СЛОВЕНИЈА – НА СОНЧЕВАТА СТРАНА НА АЛПИТЕ

Смената на врвот на социјалдемократите отвори интересна дебата во државата

Оваа политичка фраза која се темели на географски факт (Словенија е на сончевата страна од Алпите) пред дваесетина години беше многу популарна во процесот на осамостојувањето на Словенија и нејзиното излегување од некогашната заедничка држава. Гледано географски, денеска Словенија во ништо не е сменета, ама затоа на политичката и на економската сцена има многу повеќе облачност, да не речам стушно време, а богами одвреме-навреме има и вистински бури. Една од нив, која се’ уште има голем одглас, е промената на врвот во Социјалдемократската партија на Словенија. Минатата недела на конгресот на словенечките социјалдемократи со тесен резултат (разликата беше само десетина гласа) изгуби досегашниот лидер на партијата Борут Пахор и на негово место е избран Игор Лукшич.
Некој ќе рече дека оваа промена на врвот, пред се’, е партиско прашање и е логично имајќи предвид дека Борут Пахор ги загуби изборите во декември минатата година, а со тоа и премиерската функција, но не е така. Кај членството и, воопшто, во словенечката јавност веќе подолго време постои убедување дека Борут Пахор со својата политика се оддалечил од темелните вредности на социјалдемократијата и се’ повеќе кокетира со десницата и актуелниот премиер Јанез Јанша. Пахор ја водеше партијата повеќе од 17 години. Аналитичари наведуваат дека кога ја презел партијата, нејзината поддршка од гласачкото тело била околу 9 проценти, а сега кога си оди, на новиот партиски шеф му ја остава со поддршка од 10,8 проценти, што навистина е ниска ако се има предвид дека Пахор во изминатите 17 години беше и претседател на словенечкиот парламент, а и премиер. Во партијата, а посебно кај помладото членство, важи убедување дека социјалдемократите стануваат заробеници на личните амбиции на Борут Пахор. Тоа дека оваа констатација „држи вода“ зборува и фактот дека на самиот конгрес, на кој Пахор изгуби, тој најави дека на идните претседателски избори кои ќе се одржат во октомври оваа есен тој ќе кандидира за претседател, иако актуелниот шеф на државата, Данило Тирк, кој беше нивен кандидат, најави дека повторно ќе кандидира. (Паралела со нашиве социјалдемократи им препуштам на ценетите читатели на „Утрински“)

Новиот претседател на словенечките социјалдемократи, Игор Лукшич (роден 1961), е професор на Факултетот за политички науки во Љубљана. Веќе во својот прв јавен настап како партиски лидер најави многу потврда политика кон актуелната влада и воопшто кон економската политика и мерките на ниво на еврозоната. „Ние седиме во погрешен воз кој го влечеа две локомотиви. Едната локомотива (Саркози) веќе е сменета, а наскоро и другата (Меркел) ќе биде сменета, а ние и понатаму седиме во тој воз и без никаква критична анализа, туку по инерција ги поддржуваме сите мерки на оваа влада“, изјави Лукшич. Исто така, најави дека во парламентот нема да се следи досегашната политика на Пахор околу уставните промени.

Тоа што засега останува како предмет на анализи и шпекулации е дали по ваквиот расплет словенечките социјалдемократи ќе ги збијат своите редови или внатрешните концептуални разлика ќе се продлабочуваат со што ќе слабее нивната политичка улога во Словенија, а тоа внатрешно исцрпување може да доведе и до раскол во партијата. Односно, дали ќе се повтори тоа што се случи со либералните демократи на Словенија кои од некогашна најсилна политичка партија пред десет години се поделија на две крила, а денес и двете се надвор од парламентот. Многу аналитичари сметаат дека на новиот претседател на словенечките социјалдемократи му недостасува харизмата што ја имаше Пахор, а како слаба страна е и фактот дека тој на последните парламентарни избори не беше избран за пратеник. Во суштина, моментно во словенечкиот парламент во опозициските фотелји нема ниту еден партиски лидер. Како што е познато, Зоран Јанковиќ, лидерот на Позитивна Словенија, повторно се врати во градоначалничката фотелја на Љубљана.

И власта и опозицијата не кријат дека оваа година за Словенија ќе биде една од најтешките од осамостојувањето. Премиерот Јанез Јанша отворено зборува дека државата е во рецесија и дека дури идната година, ако се реализираат сите мерки, Словенија може да излезе од сегашната состојба. Негов успех е и фактот дека по тврдите преговори со синдикатите, посебно со синдикатот на јавната и државната администрација, е потпишан договор за штедење (од намалување на плати, па се’ до другите додатоци и бенефити), а пред три недели на улиците низ Словенија демонстрираа околу 120 илјади луѓе. Владата предвидува ригорозни мерки за штедење кои достигнуваат една милијарда евра буџетски средства. Позитивен е и фактот дека Словенија во првото тромесечје од годинава бележи мал, но, сепак, значаен позитивен тренд во извозот, додека покриеноста на увозот е над 92 процента.

Бидејќи Словенија е членка на еврозоната, владата на чело со Јанша во голема мера ги поддржува мерките што ги усвои Брисел, а зад кои стои Германија и Меркел. Словенија се надева дека најдоцна до крајот на годинава, дефинитивно, ќе биде јасна идната положба на Грција во еврозоната. Сегашната состојба кај нашиот јужен сосед во голема мера ја оптоварува ЕУ и создава една општа несигурност кај сите. Односно, крајно време е Грција да се соочи со својата реална положба и да си ја преземе одговорноста за својата иднина, без разлика дали тоа ќе биде во рамките на еврозоната или надвор од неа, истакнуваат во Словенија.

Облаците и темното небо над политичкиот живот и економската положба во Словенија остануваат, ама верувајте пријатно е да ја посетите, бидејќи пријателството и симпатиите кои ги имаат до Македонија и понатаму се присутни и ќе ги почувствувате и од политичарите и од обичните граѓани.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com