СДСМ ПРЕД РАСКОЛ?

Одговорноста за јакнење на демократијата е пред се’ кај власта, но не може да се амнестира и опозицијата. Сетете се колку пати од 2006 година, па до денес СДСМ излегуваше од Собранието

„За СДСМ не сме решение ниту јас ниту Заев. Потребен е лидер кој со својот авторитет ќе ги надминува рамките на партијата, а тоа е Пендаровски, кој освои 400 илјади гласа, наспроти 280 илјади гласа на партијата, што ги освои СДСМ во еднакви нерегуларни услови на избори“. Ете вака во интервјуто за Дојче веле, спроти Конгресот на СДСМ, бившиот лидер Бранко Црвенковски ја оценува состојбата во најголемата опозициска партија.
Го прочитав интервјуто дадено за Дојче веле и морам да кажам дека Црвенковски, иако речиси една година се повлече од јавниот живот, во суштина останал ист. Ниту малку не отапела неговата способност да ја оцени политичката состојба, ама и добро да ја спинува во своја корист. Ако погледнете, иако тој беше политички „повлечен“ и неактивен цела една година, во суштина неговата политичка сенка беше постојано присутна во СДСМ. Сетете се, на пример, на изјавата на госпоѓа Савова за канцерогеното ткиво во партијата дадена пред да почнат изборите. Или онаа, демек, соло-иницијатива на Буревски, кој во името на некаков иницијативен одбор побара пред само пет дена оставка на Заев. Некако премногу коинциденции со ставовите на Црвенковски искажани во споменатото интервју.

Но, сакале признале или не, односно дали Црвенковски ни е симпатичен или не, во неговото интервју има точни факти. Имено, како лидер на партијата тој ја донесе одлуката за бојкот на Собранието и другите институции, односно лично тој застана на чело на „Отпорот“. Во исто време двоецот Заев – Шекеринска беше против. Резултатот на ваквото неединство најдобро се одрази на минатогодишните локални избори, кои, според мене, се најголемиот пораз на СДСМ, а со одењето на Стевчо Јакимовски почнува процесот на фрагментација на СДСМ. И сега по освоени само 34 мандати двоецот Заев -Шекеринска повторно се одлучува за бојкот, односно како што демагошки се обидуваат да го оправдаат, да ја делегитимираат оваа „криминална власт“.

Во суштина и од авион се гледа дека Заев и Шекеринска сега ја спасуваат својата политичка кожа. Токму затоа какво било различно мислење или изразен став околу нивната одговорност за изборните резултати на парламентарните избори Заев и Шекеринска го квалификуваат како груб напад врз единството на СДСМ и воопшто напад врз партијата.

Точно е дека во македонското општество недостига вистинска демократија, сите го знаеме и го чувствуваме тоа цели 22 години. Односно да ја употребиме терминологијата на владејачката партија, тој недостиг од демократија во овие 22 години постојано се проширува и надградува. Демократијата подразбира и одговорност, бидејќи во спротивно одиме кон авторитарност или анархија. Секако дека одговорноста на владејачката структура е поголема, ама не може да се амнестира и одговорноста на опозицијата. На пример, дури и да го „проголтаме“ како јавност одлуката на СДСМ да не ги прифати мандатите (што, според мене, е политичко самоубиство), зошто тоа не го сторат на демократски начин. Сега ќе речете кој е тој демократски начин. Одговорот е многу едноставен – треба да се почитува законот во кој јасно се предвидува отповикот од функцијата пратеник. Односно, наместо помпезно најавувани изјави пред нотар, за кои не знаеме каде завршија, избраните 34 пратеници треба да дојдат на конститутивната седница на Собранието, да учествуваат во конституирањето на новиот парламент и на истата седница откако ќе бидат верификувани мандатите на сите 123 пратеници од собраниската говорница да најават дека даваат оставки на својата пратеничка функција со образложение и за своите избирачи и за јавноста. Иако лично не го прифаќам бојкотот на институциите како ефикасен метод за демократизација на општеството, ефектите се обратни, барем СДСМ тоа да го направи легално и легитимно.

Зошто не верувам во бојкот? Барем кај нас искуството не’ учи дека токму кога се прават вакви политички глупости секогаш јакнат процесите на партизација на државата на сметка на демократијата и владеењето на правото. На пример, најголема партизација на судството е направена кога ВМРО-ДПМНЕ во периодот 1994-1998 беше надвор од парламентот. Од тогаш тој процес (партизација на судството) не запре, туку продолжи и е доведен до совршенство, иако се направени цел куп „реформи“ преку кои ќе се обезбедела независност и самостојност на судската власт. Вакви примери во другите сегменти на демократските процеси ги има безброј, а резултатот е перманентно паѓање на листата на „Фридом хаус“, понатаму, во извештаите на Стејт департментот кога станува збор за демократијата, човековите права и слободи и владеењето на правото. Со други зборови, имаме се’ помалку вистинска демократија, но и помала одговорност на политичките елити. Да повторам дека одговорноста е пред се’ кај власта, но не може да се амнестира и неодговорна опозиција. Сетете се колку пати од 2006 година, па до денес СДСМ излегуваше од Собранието и кој беа ефектите или придобивките за демократијата кај нас. Одговорот е еден голем минус.

И на крајот само една паралела. Во Словенија и формално падна актуелната влада на премиерката Аленка Братушек. Причина е што пред две недели на Конгресот на нејзината партија Позитивна Словенија таа ја изгуби битката за лидер на партијата и повторна се врати Зоран Јанковиќ. Тоа доведе до раскол во партијата и госпоѓа Братушек принципиелно си даде оставка, иако можеше да владее до крајот на овој мандат. СДСМ, односно Заев -Шекеринска не се во власта, ама ако на претстојниот конгрес не добијат апсолутно, односно акламациско мнозинство, тогаш расколот во партијата е неминовен и прашање е само на време и на форма.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com