САМОИЗМАМАТА на СУДИИТЕ

Многу расправи за зависноста на судството. На првите луѓе во него сите им се виновни, само тие не. Да имаше барем една оставка и некој да покажеше дека се чувствува одговорен за пропаста во која се наоѓа судството

До каде оди нашата трагикомичност како држава и како општество, најдобро се гледа од неколку настани што се случија неделава, барем до пишувањето на колумнава. Во таа трагикомичност, односно немање ниту чувство ниту волја за она што се вика државотворност, убеден сум дека ќе се вклопат и настаните поврзани со преговорите на „големата четворка“, водени со помош на диригентското стапче на олеснувачот Ванхауте.
Да одиме по ред. Во вторникот во организација на МАНУ се одржа расправа посветена на правосудството, односно неговите реформи. Вакви „научни“ расправи се наслушавме по секој извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија, во кои по правило најмногу забелешки има околу нашето „независно самостојно и стручно судство“. Ама од сите овие силни расправи нема ништо. Можеби сега мотивот за ваква расправа беше извештајот на Прибе или, пак, неодамнешната прослава по повод 70 години од формирањето на Врховниот суд!? Тоа што ме изненади е фактот дека на чело на масата покрај првиот човек на МАНУ, Владо Камбовски, седеа две дами. Едната амбасадорка на Германија, другата, ако не се лажам, амбасадорка на ОБСЕ. Некој ќе рече, па што има лошо во тоа. Се прашувам што бараат амбасадори на научни средби организирани од МАНУ како највисока научна институција. Барем за мене, ова е најблаго речено чудно! Во нашата трагикомична држава се нагледавме цел куп „дипломатски“ настапи на цел куп амбасадори или чиновници од вториот ешалон на разни држави или меѓународни организации и асоцијации. Само да потсетам на она фамозно покажување на часовникот, демек не е пет до дванаесет туку веќе дванаесет и пет минути. Или она кога еден од американските амбасадори случајно го шеташе низ Трговски центар во Скопје своето куче, па случајно се сретна со еден од кандидатите на претседателските избори (Бранко Црвенковски) и случајно отидоа на кафе и случајно имаше цел куп камери. Што има дипломатски во амбасадорскиот брифинг пред владата, пред десетина дена.

Ама да се вратам на последниот настан во МАНУ. Германската амбасадорка, госпоѓа Алтхаузер, на трибината на собраните академици, судии, членови на Судскиот совет, професори и други сеирџии мошне остро и ниту малку дипломатски им кажа дека нашето судство и судиите се далеку од она што се вика независно и професионално судство. Во суштина, ништо ново, односно амбасадорката Алтхаузер само ги повтори констатациите кои се наведени во извештајот на Прибе и кои досега исто така беа во сите извештаи на ЕК. Но, нешто друго би сакал да споделам. Меѓу присутните беше и претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова, која само една недела пред тоа остро ги нападна новинарите и медиумите дека само тие вршат притисок врз судиите и судството. Сега на оваа амбасадорско (не)дипломатска констатација, која директно е насочена и против неа како претседател на највисоката судска институција, не собра ниту аргументи, а уште помалку храброст да се спротивстави. Што би рекол народот, си ја свитка опашката.

Во тој стил на свиткување на опашката, би рекол на ’рбетот е и Советот на јавни обвинители на чело со претседателот Аневски, а се однесува до изборот на тимот на специјалниот јавен обвинител. Ако минатата недела Аневски пред камерите изјавуваше дека тие како Совет на јавни обвинители се независно и стручно тело и не ги интересира партискиот договор од Пржино, па затоа избрале само седум помошници на Јанева, сега се премислија и избраа уште петмина. Претседателот на Советот на јавни обвинители, Аневски, ако навистина стои зад своите изјави дека се тие независна и исклучиво стручна институција, за да ја заштитат таа независност и стручност требаше во вторникот пред гласањето да си даде оставка.

Ама кај нас се забораваат сите принципи, па дури и она што сме го рекле, кога е во прашање убава и мека фотелја, плус висока плата и други бенефиции. Заедно со него оставка требаше да си даде и државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски, кој така „храбро“ изјави дека специјалното обвинителство е политичка институција и дека само неговото обвинителство е според Уставот и најави дека ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за преиспитување на уставноста на Законот за специјалното јавно обвинителство, ама од ова барем засега ништо. Колку во сето ова има самостојност, односно колку има вистински ’рбет, а не гума – пресудете сами.

Кога споменав оставка, се надевам дека мојот „омилен министер“ за здравство ги следи настаните во Романија. Тамошниот премиер по трагичните настани во дискотеката во Букурешт и граѓанските протести си поднесе оставка. Ама, по се’ изгледа, нашиот Нино успешно е опериран од она што се вика објективна одговорност, а со тоа поимот оставка му е „туѓо тело“. А, фала богу, мојот „омилен министер“ има цел куп доктори, пред се’ директори на клиники и болници, кои жестоко го бранат и ако треба тие ќе се жртвуваат тој да остане бидејќи без него нашето здравство ќе се урниса. А какво ни е здравството покажуваат цел куп трагични настани ама и цел куп „црни“ здравствени статистики со кои сме некаде во врвот во Европа. Можеби и за ова се виновни новинарите, барем оној дел кои не се патриоти според методологијата што ја наметнаа ВМРО-ДПМНЕ, ама и ДУИ. А потоа беше одлично имплементирана од медиуми и новинари кои сами се нарекуваат патриоти, ама и платени преку владини реклами.

Методологија и практика која неделава многу остро ја осуди и комесарот за проширување Хан, кој во Брисел пред група новинари од Западен Балкан изјави дека има влади кои новинарите кои пишуваат критично за нивното работење ги прогласува за предавници и дека без слобода на изразувањето, односно слобода на медиумите, нема Европа. Нашиве патриоти новинари и патриотски медиуми за ова ниту збор. Ама ако судиме по некои „сериозни коментари и анализи“, има и некои незадоволници и кај самопрогласените „демократи новинари и нивните медиуми“. Се прашувам и таму да не секнало изворчето. За жал, одамна кај нас се заборави на основниот новинарски принцип – а тоа е професионалноста.

Секако шлагот на оваа трагикомична состојба, која ни се влече веќе 25 години, а своја кулминација доживеа со таканаречениот договор од Пржино, по се’ изгледа ќе се случува денеска (четврток), додека ја пишувам колумната и утре (петок) додека вие го читате „Утрински“. Посредникот Ванхауте се врати од Брисел полн со оптимизам околу имплементацијата на договорот од Пржино. Дали тоа значи дека јас очекувам лидерите на четирите партии дефинитивно да се договорат?! Без разлика како ќе завршат преговорите, јас лично мислам и тоа веќе уште во септември во една колумна го напишав, а речиси папагалски го повторувам, дека договорот од Пржино кои се темели на извештајот на Прибе е мртов. Сега се преговара само како Вашингтон, а пред се’ Брисел, преку имплементација на договорот да покажат дека нешто направиле.

На нашава четворка, односно четирите партиски фамилии, од преговорите им е битно само едно. За сегашната опозиција како преку Пржино да дојдат на власт, а другите како да останат на власт. Односно, и едните и другите како да се спасат себеси. Во суштина и со ваква имплементација на договорот системот во кој живееме ќе остане и по 24 април ако имаме тогаш избори, па без разлика кој ќе победи. Во тоа е таа наша трагедија, која сега има многу елементи на комичност.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com