РЕБРЕНДИРАНА МТВ – ТРЕТ ДЕЛ

И покрај сите „ребрендирања“, кадровски промени и ангажман на ОБСЕ, МТВ не мрднува од функцијата трансмисиски сервис на државата

Причината за овој трет дел посветен на „ребрендираниот“ јавен сервис МТВ е најновиот скандал околу сметките за претплата. Како што е познато, МРТ испрати сметки за претплата до сите членови на едно семејство, а не само до оној на кој гласи претплатата. Во практика тоа значи дека МРТ како јавен информативен сервис ги има матичните броеви на сите членови на едно семејство и секако адресите.
И, замислете, на сето ова од страна на јавниот „ребрендиран“ јавен сервис, поточно од водството стигна само едно штуро и нејасно извинување и толку. Надлежниот државен орган, поточно Агенцијата за заштита на личните податоци, демек, сега ќе испитува како МРТ дошла до личните податоци на граѓаните, дури верувам дека можеби ќе падне некоја „ситна казна“ и толку. Што би рекол народот „и волкот сит и овците на број“, дури и оние во МРТ (ова ве молам сфатете го како алегорија).
Инаку, МТВ од своето ново „ребрендирање“ многу често се извинува. Се извини за вистинскиот скандал околу наводното претепување и смртта на момчето од Грција од македонско потекло и телопот „Бог да го прости“, ама ништо повеќе, одговорност нема. Некако се’ ми личи на онаа „извинете шега“.

Е сега за момент да се преселиме во Велика Британија околу најновиот скандал околу педофилијата на некогашниот водител во Би-Би-Си. Таму веќе летаа глави, падна уредникот на вечерните вести, а генералниот директор на Би-Би-Си сега ќе мора да одговара пред надлежниот Kомитет на британскиот парламент, во моментов и му се тресе неговата фотелја, иако тој е само еден месец на оваа функција, а аферата се случила многу одамна пред неговото доаѓање. Верувам дека нашите читатели токму преку „Утрински“ добро знаат за што станува збор во оваа афера, но сакам уште еднаш да истакнам дека водителот педофил почина минатата година. Некој ќе рече дека педофилијата и испраќање сметки до сите членови на едно семејство не е исто. Да, точно ама во Би-Би-Си „летаат глави“ само затоа што не била пуштена информација во вечерните вести за оваа афера, која, за жал, се открива по смртта на водителот педофил.

Од друга страна, сите знаеме како можат да се злоупотребат личните податоци, а ако се има предвид нашата политичка и правна култура и воопшто функционирањето на правната држава, тогаш навистина е загрижувачки кога јавниот сервис располага неовластено со личните податоци на граѓаните.

За жал, во МРТ и по најновото „ребрендирање“ професионалните критериуми остануваат „шпанско село“, ама затоа оној рефлекс на трансмисиски ремен и понатаму е присутен. На пример, на 17 овој месец кај нас во официјална посета беше претседателот на унгарскиот парламент Ласло Ковер. Тој ден во државата немавме ниту еден поголем, ајде така да речам, „државнички“ настан. Ама МРТ својот централен дневник во 19,30 часот го почна со учеството на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на состанокот на европските демохристијански и народни партии во Букурешт, значи партиски настан.

Добро, Груевски е премиер, а на состанокот имаше цел куп премиери, арно ама во извештајот на МТВ слушнавме и видовме само за настапот на Груевски кој на своите колеги им ги пренел препораките на Европската комисија за добивање датум и побарал поддршка од своите партиски колеги и толку. За тоа што на состанокот европските конзервативни партии усвоија Декларација против геноцидот во прилогот немаше ниту збор. За „професионалците“ од МТВ не е битно. Понатаму, во дневникот следеше прилог кој пријавил најголема заработувачка за минатата година, па изјава на министерот за труд и социјална политика за ставот на Владата околу еднополните бракови и посвојување деца, па информација за Бошкоски околу неговата вмешаност во убиството на Тушевски, па информација за настаните по фудбалската средба со Србија… и така дојдовме до 19 часот и 55 минути и тогаш беше објавен прилогот од посетата на претседателот на унгарскиот парламент Ласло Ковер.

Веднаш да кажам дека прилогот од новинарски аспект беше направен професионално, ама да го емитуваат на крајот на дневникот, а редоследот во информативните емисии има и своја тежина и бара професионални критериуми, кои во овој случај ги немаше. Некој ќе рече дека го бранам својот „шеф“, што не е точно. Унгарија е членка на ЕУ и НАТО и е една од поактивните членки на Вишеградската група на држави, а интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО ја гледа како своја стратешка цел. Тоа господинот Ласло Ковер многу јасно го кажа и пред медиумите. Понатаму, тој многу јасно изјави дека решавањето на проблемот со името е услов за влегувањето во ЕУ, но тоа не може и не смее да биде услов за почеток на преговорите со Брисел. И, на крајот, гостинот од Унгарија придружуван од претседателот на Собранието Вељаноски е првиот државник (а не висок дипломат како што беше најавено во Дневникот) кој положи венец на Споменикот на паднатите херои за Македонија, со што овој споменик добива и друга функционална димензија.

Ако овие „ребрендирани професионалци“ од МТВ сакаат да бидат толку многу „државнички“ барем овој факт да го почитуваа, ама тие се далеку од професионалните критериуми, а светлосни години оддалечени од чувство на одговорност. И сега да не испадне дека мојата критика се однесува само на еден настан, кратко да потсетам на неколку други. На пример, како се известува од претседателските избори во САД, а посебно како се пренесоа телевизиските дуели меѓу Обама и Ромни, а МТВ има свој дописник во Вашингтон. Или глупоста дека половина од обвинетите во случајот „Метастаза“ биле осудени на „условна слобода“… и така добивме нова правно-казнена терминологија.

Како и да е, дури веќе почнувам метафизички да се сомневам (а јас закоравен агностик) дека сепак во зградата на МТВ градена во времето на еднопартискиот систем, се’ уште се шета духот на државниот етатизам. Па така и ден денеска покрај сите „ребрендирања“, кадровски промени и ангажмани на меѓународниот фактор (ОБСЕ) МТВ не мрднува од функцијата трансмисиски сервис на државата.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com