СВЕТОТ И ПОНАТАМУ СЕ ВРТИ

И по оставката на папата и по нуклеарната бомба на Северна Кореја светот продолжува да се врти и сепак да оди напред. И ние се вртиме, но во еден маѓепсан круг кој не’ носи кон дното

Неделава светската сцена е во знакот на оставката на папата Бенедикт XVI. Оставката, која за околу 1,2 милијарди католички верници беше вистински шок, бидејќи вакво нешто во историјата на католичката црква последен пат се случило пред шест века. Бенедикт XVI ја објасни оставката со својата длабока старост (85 години) со што биле намалени неговите физички и интелектуални способности и затоа решил да се повлече од престолот на свети Петар, што според каноните на Католичката црква е дозволено.
Од друга страна, папата не може да се разреши во процес како што познава световната власт, бидејќи тој се смета за директен наследник на свети Петар. Во секој случај, Бенедикт XVI со ова ќе остане запишан во историјата на Ватикан како храбар и мудар папа кој работеше во корист на верата, католичката црква и секако верниците. Останува отворено прашањето дали во иднина некој друг папа ќе го следи овој преседан.
Што остава зад себе папата Бенедикт XVI. Ако за момент ги оставиме настрана неговите огромни заслуги, како за католичкиот свет така и за неговите залагања за мир и многу поправичен свет од овој во кој живееме, добрите познавачи на состојбите во Ватикан истакнуваат дека некои работи останаа недовршени. Докрај останаа неразјаснети сексуалните злоупотреби од страна на претставници на црквата врз млади верници низ светот скриени зад ѕидовите на црквите и други институции на католичката црква. Втора незавршена работа остануваат финансиските малверзации. На пример во 2009 година, во Ватикан на чело на посебна комисија за расчистување на финансиските скандали е поставен висок претставник на клерот, Карло Марија Вагено, кој по двегодишна работа, римската Курија (читај владата на Ватикан) го оцени како опасност и го испрати за папски нунциј (амбасадор) во Велика Британија. И на крајот е минатогодишната афера кога во италијанските медиуми беа објавени тајни документи од Ватикан за што беше обвинет и осуден личниот батлер на папата, кој подоцна Бенедикт XVI го помилува, што е обичај на секој папа. Сега е важно не само за католичката црква, туку и за целиот свет кога и кој ќе биде наследник на престолот на свети Петар.

Според најавите од Ватикан, новиот папа ќе биде избран за околу 6-7 недели, но во секој случај пред Велигден. Многу позначајно прашање и кое во моментов предизвикува најразлични анализи и шпекулации е кој ќе биде 267. папа. Едно од најчесто поставените прашања е дали е дојдено време новиот папа да не биде Европеец (да се напушти евроцентризмот во католичката црква) туку да доаѓа од друг континент, Латинска Америка, Африка или Азија бидејќи токму на овие континенти се шири и се зголемува бројот на католички верници. Во сите медиуми во светот и кај нас се свртија неколку имиња на кардинали од Африка, Латинска Америка, Азија и САД, но не треба да се потценуваат и некои дискретно искажани интереси на италијанските кардинали (а нив ги има најмногу) повторно на престолот на свети Петар да седне „домашен“ кардинал. Папата се избира на таканаречената конклава составена од сите кардинали, но право на глас имаат само кардиналите кои се помлади од 80 години, а во моментов ги има 118. Некаде во втората половина на март над ватиканските ѕидови ќе го видиме белиот чад, со што симболично се објавува дека светот има нов папа.

Детонацијата на нуклеарната бомба на севернокорејскиот режим, исто така, неделава беше настан на меѓународната сцена кој предизвика дури и итна седница на Советот за безбедност, ама и голема загриженост не само во државите од соседството на Северна Кореја туку многу пошироко. Дури и единствениот пријател на севернокорејскиот режим, Кина, остро реагираше на и побара Северна Кореја да се откаже од нуклеарното оружје. Така не само што клубот на држави со атомско оружје се проширува што е во спротивност со документите на ОН, туку создава уште едно сериозно жариште кое го загрозува светскиот мир.

Верувам дека многу читатели сега ќе речат што сум запнал со меѓународни настани кога состојбата дома ни е „врвка“, што би рекле ние во Дебар Маало. Да, ама кај нас во суштина нема ништо ново. Инаетот и политичките страсти продолжуваат. И како што напишав во минатата колумна, сега наместо странски инвестиции ни доаѓаат странци и покрај проблемот со името сега од страна на ЕУ ќе добиеме уште еден „бенчмарк“ и тоа политички дијалог како услов за добивање датум за преговори.

Ако веќе избирам, настан на неделата е објавената информација дека АЕК (Агенција за електронски комуникации) за својата новогодишна журка потрошила 21.500 евра. Владата на својата седница на крајот на јануари ја разгледала оваа информација и на АЕК, поточно на директорот, му препорачала бидејќи на ниво на држава се води политика на штедење поради светската криза, сега вработените од свој џеб да соберат и да ги вратат овие 21.500 евра потрошени за журка. АЕК е познат и по огромните суми (околу еден милион евра) потрошени за реклами, што, верувајте, е единствен пример во Европа вакво тело да се рекламира. А колку што се сеќавам, директорот на АЕК неодамна имаше и некоја ситна „зафрканција“ и со Комисијата за спречување на корупцијата.

Вакви „журки“, односно трошење туѓи пари во овие дваесетина години сме се нагледале многу. Да потсетам на еден министер за здравство, кој за 8 Март на своите колешки министерки им подари ѓердани од познатиот „Сваровски“, ама ги платил со службената картичка на неговото министерство. Кога се откри скандалот тој ги врати парите и никому ништо. Во Шведска министерка за социјална политика која на работа дошла со такси (таму министрите не ги возат со службени возила, платила со службена кредитна картичка и потоа ги вратила парите (20 евра). Ама кога се откри овој случај, таа си даде оставка поради злоупотреба на државни пари.

Е ајде сега како да зборуваме за демократија, политичка култура, разбирање дека власта не се привилегии, туку пред се’ одговорност, независни институции или со еден збор за владеење на правото и правна држава.

Како и да е, светот и по оставката на папата и по нуклеарната бомба на Северна Кореја продолжува да се врти и сепак да оди напред. Па зар ние не сме дел од тој глобален свет. Да, ама ние се вртиме во еден маѓепсан круг, кој веќе дваесетина години не’ носи кон дното.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com