СЛОВЕНИЈА НА КАКВА ШТО НЕ СМЕ НАВИКНАТИ

Ниту премиерот Јанша ниту кој било од неговата коалиција не ги коментира големите протести како обид на опозицијата да се урне актуелната власт

Словенија од мината недела има нов претседател, Борут Пахор, политичар кој досега ги помина сите политички и државни функции. Беше лидер на партија (словенечките социјалдемократи), претседател на парламентот, а до септември минатата година беше премиер. Поради предложените реформи, пред се’, на пензискиот систем, кои не поминаа на референдум, ја загуби поддршката од своите коалициски партии и мораше да оди на предвремени избори лани во декември, кои ги загуби. И, ете, сега по 18 месеци, на претседателските избори го победи претседателот во заминување Данило Тирк.
Изборите, кои по традиција беа „здодевни“ кога ги споредувате со „дешавките“ кај нас, овој пат покажаа и една голема резигнираност кај словенечкото гласачко тело и одѕивот беше едвај 41 процент. Многу ќе се прашаат како победи Борут Пахор? Едноставно, во вториот круг, гласачкото тело на премиерот Јанез Јанша застана зад Пахор. Имено, се’ уште актуелниот претседател Данило Тирк, кога Јанша стана премиер, иако не победи на изборите, изјави дека тоа е легално, но ја отвори дилемата колку е тоа морално и легитимно во однос на изразената волја на гласачкото тело. Исто така, Тирк неколкупати многу отворено и остро ги критикуваше потезите на владата и премиерот Јанша, кои се однесуваа на реформите и мерките околу надминувањето на кризата која драматично се чувствува во Словенија.

Да биде иронијата поголема, минатата недела словенечкиот парламент ја изгласа предложената реформа на пензискиот систем, која не се разликува од онаа која ја предлагаше Пахор кога тој ја водеше владата. Интересен е и коментарот на Јанша околу нискиот одѕив на гласачите, кој го оцени како израз на незадоволство поради економската и, воопшто, општествената состојба во државата.

И токму тука се гледа онаа основна разлика во профилот, па ако сакате и политичката култура на словенечкиот политичар без разлика на политичка или идеолошка припадност и политичарите кај нас. Словенечкиот политичар и кога е на власт, секогаш многу повеќе зборува за проблемите или за тоа што не е добро и отворено кажува дека негова е одговорноста тоа да се надмине. А тоа што е добро или што го подобрил препушта да го вреднува и почувствува граѓанинот и неговиот потенцијален гласач. Кај нас се сведува на ние „најдобри“ и вие „најлоши“. Е токму поради таа разлика, во словенечкиот парламент за веќе споменатата реформа на пензискиот систем гласаа и социјалдемократите на Пахор, иако само пред една и пол година поради истата реформа паднаа од власта и тешко изгубија на изборите.

Но, за словенечката јавност, но и пошироко, многу поголемо внимание и загриженост се огромните протести и нереди, организирани од страна на граѓаните, користејќи ги социјалните мрежи како основна алатка. Се’ започна во Марибор и потоа да се прошири во сите поголеми градови. Причините за ова незадоволство се во реалната економска и општествена положба во Словенија, но уште повеќе од тоа како таа состојба се решава. Протести кои на моменти беа и жестоки со молотови коктели, пендреци и солзавец, беа употребени и водни топови од страна на полицијата. Повеќе демонстранти, но и полицајци завршија во болница, а десетици беа и уапсени.

Во Марибор гневот на граѓаните беше е упатен до градоначалникот кого граѓаните го обвинуваат за лошо водена политика и корупција. Мариборчаните победија, тој поднесе оставка, иако е од партијата која е во владата на Јанша. Интересен е фактот дека ниту премиерот Јанша ниту кој било од неговата коалиција не ги коментира овие протести како обид на опозицијата да се собори актуелната власт. Јанша изрази само жалење дека во протестите на граѓаните се инфилтрирале радикални групи од левицата и десницата, кои ги искористуваат мирните протести за свои цели.

Опозицијата, исто така, не се обидува на каков било начин овие граѓански протести да ги искористи за зголемување на својот рејтинг, бидејќи добро знае дека такво нешто нема да и’ помине, токму кај граѓаните. Во нашите медиуми можеше да се сретнат наслови од типот „Мирните Словенци“, демек сме биле изненадени од револтот на Словенците. Словенците никогаш не биле мирни и тивки. Напротив, во словенечкото општество, без разлика за кој општествен слој станува збор (работници, среден слој, интелектуалци, младина, студенти), секогаш постоела доволна критична маса која знаела и можела да мобилизира и да ги артикулира своите интереси или своето незадоволство на разни начини, вклучувајќи ги протестите или штрајковите.

Само да потсетам, осамостојувањето на Словенија го започна токму критичната маса на интелектуалци, а потоа го прифати најшироката јавност, што се покажа на референдумот. Или првиот голем штрајк во некогашна СФРЈ го изведоа рударите од јагленокопите во Трбовле, Храстник во 1956 година, а беше задушен со тенкови. Синдикатот на јавната администрација, заедно со другите синдикати, организира генерален протест на 21 декември. Причината, секако, не е фактот дека на 21 декември според календарот на Маите ќе заврши еден цивилизациски циклус, а некој велат и крај на светот, туку фактот дека од 24 декември почнуваат во Словенија божикните и новогодишните празници, кои за словенечките граѓани без разлика дали се верници или не традиционално се многу важни и се посветени на семејството и најблиските. Дотогаш јавноста, но и синдикатите, очекуваат во парламентот каде што тече расправата да се усвои буџетот, односно да се знае кому му се крати и колку се крати. Буџетот на Словенија за идната година изнесува околу 8,6 милијарди евра. Од ова околу 1,5 милијарди се пари од разни фондови на ЕУ. Во благајната во Брисел Словенците за идната година ќе треба да дадат 430 милиони евра, односно една милијарда евра им останува чиста. Е, па, сега видете зошто е добро да сме членка на ЕУ, само се плашам додека влеземе, и бриселската благајна да не биде испразнета во целост. Предвидените трошоци се околу 9,6 милијарди евра, односно планираниот дефицит е околу една милијарда долари. Како и да е, владата на премиерот Јанша ја чека снежна, ама политички врела зима. Можеби и тоа е една од причините зошто во парламентот буџетот оди релативно мазно, а никој во опозицијата не зборува за нова влада.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com