РЕБРЕНДИРАНА МТВ, ВТОР ДЕЛ

На Грците им дадовме уште еден „идиотски адут“ да спинуваат дека ние не сме за добрососедски односи

По сето она што се случуваше во неделата околу наводното убиство на македонско момче во соседна Грција, навистина се прашувам уште колку „ребрендирања“ му треба на јавниот сервис МРТВ за да почне барем да наликува на она што му е основната функција објективно и професионално информирање. За жал овој настан не само што ја отсликува бедата на македонското новинарство туку многу сигнификантно покажува дека тие трендови на урнисување на новинарската професија продолжуваат без никакви консеквенции за никого. Со извинување од страна на новопечениот одговорен уредник на МРТ демек ете било грешка и дека новиот тим се’ уште се усогласува ( ало, тимот се луѓе а не клавири па сега им треба мајстор за штимување за да свират во ист тон) само се потврдува дека тонењето на МРТВ и воопшто на македонското новинарство продолжува. Само да потсетам дека актуелниот уредник пред тоа да стане, беше ангажиран токму од страна на МРТ како експерт да биде обучувач на новите млади и ребрендирани новинарски сили во МРТ. Чудно, тој ист новинар беше уредник и во А1 кога овој медиум ја раскринка онаа афера позната како „Кољо Дијамантот“ на која „настрада“ ДУИ. Ама не е чудно дека тогаш ДУИ беше во опозиција а А1 беше во љубов со Владата.
И уште нешто. Бидејќи во МРТВ сум ги поминал сите скалила вклучувајќи и одговорен уредник добро знам како се одвива комуникацијата за да се донесе одлука ваква вест да биде објавена. Затоа сум убеден дека сите хиерархиски структури во МРТ знаеле и за веста и одобриле таа да се објави, како и телефонски да се разговара и со Тодор Петров кој го кажа тоа што го кажа. Во принцип не сум за „сечење на глави“ ама ако се има и трошка професионален дигнитет треба достоинствено да се превеземе одговорноста на себе и да се повлече од функцијата. Само така може да се зачува личниот интегритет, само така може да се зачува и да јакне професионалниот интегритет на новинарската професија, а само така може МРТ како јавен сервис да ја има вистинската позиција и улога во медиумскиот простор. Советот на МРТ што не ме изненади исто така донесе најблаго речено една хермафродитна одлука која ама ниту малку нема да помогне на МРТ. Патем не знам зошто се заборава Македонското Радио каде што се направи истото а згора на тоа беше сменета и програмската шема па беше симната познатата емисија „Хикирику“. Само не знам дали одговорниот тоа го сторил поради жалост за “загинатото момче“ или сметал дека авторот бил премногу „сатиричен“ до Владата или некој министер.

Дали некој воопшто помислува дека со ова на Грците им дадовме уште еден „идиотски адут“ да спинуваат дека ние не сме за добрососедски односи, а во овие дваесет години верувам сите се убедивме во способноста на грчката дипломатија да манипулира и да спинува во своја корист.

Каде е новинарството кај нас за жал го отсликува друг навистина трагичен настан, кои се случи во болницата во Чаир. Навистина е човечки да прочиташ топло изречени зборови за трагично загинатиот доктор, ама ниту еден медиум по настанот не тргна да истражува каква е состојбата со бојлерите и туш кабините во другите болници и клиники. Никој не постави прашање дали во куративата во болниците има поставено безбедносни склопки ( или како се именуваат стручно) кои препречуваат вакви струјни удари. Никој не му постави прашање на актуелниот министер кој ете лично и ненајавено сака да ги проверува состојбите по болниците и дали ги проверил и зошто не ги проверил заштитните механизми. А само да потсетам дека пред една година во Струга токму од исти причина (струен удар) тројца луѓе ги загубија животите. Зарем некој од медиумите тогаш го постави прашањето што надлежните институции направиле во јавни објекти, болници, хотели, училишта, кафеани, односно јавни објекти во најширока смисла на зборот се вградени заштитни механизми против струјни удари, кога на пример миете само раце.

И така македонското истражувачко новинарство се сведе на сурфање по интернет порталите и по фејсбукот на секоја шуша која ете благодарејќи на технолошкиот развој и процесите на глобализација станува фаца на која се повикуваат медиумите.

И сега слушаме демек новиот закон за декриминилизација на клеветата со одредбата за привремена мерка ја гуши слободата на медиумите и истражувачкото новинарство… И пак еден пример, судот во Франција неодамна прво донесе привремена мерка за забрана на објавување на „топлес“ слики од британската принцезата Кејт а потоа донесе и дефинитивана одлука. Примерот некој ќе рече дека не е баш соодветен, ама привремена мерка имаат и во развиените демократски држави кога станува збор за клевета или навреда. Разликата е во нешто друго и тоа го прифаќам. Таму судството е независно …. Па затоа не треба да се критикува одредбата привремена мерка туку да се бара судството да биде онака како што го дефинира Уставот…ништо повеќе и ништо помалку. Е некој ќе рече што сум се фатил за Британците и Французите тие и така најблаго речено се „фрикови“. Првите пијат чај во пет, воведоа парламент и возат по лево, вториве како принципи ги воведоа слободата и рамноправноста како врвни принципи во општеството, медиумите никогаш не прават афери од љубовните животи и вонбрачни излети на политичарите…

Како и да е во минатата колумна напишав дека најновото ребрендирање на МТВ е само козметика и фарса, која нема ништо да промени не само во Јавниот сервис туку воопшто во медиумскиот простор кај нас. И верувајте ниту малку суетно не сум задоволен што сум во право.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com