СЕ’ Е ПО СТАРО, ИСТА ВЛАДА ИСТИ ПОЛИТИКИ

Ние овде знаеме само да создаваме историја, ама не и да учиме од неа и затоа си ги повторуваме истите грешки

Полека се финализираат процесите од парламентарните избори. Идната недела Собранието ќе треба да ги избира членовите на новата влада кои ги предложи мандаторот Никола Груевски, а ќе биде претставена програмата и приоритетите на новиот кабинет. Таа финализација се одвива како и што започна, строго според нашето фолклорно разбирање на принципите на парламентарната демократија.
Да потсетам, се’ почна минатиот декември околу идејата на ДУИ за „консензуалниот“ кандидат за претседателските избори. Идејата одлично се вклопи во репертоарот на балканскиот политички фолклор. Откако опозицијата како клен на дудинка се фати на јадицата „измени и дополнувања на изборниот закон“, а сето тоа го прикажуваше како своја победа, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ глумејќи во стилот на „балканските патрдии“ не можеа да се сложат за „консензуален кандидат“, во парламентот со косензус беше изгласано негово распуштање и одење на нови предвремени парламентарни избори. Верувам дека колку-толку сите се сеќаваме како се развиваа настаните потоа, иако како јавност сме познати по краткото паметење.

Во владејачката структура горе-долу се’ остана исто. Дури не е новина и тоа што сега ДУИ како коалициски партнер не го признава актуелниот претседател Иванов. Па, така, по граѓанинот Трајковски, па лицето Б.Ц сега имаме само qytetari (граѓанин) Иванов. Видено, а во исто време и уште еден доказ дека ние овде знаеме само да создаваме историја, ама не и да учиме од неа и затоа си ги повторуваме истите грешки. Опозицијата, која по се’ изгледа од 27 април едноставно се изгуби и во просторот и во времето, не прави ништо друго освен што продуцира одличен „штоф“ за кроење на негативистичката пропаганда. Откако на 27 април по завршувањето на изборите најави дека не ги признава резултатите и освоените 33 мандати, до неодамна се занимаваа како да го легализираат овој бојкот на Собранието. Па, така, имавме заверени изјави кај нотар, кои ниту ДИК ниту Собранието не можеше да ги прифати, бидејки се во спротивност со законот. Потоа, откако Собранието (според законот и Деловникот) ги верификуваше сите 123 мандати, опозицијата „генијално“ се сети и законодавниот дом го сведе на управен орган и почна постапка пред Управниот суд. Откако и оттаму добија „двојка“, дефинитивно ги „прочитаа“ законите и оставките дојдоа во Собранието. А ваков добар „штоф“ спин-докторите на ВМРО-ДПМНЕ одлично го искористија за создавање негативистичка пропаганда. Така, дури и успешно се создава перцепција дека опозицијата веќе сега е виновна за се’ она лошо што ќе се случува во иднина. И згора на сето тоа како шлаг на торта дојде барањето на госпоѓа Шекеринска за апанажа како бивш пратеник. И зар во СДСМ навистина никој не можеше да претпостави дека ова ќе се искористи максимално од ВМРО-ДПМНЕ. Сега за очекување е СДСМ да се удави со своето барање за некаква техничка влада, која ќе организира нови фер и демократски избори.

И додека опозицијата од ден на ден се’ повеќе се однесува инфантилно, ВМРО-ДПМНЕ си ја продолжува својата предизборна агресивна кампања, која трае уште од доаѓањето на власт во 2006 година. Иако формално се’ уште немаме нова влада деновиве се наслушавме за цел куп успеси и идни проекти од кои секако најтежок (во евра) е во земјоделството, односно реконструкција и изградба на нови системи за наводнување. Тука е новиот проект на Министерството за труд за (само)вработувања на млади лица. На мојот омилен и хиперактивен министер за здравство веќе не можат ниту да се следат неговите успеси, активности, нови протоколи како да се работи во клиниките и нови програми и инвестиции во здравството. Резултатите видливи.

Слушнавме дека кај нас се’ уште кардиоваскуларните болести (инфаркт) се најголемата причина за смртноста, ама се зголемува и бројот на преживеаните!? Нормално, благодарејќи на сите тие активности и програми кои ги прави Владата преку надлежниот министер! Секако, во таа перманентна кампања колку работи и е посветена на напредокот оваа Влада, одлично се вклопуваат и странците. Така деновиве слушнавме како правосудните експерти од САД биле воодушевени како нашите судии и јавни обвинители толку брзо ги совладале американските практики! И сега некој нека рече дека ние имаме партизирано судство, селективна правда и дека сме многу далеку од владеењето на правото и правна држава.

Инаку, кога сме кај странците повторно се двојните аршини. Ако на кој било начин се оцени дека ставовите, забелешките или ако сакате и препораките на странците се позитивни за Владата, тогаш тие се верглаат до максимум. Најдобар пример за ова се „Дуинг бизнис“ и уште неколку ранг-листи. Ама се оцени спротивно, на пример ранг листата на „Фридом хаус“, на која се’ повеќе паѓаме – е тогаш тоа го нема ниту во јавниот сервис ниту во поголемиот број приватни медиуми или ако го има, тоа е само аргумент за да се докажува колку меѓународната заедници сака да не’ уништи и како народ и како држава.

Како и да е, идната недела добиваме влада. Според непишано демократско правило, првите 100 дена опозицијата ја остава на мира владата. Иако кај нас е прашање дали воопшто во овој мандатен период и ќе имаме опозиција (вистинска) која својата моќ нема да ја темели исклучиво на квантитативните места во парламентот. Ете, тоа ти е кога историјата како најдобра учителка ја сведовме на кичести споменици, на восочни музејски поставки и на евтина политичка пачавра.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com