“ Јорго Шацимаркакис.

На овие предвремени избори голем губитник е и Јанез Јанша и неговата десноориентирана партија – Словенечка демократска партија, која со освоени 21 пратеничко место навистина е втора партија, но за разлика од 2011 година таа изгуби една петина од гласовите, а со тоа и пратенички места. Некои словенечки аналитичари истакнуваат дека словенечките демократи на Јанша, сепак, поминале добро ако се има предвид дека нивниот лидер е во затвор каде што издржува казна од две години поради примање мито во познатата афера „Патрија“. Ова покажува дека Јанша има тврдо избирачко тело кое ако не победи, обезбедува солидна присутност во парламентот.

Но, сега доаѓаме и до она што, за жал, Словенија, поточно словенечката демократија, ја сведува на нива на Западен Балкан. Имено, веднаш по објавувањето на податоците, потпретседателот на партијата на Јанша изјави дека тие не ги признаваат резултатите бидејќи овие избори биле недемократски и нечесни!? Прво што помислив кога ова го слушнав беше – аман, зар и словенечката десница сега ја следи нашава левица и ги користи овие глупави квалификации. Уште повеќе бев изненаден ако се има предвид дека Словенија според „Фридом хаус“, ама и други релевантни меѓународни субјекти, е оценета како целосно слободна и демократска држава со независно судство, професионални медиуми и слобода на изразувањето. Сега би било навистина добар штос ако нашиве од СДСМ му испратат честитка со поддршка на Јанша и на неговата партија. А би било бум ако ВМРО-ДПМНЕ на својата сестринска партија и’ изрази поддршка а оваа „демократска одлука“.

Бидејќи Јанша (кој иако е во затвор во суштина ја води партијата) добро знае дека вакво нешто не поминува ниту дома ниту во Европа, сега ја менува тактиката. Неговите 21 пратеник ќе влезат во парламентот, ама нема да преземаат никакви функции, како што е едно од потпретседателските места, потоа претседатели на комисии… На седниците ќе учествуваат, ама селективно. Во исто време демократите на Јанша бараат тој веднаш да биде ослободен, но не со помилување или аболиција, туку со укинување на пресудата. Барање кое гледано од правен аспект не е остварливо. Понатаму, бараат од новата влада до крајот на годинава да распише нови избори. Богами, недостига само зборот техничка влада, па во целост да се пресликани барањата на СДСМ.

Во првите реакции од останатите политички и други релевантни субјекти, сите овие барања се оценети како апсурдни и нереални. Анализирајќи ја целокупната политичка сцена во Словенија и се’ она што се случуваше пред изборите, но и тоа што се случува сега, еден познат словенечки економист во љубљански „Дневник“, го спореди со онаа позната српска изрека „Луд ј….. збуњеног“.

И на крајот една вест. Европскиот суд во средата донесе пресуда со која Словенија е осудена за кршење на човековите права на штедачите на некогашна Љубљанска банка на просторот на некогашна СФРЈ. Тужбата беше поднесена од штедачи на Хрватска и БиХ. Пресудата за словенечката држава е тешка неколку стотини милиони евра, главницата е 250 милиони. Еве уште еден доказ дека „моја дежела“ полека, но успешно се враќа на Балканот.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com