СЛОВЕНИЈА ПРЕД ВОНРЕДНИ ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ!

Никој во Словенија нема да ви рече дека државата не е во политичка криза. Но, факт е дека таа криза не се прелева на институционално ниво

Еве веќе трета недела Словенија живее и функционира со Влада во оставка. Како што е познато, госпоѓа Аленка Братушек како премиер си поднесе оставка, а бидејќи претседателот на државата според уставот не поднесе до парламентот предлог за нов мандатар, сега негова должност е да распише нови избори. Патем, во Словенија, в недела ќе има избори, ама за Европскиот парламент (Словенија има 8 европратеници). Избори кои секако претставуваат соодветен барометар за политичките партии.

Како што сега стојат работите парламентарни избори ќе има. Проблемот е дали тие да се одржат сега, поточно пред 15 јули кога почнуваат летните одмори во Словенија, или во септември. За ова треба да пресече претседателот на државата, кој веќе направи консултации со партиите, но пред се’ со експертската јавност во смисла дали може да се направат избори до 15 јули или тие да се одложат за септември, кога патем ќе има и локални избори.

Дилемата е дали ако има избори на пример до 15 јули, нема со тоа да биде скратено правото на граѓаните да гласаат бидејќи заминале на одмор. Имено во еден друг пример, стануваше збор за референдум, Уставниот суд донесе одлука дека во јули и август не може да се одржува референдум. Можеби сето ова ви звучи сувопарно и бирократски, но го споменувам од причина дека сите овие дилеми имаат единствена цел на кој било начин да не се повредат рамноправноста и демократските услови за сите учесници во изборниот процес, од политичките субјекти до граѓаните.

Во Словенија уште од 1990 година (кога се одржаа првите повеќепартиски избори) нема проблеми со избирачкиот список на кој има еден1.711.000 гласачи, а самиот чин на гласање, секогаш што би рекле „нашиве“ поминува скандинавски. И уште нешто, никогаш досега во Словенија некој не ги довел во прашање изборните резултати, ама и ниту една влада барем досега не се пофалила дека организирала демократски избори бидејќи тоа едноставно е должност, а не некаков успех.

И сега зошто падна коалициската влада на Братушек. Пред да одговорам на ова, да потсетам на овој мандатен период кој започна во декември 2011 година кога се одржаа исто така предвремени избори. Тогаш победи партијата Позитивна Словенија, која ја водеше љубљанскиот градоначалник Зоран Јанковиќ, а Братушек беше еден од 28 пратеници на Позитивна Словенија. Но, Јанковиќ тогаш како мандатар не успеа да направи Влада, така што мандатар стана Јанез Јана кој успеа до состави коалициска влада која владееше со само 4 пратеника повеќе од опозицијата. Кај нас на пример такво нешто би било незамисливо, не само заради етничката структура, туку заради ниското ниво на политичката култура што подразбира и недостаток на демократски капацитет. Владата на Јана после нешто повеќе од една година падна заради тоа што Антикорупциската комисија утврди дека Јана „мечтаел“ со својот имотен лист за околу 300.000 евра.Тука има и уште еден интересен факт. Во исто време Антикорупциската комисија објави дека и љубљанскиот градоначалник и лидер на Позитивна Словенија, Зоран Јанковиќ, нема покритија за околу три милиони евра. Тоа предизвика во Словенија големи демонстрации токму против корупцијата кај политичарите.Тогаш коалициските партнери на Јана побараа тој да си оди од премиерската функција, но тој тоа го одби. На ова, истите тие партии побараа во парламентот да се гласа за доверба на Владата и така Јана падна.

Што се однесува до Зоран Јанковиќ тој навистина ја замрзна својата лидерска функција, односно водењето на партијата го презеде Братушек, која успеа да состави Влада со социјалдемократите, но и со уште две партии кои беа коалициски партнер на Јанша. Се’ беше во ред до пред еден месец кога на конгресот на партијата Позитивна Словенија премиерката Братушек не беше избрана за лидер на партијата. Делегатите со релативно солидно мнозинство го избраа повторно Јанковиќ, кој барем во меѓувреме успеа по судски пат да се ослободи од заклучоците на Антикорупциската комисија. Братушек уште пред конгресот најави дека ако не биде избрана за лидер на партијата ќе даде оставка на премиерската функција и дека ќе излезе од својата матична партија. И тоа се случи.

Во Словенија иако Владата е во оставка државата и институциите функционираат најнормално. Што е уште еден доказ за вистинско разграничување меѓу државата и партијата, што кај нас ниту било, ниту е сега, а кога тоа ќе биде, знае само Горниот. Понатаму мора да се признае дека Владата на Братушек како левосрединска сепак успеа да ја запре рецесијата, па така се очекува година пораст на БДП за 0,7 проценти. Инаку во моментов тешко е да се предвидува каков било резултат од парламентарните избори кои, како што реков, се’ уште не се закажани.

Како и да е никој во Словенија нема да ви рече дека државата не е во одредена политичка криза. Но, факт е дека таа криза не се прелева на институционално ниво. Зарем навистина е толку тешко сето ова да го имаме и кај нас. По се’ изгледа дека е тешко! Бидејќи ниту кај нашите политички елити, ниту кај т.н. експертска јавност, а ниту кај општата јавност има вистинска критичка маса со потребниот демократски капацитет, но и чувство за одговорност Република Македонија како држава и општество да биде на ниво на секоја нормална европска држава и секое европско демократско општество.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com