СЛОВЕНИЈА ПОВТОРНО НА БАЛКАНОТ

Од „Европа здај“ Словенците по дваесет години се враќаат дома, на стариот и секогаш возбудлив Балкан

„Европа здај“ („Европа сега“) беше слоганот со кој во 1990 година настапија словенечките комунисти на својот последен партиски конгрес, навестувајќи ја стратегиската определба на Словенија, а во исто време и крајот на некогашната СФРЈ. И Европа бидна. Во овие дваесет години Словенија се етаблира како стабилна држава во која се живее пристојно. Според објавеното истражување на ОЕЦД, Словенија е на неверојатно единаесетто место во светот според квалитетот на живеење на граѓаните. Секако, светската економска криза ја зафати и Словенија (имајќи предвид дека над 80 проценти од БДП го остварува преку извозот кој во 2010 година изнесува неверојатни за нас 35,4 милијарди евра), па минатата година падна на централнолевичарската влада на премиерот Борут Пахор. Словенија прв пат се соочи со предвремени избори, но и прв пат со појава на нови партии. Сето ова плус една жестока и дотогаш невидена негативна предизборна кампања беше првиот чекор кон враќање на Словенија на Балканот гледано од аспект на политичка нестабилност. Изборите што се одржаа на 4 декември минатата година беа вистинско изненадување и за самите Словенци. Со 28 освоени пратенички места, победник беше Зоран Јанковиќ, довчерашен градоначалник на Љубљана, со својата новоформирана партија Позитивна Словенија, Јанез Јанша и неговата Демократска партија, за кого сите очекуваа дека ќе биде победник, беше втор со 26 пратенички места. Социјалдемократите на Пахор со 10 места беа трети, а нова политичка ѕвезда беше Грегор Вирнат, кој со својата Граѓанска листа освои 8 пратенички места, и беше јасно дека тој ќе биде јазичето на политичката вага при формирањето на новата влада.

Таа политичка нестабилност се виде и при конституирањето на новиот парламент. Тогаш во првиот круг на гласање не помина кандидатот на Јанковиќ и по неколкучасовно препукување во парламентот како кандидат се појави токму Грегор Вирант и со помош на гласовите на Јанша и другите десни партии, но и со тивка помош на социјалдемократите и на партијата на пензионерите, беше избран за претседател на словенечкиот парламент (Државен збор), кој брои 90 пратеници.

Но, и по изборот на новиот претседател на парламентот, политичката сцена не се стабилизира. Јанковиќ ги продолжи преговорите со Вирант, со социјалдемократите на Пахор и со лидерот на партијата на пензионерите. Бидејќи според Уставот, претседателот на државата испраќа предлог за мандатар до парламентот и по тој предлог се гласа, па дури потоа се станува мандатор, претседателот на Словенија, Данило Тирк, по извршените консултации, сепак, го предложи Зоран Јанковиќ за иден мандатар. Некаде на крајот на минатата недела Јанковиќ соопшти дека со лидерите на овие партии го парафирал коалицискиот договор и дека очекува в среда тој да биде избран за мандатар и дека брзо ќе ја состави и новата влада. Но, веќе во понеделникот Вирант соопшти дека програмскиот совет на неговата Граѓанска листа не ја прифатил ратификацијата. Во меѓувреме, во јавноста се шпекулираше дека Вирант тивко преговара и со Јанша.

И така во средата, на гласањето за нов мандатар, Зоран Јанковиќ доби само 42 гласа, еден против, а четири гласа беа неважечки. И токму тука се гледа таа балканска политичка култура која повторно се враќа во Словенија. Словенците се сетија дека во 1994 година, исто така, беше тесно при изборот на Јанез Дрновшек за мандатар. Тогаш по две гласања резултатот беше „пата-пата“. Пред третиот круг еден од пратениците на демохристијаните јавно изјави дека тој ќе гласа за Дрновшек, бидејќи тоа е во интерес на државата. И така бидна.

Тогаш се шпекулираше дека тој пратеник (Јоже Пуцко) бил купен за триста илјади марки, но тоа никогаш не беше докажано. За да не се случи повторно некој нов „Пуцко“, пратениците на Јанша на Вирант и на другите две партии едноставно не ги напуштија своите фотелји и не ги подигнаа гласачките ливчиња. Да биде се’ според балканскиот политички фолклор, Пахор, кој не е некој голем симпатизер на Јанковиќ и кој директно од болнички кревет дојде на седницата, своето ливче пред да го фрли во кутијата го покажал на неколку пратеници за да посведочат дека тој, сепак, гласал за Јанковиќ.

И што сега? Формално, топката е повторно вратена кај претседателот на државата, кој изјави дека ќе ги продолжи консултациите со партиските лидери. Јанез Јанша изјавува дека ако тој не обезбеди стабилно мнозинство од 50 пратеници, нема да прифати кандидатура за мандатар и веќе упатил покана до социјалдемократите на Пахор и до лидерот на пензионерите да се приклучат на неговата нова можна коалиција. Ако не се случи тоа, тогаш единствено решение, според Јанша, се нови избори. Јанша вели дека треба да се размислува и за воведување на мнозинскиот модел, бидејќи пропорционалниот продуцирал политичка нестабилност.

Јанша е во право. Бидејќи Словенија не е Белгија која може да биде речиси две години без влада, ама не сака да падне ниту на ниво на Босна, која по 15 месеци доби мандатар, ама се’ уште не може да состави влада. Како и да е, од „Европа здај“ нашите „браќа“ Словенци по дваесет години се враќаат дома, на стариот и секогаш возбудлив Балка

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com