РЕБРЕНДИРАНАТА МРТ

Кога политичките елити ќе сфатат дека јавниот сервис не е нивен личен сервис, туку на сите граѓани, тогаш ќе можеме да зборуваме за вистинско ребрендирање на МРТ

Ете, го доживеавме не знам по кој пат во независна Македонија таканареченото ребрендирање на јавниот сервис МРТ. Би сакал да ги потсетам читателите на нашиот „Утрински“ како во последнава деценија течеа и завршија обидите за „ребрендирање“ на МРТ. Во 2002 година тогашното водство на МРТ, секако, со амин на тогашната Влада на СДСМ под плаштот на некаков обид за „ребрендирање“ го зададе смртниот удар на МРТ како јавен информативен сервис.
Најголемиот грев на тогашното водство беше укинување на вториот канал на македонски јазик, па оттогаш до денес ние сме единствена држава во Европа во која доминантниот народ има еден програмски канал.

А да не заборавиме дека јавниот сервис не се сведува само на информативната програма, туку тој мора да обезбеди цел сет содржини од културна, образовна, спортско-рекреативна до забавна програма. За жал, денот има 24 часа и сето ова да го вметнете во тие 24 часа е невозможно.
Понатаму, тоа водство едноставно ја укина целокупната сопствена продукција на МРТ, а врв на глупоста беше давањето на зградата на МРТ на Владата, која дел од Министерството за внатрешни работи го пресели во зградата. Па така до ден-денеска сме единствена држава во светот во која јавниот информативен сервис и полицијата се под ист покрив!

Потоа, во 2006 година актуелнава Влада го донесе оној Словенец, демек по препорака на ОБСЕ, кој освен што преку ноќ доби македонско државјанство и кој богами и добро заработи, не направи ама ништо добро за МРТ и за сите нас. И сега, за да не бидам обвинет дека зборувам и обвинувам само што било направено лошо во минатото, да се вратам на најновото „ребрендирање“ на МРТ.

По се’ изгледа актуелното водство тоа ново ребрендирање го започнува и завршува со новото навистина убаво и технички современо опремено студио, и неколку кадровски засилувања. Меѓу тие нови кадровски засилувања, на местото уредник на Информативната програма сега е поставен бивш уредник од А1 телевизија. Човек кој до вчера плукаше по МРТ и манипулираше во А1. Се прашувам дали новиот уредник го сменил своето мислење за МРТ како „труба на власта“ или, пак, на актуелното водство му треба искусен уредник кој ќе знае да манипулира или се сведува на онаа народната – се’ се купува за пари, ако не може, тогаш се купува за многу пари.

Кога сме кај Информативната програма, централните вести, исто така, се визуелно ребрендирани. Водителот сега ги започнува вестите со некаква лоша драматургија, со влегување во студиото, па простум (стоејќи) ги чита најавите (што би рекле хед лајн), а притоа водителот, на пример, во средата се мислеше дали да гледа во идиот-камерата или да чита од листовите. И, ете, ребрендирањето заврши.

Ако централните вести ги започнувате со информација дека 84-годишна жена починала од нилска треска, а истиот ден имате цел куп други многу важни настани, јасно е дека во суштина ништо не се менува. Ако целава оваа недела во сите информативни емисии имате минимум по еден прилог во кој се истакнува дека стопанствениците „задоволно тријат раце“ зашто Владата им го враќа ДДВ-то (што е законска обврска), е тогаш веќе не станува збор за објективно информирање. Или ако неделава (вторникот и средата) сите медиуми во Европа и во регионот посветија големо внимание на настапот и говорот на Обама на Генералното собрание на ОН, МТВ, која има и свој дописник во САД, само со една реченица го спомена говорот на претседателот Обама. Можеби ова се должи зашто ние сме за републиканскиот кандидат!

Но, како што реков, на почетокот јавниот сервис не почнува и не завршува само со Информативната програма. На пример, ако во претпладневната Детска програма, која лично мене ми се допадна, имате редовно прекинување на програмата и ви се вртат владини реклами „Пронајди го“, тогаш „ребрендирањето“ на МРТ нема да донесе ништо во јакнењето на улогата и местото на јавниот сервис.

Во овие 20 години самостојност, МРТ не се издигна од тоа што беше во бившиот систем, трансмисиски ремен на тогашниот политички систем и политички елити. Еве, на пример, во државата во овие дваесет години се случија цел куп афери во политиката и во економијата, односно во сите сфери на општеството. Дали се сеќавате дека МТВ открила или истражувала која било таква афера. Такво нешто нема и не верувам дека ќе има. Ако се направи анализа на законската регулатива, на пример, Би-Би-Си е јавен сервис врз кој британската влада има големи ингеренции. Имено, британскиот премиер само со еден потпис може да го разреши генералниот интендант (директор) и тоа во поновата историја се случи два пати (тоа го направија Тачер и Блер). Но, Би-Би-Си и во времето на Тачер и денес важи за еден од најдобрите и најпрофесионални јавни сервиси.

Проблемот на МРТ не е во законската регулатива. Факт е дека повеќе од една деценија МТВ беше во длабока економско криза… а без пари нема ниту музика, а камоли радио-телевизиска програма. Ако го погледнете финансискиот извештај за првите шест месеци, работите се смениле во позитивна насока. За 7 проценти е зголемен приходот, кој изнесува 635 милиони денари. Навистина од некогашното нула прилив од претплатата, таа сега изнесува европскиот просек на прибирање на радиодифузната такса, која е најниска во Европа. Останатиот дел, 130 милиони денари, се пари од Владата и околу 32 милиона маркетинг. Дали се проблем новинарите и другите вработени. МРТ беше вистински расадник на новинари и други профили кои учествуваат во процесот на создавањето на телевизиската програма.

И сега каде е проблемот? Одговорот е многу едноставен – во нашата политичка култура. Кога политичките елити ќе сфатат дека јавниот сервис не е нивен личен сервис, туку на сите граѓани и на општеството во целост, е тогаш можеме да зборуваме за вистинско ребрендирање на МРТ. Се’ друго е само бледа визуелна шминка без разлика колку силно и колоритно свети во боите на нашето знаме (црвена и жолта), а ние како држава и понатаму на листата на Фридом хаус ќе бидеме во групата на делумно слободни држави кога станува збор за слободата и независноста на медиумите.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com