СЕ ВРАЌА ЛИ СЛОВЕНИЈА НА БАЛКАНОТ?

Уставниот суд пресече дека на 13 јули може да има избори, што предизвика различни коментари, па и груби инсинуации и покажува дека Словенија, за жал, како да се враќа на Балканот во политичка смисла на зборот

Секако ова „враќање“ на Балканот треба да се разбере од политички аспект, а не географски. Патем, пред речиси седум години познатиот австриски политичар Бусек ме „подучи“ дека Балканот како политичка категорија, или ако сакате како „буре барут“ во суштина започнува таму некаде на Гринцил во Виена.

Но, да се вратиме во Словенија. На 13 јули во Словенија ќе се одржат втори по ред вонредни парламентарни избори. Фактички целиот овој мандатен период кој започна во 2011 година најблаго речено беше „чуден“ ако судиме според некои „правила“ или принципи на парламентарната демократија. Имено, тогаш (2011 година) на изборите победи Позитивна Словенија, тотално нов политички субјект со лево-срединска политичка ориентација, на чело со тогаш максимално популарниот градоначалник на Љубљана, Зоран Јанковиќ. Но, Јанковиќ не успеа да состави влада, во последен момент му откажа љубов сегашниот министер во оставка за внатрешни работи Грегор Вирант, кој тогаш исто така настапи како лидер на тотално нова политичка партија со изразито либерална ориентација. Тогаш направи влада Јанез Јанша, ама неговиот коалициски кабинет издржа околу 16 месеци. Причина, корупциска афера и судскиот процес против Јанша за примање поткуп за набавка на фински борбени возила. Владата падна, Јанша од неодамна е во затвор осуден со правосилна пресуда. По паѓањето на владата на Јанша, повторно Позитивна Словенија како најголема парламентарна партија успева да направи нова коалиција, ајде да ја именуваме лево-срединска и на чело доаѓа госпоѓата Аленка Братушек.

Треба да се има предвид дека тоа е период кога во ЕУ, сепак, владее должничката криза со сите свои последици, имајќи предвид дека Словенија над 83 отсто од БДП го остварува преку извозот, патем тој во 2013 година изнесува над 21,5 милијарди евра. Додека увозот е за околу 556 милиони поголем, односно има покриеност од околу 97 проценти. За нас овие квантитативни податоци се научна фантазија. Во еден ваков многу мал, но сепак индикативен позитивен економски показател (оваа година за првите три месеци во Словенија покриеноста на увозот со извозот е над 106 проценти) за жал се случија неколку типични „балкански“ политички потези. Владата во заминување на госпоѓа Братушек во април си поднесе оставка. Причина на конгресот на партијата Позитивна Словенија госпоѓа Братушек не беше избрана за лидер на партијата, туку повторно, навистина со тесен резултат, лидерската функција ја презеде Зоран Јанковиќ за кој Антикорупциската на Словенија тврди дека „забошотил“ околу 3 милиони евра, ама пред управниот суд Јанковиќ се извади. Нејсе, црната дамка му остана.

Госпоѓа Братушек по ваквиот исход во сопствената партија си поднесе оставка со објаснување како може да води влада ако и во својата партија нема максимална доверба. Во исто време Позитивна Словенија доживеа раскол и сега на престојните избори ќе настапат како два политички субјекти. Анкетите покажуваат дека ако успеат да влезат во парламентот, ќе биде успех. Инаку, самиот датум за овие избори во Словенија предизвика многу контроверзии, па дури целата работа дојде пред Уставниот суд, кој сепак пресече дека на13 јули може да има избори. Оваа одлука на Уставниот суд исто така предизвика различни коментари, па и груби инсинуации. Но, ниту претседателот на Уставниот суд на Словенија не им остана должен изјавувајќи дека Уставниот суд не е психијатриска клиника која ќе лечи политички лудости. И токму оваа оценка покажува дека Словенија, за жал, како да се враќа на Балканот во политичка смисла на зборот.

Понатаму, ако пред три години на изборите политичка ѕвезда беше Зоран Јанковиќ и неговата партија Позитивна Словенија, но и Граѓанската листа на Вирант, се покажа дека пред се’ поради политичките суети на лидерите овие два политички субјекти денеска се на ниво на „зомби“. Затоа сега вистински хит е партијата на Миро Церар. Овој професор на правен факултет, инаку син на познатиот олимписки шампион во гимнастика Мирослав Церар, во Словенија е познат не само како врвен правен експерт и неколку пати прогласуван за најдобар професор и педагог, туку и како многу читан колумнист и автор на повеќе книги во кои на еден многу едноставен јазик и стил ги популаризира правните науки, посебно етиката во правото, политичката култура, дијалогот. Ако воопшто можеме да го оценуваме од идеолошки аспект, тој е либерал, но затоа е познат и како поборник на традиционалните вредности на Словенците. Ова посебно е изразено во неговата книга „Словенците на поправен испит“.

Тука не завршува списокот на нови политички субјекти. На предвремените избори ќе истрча и таканаречената Здружена левица. Станува збор за сличен политички субјект како што е СИРИЗА составен од неколку вонпарламентарни партии и невладини организации, која на гласачкото тело му нуди програма со наслов пат во демократичен еколошки социјализам. Од „старите“ политички субјекти засега добро се држи партијата на Јанез Јанша, кој со своето одење во затвор како да ја зголеми популарноста и според анкетите е на второ место веднаш по партијата на Церар. Тука се и социјалдемократите, партија од која е и актуелниот претседател на државата, а сигурно во новиот состав на словенечкиот парламент влегува и партијата на пензионерите на сегашниот министер за надворешни работи Ерјавец.

Во секој случај, според сегашните анкети, кои во Словенија по правило не се во функција на партиите туку на јавноста, идната влада ќе биде „влада на центар“ со можеби мало инклинирање кон „лево“. Самата предизборната кампања е многу скромна можеби и најскромна од сите досегашни предизборни циклуси. Исто така се очекува и релативно низок одѕив, нема да помине 50 проценти, поради одморите ама и поради разочараноста на граѓаните од политичките елити. Интересно, на последните парламентарни избори на избирачкиот список имаше пријавено и над 55 илјади Словенци во дијаспората од кои гласаа 45 илјади. За овие избори се пријавија само четири илјади што зборува за резигнацијата на гласачкото тело. Патем, во словенечкиот парламент, кој брои 90 пратеници, дијаспората нема свои претставници, туку тие гласаат за домашните пратеници, односно неговиот глас оди во изборната единица од каде што потекнуваат тој или неговите предци.

И уште нешто. Словенија на избирачкиот список има над 1,7 милиони гласачи и никогаш досега немало забелешки на „чистотата“ на избирачкиот список. Инаку, веќе во септември во Словенија ќе треба да се одржат локални избори… Е, па, нека им е со среќа.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com