РЕКЛАМНО ОПШТЕСТВО

Субрата Рој, иако Индиец, покажа дека ја совладал онаа типична смисла за британски хумор, па изјави дека Македонија била држава без корупција

Субрата Рој, покрај инвестиции во туризмот и земјоделството, ни го донесе и Тони Блер, бившиот премиер на британската влада. Блер денеска важи за некогашен политичар кои за своите настапи на најразлични манифестации, конференции и други настани, на кои им е потребна ваква позната „фаца“ од светот на политиката, наплатува највисоки хонорари. Во развиениот свет врвните политичари откако ќе ја завршат својата политичка кариера заработуваат милиони токму на овој начин, плус како советници или членови на најголемите корпорации. Кај нас е обратно, додека си во политиката заработуваш, а потоа уживаш во заработеното.

Се сеќавам кога бившиот американски претседател Бил Клинтон на годишнината од масакрот во Сребреница одржа получасовен говор и наплати околу 350 илјади долари. Разбирливо, ние овде никогаш нема да дознаеме колку Блер наплатил од господинот Рој за својата присутност и говор, ама тоа ќе го знае даночната управа на Велика Британија, бидејќи Блер сигурно ќе пријави колку заработил во Скопје. Инаку, Субрата Рој иако Индиец покажа дека ја совладал онаа типична смисла за британски хумор, па така во својот говор објаснувајќи зошто ја одбрал Македонија за своите инвестиции истакна дека покрај природните убавини и искрени и отворени луѓе, замислете Македонија била држава без корупција!!!

Блер дојде, се сретна со премиерот и претседателот, одржа говор во прекрасната сала на обновениот театар и си замина. Секако, остана телевизиски снимки и детални извештаи на повеќето телевизии. Зошто ова го споменувам? Бидејќи идната година во март ќе треба да се одржат претседателски избори, а се шушка дека се можни и парламентарни. Нема да ме изненади ако посетата на Блер и изјавата на господин Субрата Рој влезат во некој предизборен рекламен спот под заедничкиот именител „Остваруваме“.

Во суштина, во последниве неколку години фактички од предвремените избори во 2008 година владините реклами заедно со перманентна неспособност на опозицијата, која се’ уште е во фаза на „слободен пад“ станаа главните столбови на владеење на сегашната Влада. Ама и со рекламите не оди секогаш глатко. Советот за радиодифузија, по протестот на некои невладини организации, донесе одлука рекламата против абортусот (направена во функција на владината кампања за зголемување на наталитет), во која тој е изедначен со убиство, да се прикажува само по полноќ, а никако во таканаречениот „прајм тајм“ . Владата е незадоволна од одлуката, ама ќе ја почитува, демек, не се меша во самостојноста на СРД. Навистина одамна не сум видел ваква одлука за која народот би рекол не е „ниту риба ниту девојка“. Фалеше Советот за радиодифузија само да и залепи налепница +18 ( за постари од осумнаесет години) и богами дури тогаш ќе имавме вистински „бејби бум“.

Верувам дека сите се сеќаваме на рекламите „Осмели се“ и „Направи го првиот чекор“ како поддршка на владината политика за самовработување, односно намалување на невработеноста. И, нормално, во духот на константата на актуелната влада „Остваруваме“ бројот на невработеноста, ете, се намалува. Заводот за вработување, ако не се лажам во рок од една година, направи двапати прочистување на списоците на невработени, воведе категорија активни и пасивни баратели на вработување и ете го резултатот. Можеби овие од Државната изборна комисија би требало да одат кај своите колеги од Бирото за да научат како да ги прочистат избирачките списоци, а богами можеби ќе научат и да се рекламираат. Ние се’ повеќе стануваме рекламна (advertising) држава дури и на меѓународната сцена, додека дома веќе одамна сме „рекламно општество“. Ако во антички Рим владејачките елити на плебејците им давале леб и игри, ние сега како граѓани „уживаме“ во рекламите на владините политики.

Опозицијата не знае ниту да се „рекламира“. Откако првите четири-пет години од седењето во опозициските клупи се занимаваше со становите на премиерот (заборавајќи дека тоа прашање го апсолвира Антикорупциската комисија), сега се „пушти“ по становите на госпоѓа Јанкулоска. И, како по обичај, повторно ќор-фишек. ВМРО-ДПМНЕ одговори со „тендерите“ на Заев. Лично мислам дека и ова е ќор-фишек. Во нормални држави по вакви обвинувања надлежните институции би ги зеле работите во свои раце и исклучиво според законите овие обвинувања би ги потврдиле и санкционирале или би ги отфрлиле како неосновани. Дали треба да потсетувам на некогашниот генерален секретар на НАТО, Вили Клас, или на поновите примери близу до нас, како што се аферите на Санадер и Јанша, на британскиот пратеник кој заврши во затвор токму поради стан, односно судир на интереси… ама и ова мое потсетување е ќор-фишек, бидејќи станува збор за држави во кои владее правото и за општества во кои имаат сосема друга матрица на политичката култура.

Како и да е, ни престои политички пеколно жежок период кој ќе трае некаде до март. Во вторникот лидерот на опозицијата, Зоран Заев, изјави дека ако има предвремени парламентарни избори, а пред тоа не се направат измени на Изборниот законик и ако не се прочисти Изборниот список, тогаш тие нема да одат на избори, односно нема да даваат легитимитет и алиби на криминални избори. Малку остана нејасно дали Заев ги бара истите услови и за претседателските избори, бидејќи најави дека опозицијата ќе оди со заеднички кандидат, кој нема да биде партиски определен. Ќе се нагледаме реклами ќе се наслушаме најразлични обвинувања, кои потоа брзо ќе се заборават и ќе останат без разрешница. Сето ова го покажува забрзаниот процес на ентропија (самоисцрпување) кај актуелните политички елити. Прашањето е само до кога како граѓани, како општество и како држава можеме да преживуваме. Одговорот е кај нас, граѓаните.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com