РЕЗУЛТАТ ШТО ЌЕ ОТРЕЗНИ МНОГУМИНА

Заев и СДСМ можат до идниот петок да не’ засипуваат со уште два милиони афери, ама сега е доцна и не пали кај избирачите

Реално гледано, резултатите од првиот круг на претседателските избори не се некое големо изненадување. Пред две недели токму тука ги навестив и како „локал патриот“ галичанец напишав дека ме боли што една иста персона која ете си намигнала со Обама и се „фура“ на „разумен компромис“, два пати по ред не’ победува нас галичаните на претседателските избори (Фрчкоски и Пендаровски имаат галички корени). Дури ниту отвореното писмо на професорот Шкариќ полно со разочарувачки емоции од својот пулен, кому тој пред пет години прв му ја потпиша иницијативата, ниту за еден процент не ја намали „популарноста“ на Иванов.Инаку, вакви писма, според мене, во суштина само ја изразуваат политиканската култура на поголемиот број домашни „интелектуалци“. Се прашувам дали пред пет години професор Шкариќ не знаеше дека Иванов дипломирал со седумка на Правниот факултет, дали Шкариќ дури сега му текна дека во заедничките „научни трудови“ со Иванов негово е 90 до 95 проценти, а рестото е на нашиот „претседник“ и негово довчерашно „протеже“. Или по неколку години поминати во добиената канцеларија во претседателската резиденција интелектуално сте утврдиле дека Иванов не заслужува втор мандат.

Јас лично, со сето моја „дребност“, тврдев дека тој не го заслужува ниту првиот. Затоа сега да не се чудиме зошто нашите политички елити не ги боли уво што мислат нашиве „интелектуалци“ и зошто многу голем дел од нив се „продаваат“ за триесетина сребреници.

Тоа што повеќе ме изненади беа неко самоубиствени потези на ДПА, кои многу одат во корист на ДУИ, чие раководство со „идејата“ за консензуален претседател (ДУИ може да предлага заеднички или коалициски кандидат а не консензуален) успеа да го мобилизира албанскиот електорат. ДУИ со ова успеа да ги избрише од меморијата на Албанците сите оние ветувања (НАТО ЕУ, но и многу други) кои интегративците, а пред се’ Али Ахмети ги даваше, што би рекле Србите, „и капом и шаком“. Со тоа не само што го бојкотираат и единствениот албански кандидат за претседателските избори, туку убеден сум дека на парламентарните избори идната недела ДУИ ќе биде апсолутен победник кај албанскиот електорат.

Што се однесува до СДСМ, навистина е веќе бизарно од 2006 година да не може внатрешно да се стабилизира како сериозен политички субјект и како таков да настапи на избори, без разлика дали се тоа локални, претседателски или парламентарни. Сетете се како беше она „одам не одам“ на последните локални избори, па потоа дојдоа странците ги „потегнаа за уши“ и доживеаја катастрофа на гласањето. Во меѓу време Јакимовски како градоначалник на Карпош формира своја партија, имаше свој претседателски кандидат, кој освои скромни 31 илјада гласови во првиот круг, но ако се погледа концентрацијата на гласовите, ГРОМ може да влезе во парламентот со два пратеника. А тоа се гласови, пред се’, од избирачкото тело кое барем ја преферира левата опција.

Ајде сега малку „весела математика“. Ако Стевче Јакимовски останеше во СДСМ, тоа значи барем 31 илјада гласа повеќе за Пендаровски, односно разликата од првиот круг би била под сто илјади гласа (некаде би се свеле на 80-90 илјади) со што се руши магијата за непобедливост во вториот круг. А што би значеле за парламентарните избори тие 31 илјада гласа каде што имаме пропорционален модел не треба посебно да се истакнува.

СДСМ ни нуди враќање на средната класа, термин кој, најблаго речено, многу малку луѓе го разбираат. ВМРО-ДПМНЕ нуди две илјади и кусур проекти кои колку да се само виртуелни кај луѓето (барем овде кај нас) будат барем чувство за некоја каква таква егзистенција и стабилност. И ако тука се додаде барањето на ВМРО-ДПМНЕ да освои 62 пратеници, демек, да не ги уценувал коалицискиот партнер ДУИ, ете ви и политичка сигурност. Затоа нема да ме изненади ако ВМРО-ДПМНЕ го оствари ова.

За жал, СДСМ сега најавува радикални чекори до вториот круг на претседателските избори и парламентарните. Не знам што подразбира господин Заев под „радикални“ чекори. Дали е тоа обелоденувањето на оние 1,5 милион евра кои „под маса“ ги зел Груевски од домашен бизнисмен и ги употребил за „купување гласови?“.

Можат Заев и СДСМ до идниот петок да не’ засипуваат со уште два милиони вакви афери, ама сега е доцна и не пали кај избирачите. Напротив, мислам дека ова само ќе им штети. Дали тој радикализам значи она што го застапува Героски, бојкот на вториот круг на претседателските избори. Пардон, Героски се поправи во средата, сега ја застапува тезата да се оди во вториот круг и на парламентарни, ама ако опозицијата ги изгуби, да не влезе во парламентот, односно да ги врати мандатите. Искрено верувам дека овие идеи, кој односниот автор ги има уште од времето на „Отпорот“ и на онаа историска „лада нива“, нема да допрат до СДСМ, посебно не до оние пратеници кои со волјата на избирачите ќе добијат мандат.

За жал, сето ова е наша реалност во која вистинската демократија, вистинска граѓанска свест и одговорност, вистинска интелектуална критичност и независност од дневната политика, никогаш не дозволивме да се развие. А без критична маса не можете да направите ниту солидна експлозија, а камоли држава.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com