Сведочењето на Богоевски истера неколку мечки

Излегувањето во јавност на сведочењето на Богоевски е вистинска „шлаканица“, пред се’, за Али Ахмети и за ДУИ од страна на „вујко Сем“

Неделава одбележавме „свечено“ со цел куп говоранции 24 години од осамостојувањето на Република Македонија. Во духот на еден класичен соцреализам со свечени академии и долги говори, кои по својата содржина ниту малку не одговараат на одбележувањето на празникот, а многу добро ја отсликуваат нашата балканска политичка култура. Како „дете на социјализмот и едноумието“ мене овие „свечени академии“ ме потсетуваат на оние оловни времиња кои настапија во некогашната држава по бранот на „либерализмот“. Кога не учите од историјата, таа ви се повторува прво како фарса, а потоа како трагедија.
Од долгиот говор на премиерот го запомнив оној дел во кој тој од позиција на својата функција, што кај нас значи пред се’ моќ, остро се пресмета со средношколскиот пленум околу прашањето за екстерното оценување. Премиерот како добар пример на екстерно оценување ја спомена и Франција, додека ставовите на средношколскиот пленум ги оцени како барања за несоодветно оценување на средношколците, а со тоа и создавање на општествени паразити. Не знам како е со екстерното во Франција, знам како е во некои други европски држави. Кога се споменува Франција знам дека таму ако на првиот училиштен час децата се однесат в црква (мислам на деца кои одат во државни училишта), како што се случи во Пробиштип, тогаш прво од служба „лета директорот“ на училиштето, па потоа надолу по ред. На пример, во Франција во училиштата е забрането ако носите ѓердан со крст, полумесечина или Давидова ѕвезда, тоа да се гледа додека сте на училиште. Ова се однесува и за учениците и за наставниците. Толку кога веќе се прават вакви недоветни компарации, кои се во функција само на докажување колку политиките на оваа влада се добри, ама, ете, некои не ги разбираат!

Многу ќе речат што сум се фатил за оваа проблематика кога во државата ни се случуваат многу поважни работи – од аферата со поткупот на „Маѓар телеком“, која пукна откако беше објавено сведочењето на Слободан Богоевски, некогашен директор на ДБК, пред судот во САД. Оваа афера само дополнително го поткрепува фактот за коруптивноста на нашите политички елити, ама истовремено ја потврдува онаа народна мудрост „врана на врана не и’ ги копа очите“ кога станува збор за лукративни интереси. Деновиве кај нас многу се зборува, пишува, имаме телевизиски емисии, ни се изредија цел куп експерти, ама барем засега, како и пред неколку години (кога обвинител беше Шврговски) нема реакција од надлежната институција – Јавното обвинителство.

На сето ова треба да се гледа од еден друг политички аспект, па ако сакате и порака. Прво, излегувањето во јавност на сведочењето на Богоевски е вистинска „шлаканица“, пред се’ за Али Ахмети и за ДУИ од страна на „вујко Сем“. Не знам што „згрешиле“ ДУИ и господин Ахмети кон својот најголем поддржувач Вашингтон, ама не држи вода одговорот на интегративците дека зад ова стоеле тајни служби од соседството кои се против Албанците. Затоа се повикуваат Албанците да застанат зад Ахмети и ДУИ, бидејќи тој и неговата партија се единствените заштитници на албанската кауза. Уште едно класично, нема да речам националистичко соопштение, туку веќе видени соцреалистични (сталинистички) комуникеа.

Објавувањето на сведочењето на Богоевски е исто така непријатно и за ВМРО-ДПМНЕ, односно и за Груевски и неговите најблиски соработници. Како и да е, Американците ништо не прават случајно и барем во овој момент се има впечаток дека Вашингтон решил да ја „проветри“ нашата политичка сцена и нашите лукративни политички елити.

Би сакал да предочам и една друга димензија, која ја потврдува мојата теза дека ние немаме државотворен капацитет. Ние сме единствена држава во која бивши и актуелни директори на тајната полиција се бават со, најблаго речено, „чудни“ бизниси. Ако Богоевски се дружел со грчкиот бизнисмен Кондоминас (замешан во цел куп „бизнис зделки“ речиси со сите влади) дали во тоа лукративно пријателство не „провалил“ некои државни тајни. Понатаму, зошто Богоевски ако знаел за ова и тоа детално, не го изнел дома пред надлежните органи туку пропеа откако беше осуден за една друга „посредничка“ зделка. За волја на вистината, Богоевски во бизнисот (барем јавно) влезе откако се пензионира, ама, на пример, господин Мијалков додека беше директор на ДБК се занимаваше со бизнис во Чешка.

Сите оние кои и малку се разбираат на разузнавањето и контраразузнавањето ќе ви кажат дека вакво нешто е недопустливо за директор на тајната полиција. Теоријата а и практиката покажуваат дека преку ваков тип на „бизнис“ лесно се пенетрира во безбедносните структури на една држава. Некој ќе рече дека и во САД топ-политичари, бивши генерали или шефови на ЦИА се бават со бизнис. Точно, ама се занимаваат со бизнис пред се’ во функција на глобалната американска политика, односно нивните фирми и компании вршат услуги на државата онаму каде што таа не може официјално да се појави. Таква е, на пример, компанијата „Браун и Рут“, потоа „Блеквотер“ и други, во кои, на пример е и еден Дик Чејни и цел куп пензионирани генерали, директори на разни агенции…

Фактот дека некој кај нас со години незаконски прислушувал или последните случувања во Куманово јасно зборуваат дека нашата тајна полиција е изрешетана како швајцарско сирење. Бизнис и раководење со ДБК не одат рака под рака. И сега повторно чекаме некој друг да ни го реши проблемот со прислушувањето, со поткупувањето на нашите политичари од страна на „Маѓар телеком“, бидејки за нашето обвинителство нема индиции за отворања на постапка. Дури сега се „шушка“ дека и оваа афера треба да му се прикачи на специјалниот обвинител ако тој биде избран.

И така, ете, стигнавме до најжешкиот политички костен од договорот од Пржино како услов за разрешување на кризата. Сега за сега, разликите во партиските ставови е дали да се избере еден специјален јавен обвинител (тоа е ставот на ВМРО-ДПМНЕ) или со него да се изберат уште неколку заменици обвинители, имајќи предвид дека станува збор за голем број материјали. Ама тука не застанува работата. Цел куп експерти тврдат дека ако имаме специјални јавни обвинители ќе треба и специјален суд инаку ништо нема да биде. Иако кај нас Уставот и законите не предвидуваат специјални обвинители, а уште помалку специјални судови, сега странците предлагаат посебно обвинителство за аферата „Прислушување“. Причина е фактот дека кај нас судството и обвинителството веќе 24 години се партизирани, а актуелната власт тоа го доведе до совршенство.

Сега останува дилемата дали со аферата за корупцијата од страна на „Маѓар телеком“ странците сакаат да направат некое мало проветрување на нашите лукративни политички елити или преку ова сакаат да дојде и до вистинска правна разрешница на аферата со прислушувањето. А со тоа дефинитивно решиле да не’ кренат на две нозе и полека ама цврсто да чекориме, односно да функционираме како правна држава. За жал, ние самите немаме капацитет, односно не сме Гватемала, за што пишува во вчерашната колумна колегата Љупчо Поповски. За жал, ние како општество и како граѓани немаме волја или не сме зрели за Diktator Interregnum, како што во својата колумна од понеделникот пишуваше Арсим Зеколи.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com